Макрон не покажува масонски симбол, туку Ајфелова кула на знаковен јазик 

Фото: Принтскрин видео

Протоколарно видео старо шест години, злоупотребено за ширење невистини дека францускиот претседател Емануел Макрон јавно покажувал масонски симбол. Видеото е снимено на 16 мај 2017 година, кога Макрон ги прими членовите на Интернационалниот олимписки комитет кои беа во посета на Париз – во тоа време кандидат за домаќин на Олимписките игри 2024. Знакот што го прави Макрон, нема никаква врска со масони, туку  е симбол за Ајфеловата кула на знаковен јазик

Протоколарно видео старо шест години, злоупотребено за ширење невистини дека францускиот претседател Емануел Макрон јавно покажувал масонски симбол. Видеото е снимено на 16 мај 2017 година, кога Макрон ги прими членовите на Интернационалниот олимписки комитет кои беа во посета на Париз – во тоа време кандидат за домаќин на Олимписките игри 2024. Знакот што го прави Макрон, нема никаква врска со масони, туку  е симбол за Ајфеловата кула на знаковен јазик

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се прикажува видеоматеријал од повеќе политичари, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, кои гестикулираат и формираат триаголник со своите дланки. Очигледно е дека овие личности се наоѓаат пред камери и фоторепортери и дека настанот е медиумски покриен.

Нема веќе тајни. Сега се е јавно, пишува во објавата.

Во коментарот под објавата, пак,  јасно се алудира дека станува збор за масонски симбол и се вели дека политичарите прикажани на снимката се масони. Видеото трае 24 секунди, но евидентно е дека во долниот десен агол е заматен насловот, односно описот за тоа за каков настан станува збор.

Вистиномер го пронајде оригиналното видео и воопшто не се работи за масонски симбол, туку за нешто сосема друго. Видеоматеријалот на кој францускиот претседател Макрон со прстите формира триаголник, е снимено по повод посетата на Олимпискиот комитет на Париз, во тоа време кандидат за домаќин на игрите во 2024 година. Симболот што го прави Макрон со рацете е на знаковен јазик и ја претставува Ајфеловата кула, користена како лого на парискотo издание на Олимписките игри.

Видеото е од 2017 година кога Интернационалниот олимписки комитет испрати своја комисија за евалуација во Елисејската палата, како дел од тридневна посета на Париз. Претседателот Макрон ги прими членовите на Интернационалниот олимписки комитет на 16 мај 2017 година како поддршка на предлогот Париз да биде домаќин на олимпијадата. Комисијата беше во тридневна посета како дел од процесот да се одлучи кој град ќе биде домаќин на Олимписките игри 2024. Париз се натпреваруваше со Лос Анџелес и победи. Тука може да погледнете фотографија од настанот во 2017 година каде се гледа дека е дел од пречекот на олимпискиот комитет. На следното видеао може да видите како се кажува Париз, односно Ајфелова кула на знаковен јазик.

И проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека знакот не е масонски.

Македонскиот олимписки комитет неодамна објави текст за претстојните Олимписки игри, во којшто пишува дека со слоганот „Игри широко отворени“, Париз 2024 ќе собере милиони гледачи, туристи, посетители и повеќе од 10.000 спортисти за новата ера на Олимписките игри. Сето ова ќе започне со извонредна церемонија на отворање на Олимписките игри, планирана на 26 јули 2024 година со почеток во 20 часот.

По овој повод, Париз 2024 го откри факелот за следните Олимписки и Параолимписки игри. Олимпискиот Факел за Олимписките и Параолимписките игри во Париз 2024 година беше откриен во вторник на 25 јули. Неговиот дизајнер, #MathieuLehanneur, беше инспириран од трите симболи на претстојните Игри: еднаквост, вода и мир! Олимпискиот факел ќе го носат 11.000 луѓе (10.000 за Олимписките игри, 1.000 за параолимписките игри) за време на штафетата што ќе започне со првите чекори на Олимпискиот факел во Франција на 8 мај 2024 година, пишува Македонскиот олимписки комитет.

Поради сите горенаведени факти оваа објава што се шири на Фејсбук ја оценуваме како невистинита. Емануел Макрон прави гест за поддршка на Олимписките игри во Париз, односно Париз да стане домаќин на Олимписките игри 2024,  што и се случи. Видеото е од 2017 година и не е поврзано со масони, како што се тврди во објавата. За да може да се манипулира со јавноста, во видеото што се споделува во долниот десен агол е замаглен насловот – описот, за да се прикрие дека станува збор за видео направено пред шест години за време на посетата на Олимпискиот комитет на Париз, кога главниот град на Франција се натпреваруваше да биде домаќин на игрите во 2024 година, што подоцна и се случи.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција