Лицата без лични документи сѐ уште се бројат

Фото: mvr.gov.mk

 

Ветување: Ќе донесеме правен акт со кој ќе се овозможи правно водење на матична книга на лица без лична документација. Долго време се игнорира овој проблем, потенциран во извештаите на ЕУ за напредокот на земјава. Граѓанските организации сметаат дека бројот на лицата без лична документација во нашава земја се движи помеѓу 3 и 5 илјади, додека институциите располагаат со бројка од 548 лица.

[Извор: Програма на СДСМ за предвремените парламентарни избори „План за живот во Македонија“ – План 180° Итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци -социјална политика“ стр. 218]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето  на СДСМ дадено за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година, дека во првите шест месеци од формирањето на Владата ќе биде донесен правен акт со кој ќе се овозможи правно водење на матична книга на лица без лична документација, не е остварено.

СДСМ ова ветување го наведе во поглавјето на програмата: „План 180° Итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“, во делот социјална политика, што значи дека ветувањето треба да се реализира во првите шест месеци по изборот на Владата.

На 22 март 2018 година, речиси дна година по формирањето на Владата, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) почна само процес на евидентирање на лицата без лични едокументи, бидејќи бројките со кои располагаат институциите се разликуваат од оние на невладините организации. Институциите имаат податок за околу 550 лица, додека пак невладините тврдат дека бројката е околу 3.000 лица.

Министерството за труд и социјална политика и Управата за водење на матичните книги во март објавија јавен повик за прибирање податоци за лица нерегистрирани во матичната книга на родени. Според најавеното, пријавувањето започна на 1 април и ќе трае до 30 септември годинава.

Во процесот на идентификувањето на лицата без документација е ангажиран и невладиниот сектор, а го помагаат и ОБСЕ и УНХЦР.

Министерката за труд и социјална заштита, Мила Царовска најави дека процесот на решавање на проблемот на лицата без лични документи ќе се спроведува во неколку фази, а паралелно со него ќе се направат измени и во Законот за вонпарнична постапка, Законот за матична евиденција и Законот за лични карти, живеалиште и престојувалиште.

На ваков начин ќе се утврди точна бројка на досега неевидентирани лица кои се на територија на РМ, а со измените на законите тие ќе добијат право на привремен матичен број или привремен регистарски број за да можат да остварат социјални, здравствени и образовни права, за да нема деца и лица исклучени од системот. Исто така, подоцна ќе се даде можност тие да го добијат и својот прв матичен број. (Царовска)

Два месеца откако  почна евидентирањето на лицата без документи може да се најдат информации за тоа колку вакви лица се откриени по општините, но нема никакви информации за старт на постапката за измена на трите посочени закони. Тоа може да се види и на страницата на Националниот електронски систем за регулатива (ЕНЕР) каде што се објавуваат иницијативите за измени на законите за кои се води и јавна расправа. Информации за промена на овие закони нема и на страниците на министерствата кои треба да ги подготват – Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда. Нема информација за подготвени измени на овие закони ниту во медиумите, ниту пак, на страницата на Собранието.

Според расположивите податоци, може да се заклучи дека изборното ветувањето на СДСМ  дека во првите шест месеци ќе биде донесен правен акт со кој ќе се овозможи правно водење на матична книга на лица без лична документација, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција