Лажниот атентат врз Такер Карлсон – циклон од дезинформации, про-руски наративи и теории на заговор

фото: принтскрин од The Tucker Carlson Interview / TCN

Такер Карлсон – конзервативен коментатор, бивши водител на Фокс Њуз и љубител на теории на заговор – не е ставен на украински „список за стрелање“ поради интервјуто со рускиот претседател Владимир Путин. На социјалните медиуми се споделува скриншот фотографија во која се гледа профил на Карлсон напишан на украински јазик. Сликата е преземена од веб страна на украинска невладина организација „Миротворец Центар“, каде се пишува за поединци за кои организацијата смета дека намерно дејствувале против националната безбедност на Украина

Такер Карлсон – конзервативен коментатор, бивши водител на Фокс Њуз и љубител на теории на заговор – не е ставен на украински „список за стрелање“ поради интервјуто со рускиот претседател Владимир Путин. На социјалните медиуми се споделува скриншот фотографија во која се гледа профил на Карлсон напишан на украински јазик. Сликата е преземена од веб страна на украинска невладина организација „Миротворец Центар“, каде се пишува за поединци за кои организацијата смета дека намерно дејствувале против националната безбедност на Украина

 

Пишува: Матеј Тројачанец

Во регионот кружеа лажни вести дека Такер Карлсон бил ставен од укранските безбедносни служби на „листа за стрелање“. Причината зошто е ставен на оваа листа е поради тоа што одлучил да го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин. На социјалните медиуми беше споделуван следниот скриншот фотографија со неговите информации, па се инсинуираше дека тоа е доказ дека е цел на атентат. 

Фото: сликата што е споделена на Фејсбук и на Х

Всушност, станува збор за класична лажна вест којашто во регион беше рецензирана во Албанија, во Црна Гора (тука и  тука), во Србија (тука и тука), во Хрватска, па и од интернационални медиумски агенции како Асоушиејтед Прес.

Фактички, во украинската невладина организација „Миротворец Центар“ следат поединци за кои организацијата смета дека намерно дејствувале против националната безбедност на Украина, па ги објавуваат индивидуите на својата веб страна. Па така, на сајтот може да се најде профилот за Такер Карлсон (создаден во 2023), за кого пишуваат:

„Соучесник на руските окупатори и терористи.

Антиукраински пропагандист.

Воена пропаганда. Јавна поддршка за руската агресија и убиства на украински граѓани.

Напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Учество во антиукраинските пропагандни активности на Русија (земја агресор) против Украина.

Учество во акти на хуманитарна агресија против Украина.“

Оваа дезинформација беше објавена и на македонски профил на социјалната мрежа Фејсбук:

„Такер Карлсон (американски државјанин и новинар) на барање на сорошовата невладина организација “Миротворец” е ставен на државната листа за ликвидација од страна на безбедносните служби.

Повод и причина: интервју

И тоа на невидено интервју

Само на најава за интервју“

Дезинформацијата почна да се шири на Х (поранешен Твитер), само еден ден по најавата на Такер Карлсон дека ќе го интервјуира Путин. 

Но, целиот наратив за наводниот атентат повторно заживува по неколку недели, на крајот на февруари. Оваа лажна вест доби нови „докази“, поточно тоа дека е упасен руски граѓанин за обид за атентант на Карлсон. На Х објавата пишува: 

„УДАРНИ ВЕСТИ — ОБИД ЗА АТЕНТАТ НА ТАКЕР КАРЛСОН: Само што е уапсен маж во Москва, обвинет дека бил платен од украинските разузнавачи да постави експлозивна направа на возилото на Такер Карлсон и да го убие познатиот американски новинар додека тој бил таму за да го интервјуира Путин.“

Кај нас, Инфомакс, Вести365 и Република ја пренесоа непроверената објава.

 

Интел Дроп и избришано ЈуТуб видео

Оригинално, „информацијата“ потекнува од прорускиот портал  Интел Дроп. Во објавата главниот извор е ЈуТуб видео од наводно испитување на човек што бил фатен пред обидот за антентат (ЈуТуб каналот и видеото во моментов се избришани). 

Човекот од видеото вели дека неговото име е Василиев Пјотр Алексејевич и дека бил регрутиран од Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина. Наводно, му платиле четири илјади долари да намести експлозивна направа под автомобилот на Карлсон во хотелот „Четири Сезони“ во Москва. Човекот на видеото вели дека иако не знаел која му бил целта, сфатил дека тоа е Карлсон.

За Интел Дроп, новинари од Би Би Си одделот за проверка на факти, пишуваат дека порталот го следи истиот образец како други веб портали каде се објавуваат про-руски дезинформации. 

Поточно, дека следат истите чекори: на веб страната се објавува дезинформација каде како примарен извор се цитира опскурно ЈуТуб видео со помалку од илјада прегледи. Видеото е објавено на канал што е креиран неколку месеци пред да се објави видеото и затоа има многу малку следбеници. А, кога ќе се објави веста, веднаш е преземена од сомнителни профили на Х или Фејсбук што често објавуваат заговори, гласни и дезинформации. На крај, објавите на социјалните медиуми стануваат вирални, најчесто во форма на скриншот фотографии.

Сериозноста на овие дезинформации е фактот што се преземаат и реобјавуваат од познати лица како советникот на Доналд Трамп за национална безбедност, Мајкл Флин. Тој ги обвинува не само украинските разузнавачки служби, туку и домашните, односно ЦИА (CIA) дека учествувале во планираниот атентат.

Како што пишуваат во факт-чекот во американскиот неделник Њузвик, иако Карлсон можеби најде нова популарност во Русија, нема други извори освен Интел Дроп каде се тврди дека руските власти спречиле украински обид за атентат против него. 

Последна дезинформација во оваа цело море од дезинформации беше и онаа дека САД и ЕУ ќе му налепат санкции на Карлсон за својата работа во Русија. На прес-брифинг на Европската Комисија беа негирани ваквите обвинувања, а тоа може да се потврди и од фактот што наводните санкции не може да се најдат ниту на листа на санкции на ЕУ и САД. 

Всушност и овој пример го покажува стратешкиот напор на Русија да се замати информацискиот простор со невистини, непроверени факти и дезинформации, што би резултирало со замирање на помошта за Украина.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција