Дезинформација стара една година воскресна и пак ги разведе Барак и Мишел Обама

Ова не е првпат овој и други таблоидни магазини да ги разведуваат Барак и Мишел Обама, а информацијата да ја дебанкираат сервисите за проверка на факти

Ова не е првпат овој и други таблоидни магазини да ги разведуваат Барак и Мишел Обама, а информацијата да ја дебанкираат сервисите за проверка на факти

 

Пост на Фејсбук шири невистини дека поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел се разведуваат. Постот во моментот на оваа рецензија има 43 реакции, 18 коменатри и едно споделување.

Постот, всушност, пренесува вест дека „пo 30 години брак, Мишел и Барак Обама се разведуваат“, притоа цитирајќи го таблоидниот магазин Глоуб.

Мишел и Барак Обама се разведуваат по 30 години брак, пренесува „Глоуб“. Магазинот уште пред неколку години пишуваше дека поранешниот американски претседател и неговата сопруга често се расправале, но дека сега ги подготвиле документите за развод. Барак планирал да се разведе од Мишел уште пред три години, а причината била нејзиниот раскошен живот. Поранешната прва дама на САД ѝ се доверила на блиска пријателка дека сопругот повеќе не ѝ давал пари за нејзиниот скап животен стил. Според „Глоуб“, Мишел наводно задоволно ја примила веста, затоа што и така планирала да се разведе од Барак поради неговите бројни неверства, се наведува во веста.

Нашата проверка покажа дека веста е стара една година и истата веќе е дебанкирана.

Ова не е првпат овој и други таблоидни магазини да ги разведуваат Барак и Мишел Обама, а информацијата да ја дебанкираат сервисите за проверка на факти.

Во 2012 година, сегашниот американски претседател Доналд Трамп тврдеше дека парот Обама се разведува.

Американскиот бизнисмен Доналд Трамп, кој инаку го поддржува републиканскиот кандидат за претседател на САД Мит Ромни, тврди дека има несоборливи докази дека Барак и Мишел Обама се разведуваат. Споменатите документи Трамп наводно ќе ги објави денес, но неговата портпаролка тврди дека не знае точно за какви документи станува збор, пренесува Дејли мејл.„Знам само дека ќе ги објави на Фејсбук и Твитер, но не знам во кое време“, истакнала Холи Лоренцо.

Исто така, авторот на биографијата „Аматерот: Барак Обама во Белата куќа“, Едвард Клајн, тврдеше дека Барак и Мишел веќе биле пред развод, и тоа во 2000 година. Причина за тоа наводно било тоа што сегашниот претседател не ја послушал својата сопруга да не се натпреварува со демократот Боби Раш за место во американскиот Конгрес.

Во 2014 година, The National Enquirer објави дека Барак и Мишел Обама се разведуваат, бидејќи Барак имал љубовница.

Американскиот претседател Барак Обама е во љубовна врска со американската амбасадорка во Јапонија и член на славното американско претседателско семејство Кенеди – Керолајн Кенеди – пишува Enquirer. “Јавна тајна е дека Мишел и Барак Обама ќе се разведат, но чекаат да му заврши мандатот на претседателот за да го сторат тоа – напиша член на јапонскиот парламент Казиуки Хамада на својот блог на 5-ти април.

Таблоидот Глоуб во ноември 2019 година ја објави веста дека Барак поднел барање за развод од Мишел.

Барак Обама тајно и удри шлаканица на сопругата Мишел со документи за развод – откако извори велат дека тој конечно се заситил од нивниот токсичен брак заради серијата непријатни борби! Поранешниот прв пар и двајцата биле видени без венчални прстени во последните неколку недели – и нивни пријатели за Глоуб велат дека секој се подготвува за борба без забрани за заедничкото богатство од 150 милиони долари!

 

 

Оваа вест на Глоуб една година подоцна повторно почна да се реобјавува но како потсетување дека била лажна, па оттаму и почна повторно да се пренесува како вистинита. Gossip Cop веќе ја дебанкираше оваа вест пред една година, а сега повторно потсети на неа со цел да го потврдат своето тврдење, истакнувајќи дека Обама се уште се во брак.

Минатата година, еден таблоид тврдеше дека поранешниот претседател Барак Обама „и удрил шлаканица“ на неговата сопруга Мишел Обама со документи за развод, по серијата непријатни борби. Во срцето на проблемот меѓу нив беше раскошниот начин на живот на Мишел, откриени извори, како и наводно скитното око на Барак. Gossip Cop ги отфрли гласините во тоа време, но ќе погледнеме назад на приказната за да видиме дали неодамнешните настани ќе предизвикаат да го преиспитаме нашето првично мислење.

Тврдењето на Глоуб дека двајцата биле видени без венчалните прстени Gossip Cop го објаснува со тоа што Мишел Обама била сликана откако  вежбала и дека е вообичаено луѓето да вадат накит, особено сентиментален накит како венчални прстени, за време на тренингот. Што се однесува до прстенот на Барак, тој често го вади прстенот пред закажаните состаноци кога се сретнува и поздравува, за да биде безбеден.

Понатаму, Gossip Cop посочува дека „една година по објавувањето на приказната, уште појасно е дека тоа беше тотална глупост уште од самиот почеток. Барак и Мишел Обама продолжуваат да бидат во среќен брак и покрај обидите на овој таблоид да поттикнат драма каде очигледно нема“.

Како доказ е објавена фотографија од Инстаграм профилот на Барак Обама, поставена на 03. 10.2020 година по повод нивната годишнина од брак.

Според тоа, може да се заклучи дека веста за разводот на Барак и Мишел Обама е лажна, но и стара, од 2019 година. Пред да се објави некоја вест, макар била и од типот на жолт печат, таа мора убаво да се провери со цел да не се шират дезинформации.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција