Лажна вест за Дино паркот искористена за предизборен напад на Шилегов

Фото: zooskopje.com.mk

 

Во екот на изборната кампања, на само четири дена пред одржувањето на изборите, во дел од опозициски настроените медиуми одекна текст со бомбастичен наслов: „Ова е „Дино паркот“ за кој ШИЛЕГОВ ПОТРОШИ 350.000 ЕВРА!“. Со ваквиот напис директно се атакуваше врз скопскиот градоначалник Петре Шилегов, иако веста беше лажна.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Овие портали, фактички пренесоа Фејсбук-статус од извесен Стефан Кирков, кој на Шилегов му порачува:

Трет ден по ред ги обелоденувам твоите матни зделки од криминален карактер и сето тоа преку Зоолошка градина Скопје и твојот директор Галетановски.

Kирков открива дека Шилегов склучил набавка вредна 350.000 евра во месец јануари за изградба и аквизити на Дино парк.

Сега покрај фоткиве да ви објаснам што е Дино паркот… Значи НЕМА изградба туку на територијата на ЗОО во еден дел има поставено метални диносауруси вредни 350.000 евра!, пренесе Република.

Во прилог на ваквото тврдење на Кирков е објавена и оваа фотографија.

Но, фотографијата и тврдењето на Кирков кои го пренесоа овие портали се искористени за манипулација на јавноста и политички атак врз градоначалникот на Скопје,  Шилегов. На фотографијата е прикажана скулптура на диносаурус, изработена од рециклиран отпад и таа воопшто не е дел од Дино паркот кој беше најавен дека ќе се гради. За донацијата на овие скулптури, ЗОО – Скопје информираше уште во февруари минатата година.

Пристигна првиот од трите диносауруси, скулптури на уметникот Андреј Миневски, кои се изработени од рециклиран отпад, железо. Андреј се приклучи во кампањата “Креирај и донирај”, а неговите уметнички дела посетителите ќе може да ги видат до јуни. Голема благодарност до господинот Миневски и до ЈП Водовод и канализација Скопје кои ги пренесуваат диносаурусите и несебично секогаш помагаат на Зоо Скопје, информираа оттаму, пренесе Фокус.

Дека станува збор за лага и манипулација, потврдија и од Зоолошката градина кои реагираа на својот официјален Фејсбук профил:

Вчера на неколку места осамнаа текстови во кои се пласираа лажни вести за новиот Дино Парк. Беа злоупотребени фотографии од креативните дино фигури изработени од старо отпадно и рециклирано железо, кои уметникот Андреј Миновски ги изложи лани во Скопје ЗОО. Голема благодарност до него за овој еко проект кој заедно го промовиравме во градината.

Во прилог- видео како ќе изгледа новиот Дино Парк кој веќе е во завршна фаза. Очекуваме наскоро да пристигнат и 41 диносаурус во природна големина, фигури кои ќе бидат поставени на површина од 2000 м2, а паркот благодарение на поддршката од Град Скопје ќе биде еден од најубавите во регионот, но и со најголем број на дино фигури.

Дино Парк

Вчера на неколку места осамнаа текстови во кои се пласираа лажни вести за новиот Дино Парк. Беа злоупотребени фотографии од креативните дино фигури изработени од старо отпадно и рециклирано железо, кои уметникот Андреј Миновски ги изложи лани во Скопје ЗОО. Голема благодарност до него за овој еко проект кој заедно го промовиравме во градината. Во прилог- видео како ќе изгледа новиот Дино Парк кој веќе е во завршна фаза. Очекуваме наскоро да пристигнат и 41 диносаурус во природна големина, фигури кои ќе бидат поставени на површина од 2000 м2, а паркот благодарение на поддршката од Град Скопје ќе биде еден од најубавите во регионот, но и со најголем број на дино фигури. ????

Posted by Skopje ZOO / Зоолошка градина Скопје on Sunday, 12 July 2020

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција