Медиумите и Договорот за добрососедство со Бугарија

Бугарската националистичка партија АТАКА на демонстрации. Фото: Википедија
Бугарската националистичка партија АТАКА на демонстрации. Фото: Википедија

(За македонско – бугарските односи)

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера – ополномоштен министер

 

Мозаикот на приказната за македонско-бугарските односи неодамна доби уште една коцкичка. Бугарскиот министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин, можеби за прв пат во крајно незавиткана форма ни соопшти дека патот до ЕУ нѐ води преку Договор за добрососедство со Бугарија. Колку и да беше ова бомбастично пренесено, не разбрав како тоа за практично една година бугарскиот став ескалираше од „важен сигнал“ до „мора или нема ЕУ“.

 

(Овој текст е прв дел од анализата. Вториот и последен дел ќе биде објавен издната недела).

 

Новинарството, по својата природа, би требало да е една од највозбудливите професии. Суштината, или можеби највисокиот облик на новинарство, е да му се презентира на читателот – приказна. Со ликови и настан, со заплет и расплет и она најубавото: еве всушност што се случило! Сево ова, веќе подолго време, во надворешно- политичките јавувања јас не го гледам! Некаде по пат го изгубивме или можеби некој ни го украде?

Токму на католички Божиќ, Утрински го пренесува (од Дојче Веле) интервјуто со Шефот на бугарската дипломатија, Кристијан Вигенин за спорот со Македонија и очекувањата од договорот за добрососедство, каде тој вели:

„Основното прашање кое стои меѓу Бугарија и Македонија се тековните преговори за потпишување на договор за добрососедство. На македонската страна јасно ѝ ставивме до знаење да сфати дека без таков договор Бугарија нема да даде зелено светло за започнување на преговорите меѓу Скопје и Брисел за членство на земјата во ЕУ. Во минатото и јас се сомневав во ваквата бугарската позиција, откако по повеќегодишна безрезервна поддршка, Софија го смени ставот и побара најпрво да се потпише договорот за добрососедство. Таков договор сега е неопходен, првичната идеја беше лансирана уште пред 2008 година, времето ја докажа потребата од него и тука нема враќање назад, процесот треба да биде финализиран. Сличен договор ѝ предложивме и на Србија. Мислам дека со Белград преговорите ќе одат полесно…“

Само десет дена претходно, меѓу другите и Фаланга, тврдејќи дека таа е автор на веста, ќе извести за посетата на нашиот министер Никола Попоски на Бугарија и неговата средба со неговиот бугарски хомолог.

„…На средбата, двајцата министри се осврнаа на актуелните билатерални прашања, состојбите во регионот и можностите за продлабочување и унапредување на односите, преку реализирање на конкретни договорни проекти што се од интерес на граѓаните на Република Македонија и Република Бугарија. Акцент беше ставен врз европската перспектива на регионот, која може да биде реалност само преку отворен дијалог и соработка, меѓусебно почитување и фокус на взаемниот интерес…“.

 

Нема ултиматум, па има ултиматум

 

Во ваквата вест ниту се наѕира каков и да е УЛТИМАТУМ, но, во завиткана форма е оставен простор за некој вид услови што бугарската страна ги истакнала. Во веста нема ниту размисла за какви услови би се работело. Па, дури и не се направила врска со актуелната вест од само десетина дена претходно, односно за барањето на бугарската политичка партија „Атака“ пред бугарскиот Парламент. За тоа, БалканИнсајт со големо внимание ќе напише:

„Српските и македонските званичници ја осудија резолуцијата поднесена во бугарскиот Парламент десно ориентираната политичка партија ‘Атака’, инаку членка на владината коалиција, а која бара ‘враќање’ на териториите пред овие две земји да влезат во ЕУ.  Во Резолуцијата се повикува на враќање на ‘териториите од […][1] Република Македонија и Србија, а што биле одземени од Бугарија, инаку населени со бугарски државјани’. Териториите за кои се зборува се главно во источна Македонија, околу градот Струмица и во југоисточна Србија, околу градовите Димитровград и Босилеград.

Атака вели дека овие територии треба да се приклучат кон Бугарија, бидејќи тие биле дел од Бугарија сѐ до крајот на Првата светска војна, кога и’ биле приклучени на Југославија со Договорот од Неви на Сена.

‘Загрижува тоа што овие гледишта биле изнесени пред бугарскиот Парламент, изјави српското Министерство за надворешни работи за Балкан Инсајт. Тие додаваат дека тоа е спротивно на заедничките европски вредности и на добрососедството. ‘Србија добие цврсти уверувања од бугарски званичници дека гледиштата изнесени во … декларацијата не се официјални ставови на Софија. Очекуваме бугарските званичници и јавно да ја осудат декларацијата на Атака’, додаваат од Министерството.

БалканИнсајт прави напор да ги објасни проблемите, па, ќе каже:

„…Додека Бугарија генерално одржува позитивни односи со Србија и Македонија, различното читање на историјата често прави проблеми. Во 2010 година, Србија забрани влегување на нејзина територија за осум автобуси полни со членови на Атака. Бугарите планирале да одржат протест поради одредбите од договорите по Првата светска војна со кои се определува српската територија. Односите меѓу Бугарија и Македонија се влошија минатиот декември кога Бугарија и’ се придружи на Еленската Република[2], попречувајќи ја Македонија да добие датум за отпочнување  на преговорите за влегување во членство на ЕУ.

Бугарија изјави дека не може да го поддржи патот кон членство на држава која не успева да го негува добрососедството. Бугарија изнесе поплаки за дискриминаторско однесување спрема етничките Бугари во Македонија, обвинувајќи го Скопје за анти- бугарско расположение.

Бугарија сеуште одбива да го признае постоењето на македонскиот јазик како различен од бугарскиот, а многу бугарски историчари сеуште опстојуваат на тезата дека Македонците се етнички Бугари. Бугарија, исто така, не го признава постоењето македонско малцинство во југозападна Бугарија, иако Македонија, неволно, признава дека има луѓе во Македонија со бугарски идентитет.

Доколку ваквата перспектива ѝ беше понудена на македонската јавност, можеби некој од новинарите ќе воочеше дека постојат барем три разлики кога би се споредиле односите Бугарија-Србија, односно Бугарија-Македонија: а) дека било какви територијални претензии Србија ги оценува како повреда на европските вредности и добрососедството; македонската централна власт не ја споделила таквата оценка; б) дека српското МНР добило јасни  уверување дека предлозите на „Атака“ не се официјален став на Бугарија, а такви уверувања или не ѝ се дадени на Македонија или за тоа не е известено; и в) дека Бугарија не протестирала кога Србија попречила протест на „Атака“. Наспроти тоа, Македонија дозволи таков протест на наша територија една година подоцна. За второто и третото прашање македонските медиуми известуваа, но, не правејќи каква и да е споредба.

 

Трите прашања на македонско-бугарските односи

 

Можеби објаснувањата на БалканИнсајт за проблемите во македонско–бугарските односи се „општопознати работи“, но, ајде да ги споредиме со Божиќното интервју на Вигенин каде за Договорот за пријателство тој ќе каже:

„… Сепак, потпишувањето нема да се случи набрзо. Постојат три причини за тоа. Најлесен за решение е проблемот со формулацијата на јазиците, на кои ќе биде потпишан договорот. Нашата позиција е дека формулацијата од Декларацијата на премиерите од 1999 година, во која се зборува за официјалните јазици според уставите на двете земји, е добра и нема причина да биде ревидирана. Таквата формулација досега е употребена при потпишувањето на околу 60 договори меѓу двете земји.

Втор проблем е настојувањето на македонската страна во договорот да се вметне текст во кој ќе биде наведено дека „Уставот на РМ кој ја задолжува државата да се грижи за македонските малцинства не е претпоставка за мешање во внатрешните работи на Бугарија“. Подобра формулација има во Времената спогодба меѓу Македонија и Грција, и таква формулација е од клучно значење и за Бугарија.

Најчувствителниот дел од договорот за добрососедство е поврзан со историјата. Бугарската страна предлага создавање на заедничка комисија за историски прашања, која треба да утврди заедничка интерпретација на настаните од заедничката историја на двете соседни држави. Предлагаме и заедничко одбележување на настани од историјата кои се важни за двете страни…“.

Пред да навлеземе во трите изречно наведени „проблеми“, а таквата изречност е многу ретка појава во меѓународните односи, да констатираме дека новинарите пропуштија да погледнат дали се работи за индивидуален потез на актуелниот бугарски МНР или се работи за „официјална бугарска политика“. Приближно половина година претходно, значи јуни 2012 година, истиот министер Вигенин, според Курир изјавува дека:

„… Потпишувањето на договорот за нас ќе биде важен сигнал за подготвеноста на Македонија да развива добрососедски односи со Бугарија. Од секоја земја кандидат за членство во ЕУ пред почетокот на пристапните преговори се бара да ги реши проблемите со соседите, а така беше и со Бугарија. Во случајот со Македонија проблемите се малку посложени од тие што ги имавме ние, вклучително и некои територијални, но да не навлегувам во детали, рече Вигенин… Со тоа ќе и се отвори патот на Македонија кон ЕУ. Но, не е само Бугарија, има и други прашања, од ЕК и Грција, кои треба да бидат решени. Но, наш интерес е Македонија да оди кон ЕУ, истакна шефот на бугарската дипломатија…“. Вака или онака, има промена и во ставовите на Вигенин: сигналот прераснал во ултиматум, недефинираните „проблеми“ станале конкретни три, а интересот Македонија да оди кон ЕУ – исчезнал.

 

Најпрвин „три чекори“, потоа „три услови“

 

Речиси точно една година претходно, значи декември 2012 година, БалканИнсајт пренесува дека Македонија ги прифатила бугарските услови за поддршка:

„…Во писмо испратено четвртокот, Македонскиот Министер за надворешни работи, Никола Попоски, му пишува на својот бугарски колега, Никола Младенов, дека предлозите содржани во писмото на Младенов се прифатливи. Тие се ‘солидна основа за рамка на активности што би можеле да ги зајакнат односите меѓу двете земји’ вели Попоски. Младенов, минатата седмица, истакна три последователни чекори што би требало Македонија да ги преземе доколку ја сака нивната поддршка за македонската евроинтеграција. Прв би бил потпишување спогодба за добрососедски односи со ЕУ стандарди и заснована на декларацијата од 1999 година што обете земји ја потпишаа. Вториот е изградба инфраструктура за зголемување на соработката и востановување работни групи за засилување на односите во клучните области. Третиот е формирање совет на високо ниво задолжен за управување со годишни, меѓувладини состаноци…“

Нашите медиуми не потенцираа (а можеби и не обрнале преголемо внимание) дека не се работи за истиот бугарски МНР, посебно ако се има предвид дека трите „чекори“ од декември 2012 година не соодветствуваат на трите услови истакнати само една година подоцна. Но, можеби најважната разлика што требаше и мораше да биде потенцирана е разликата во формулацијата на крајната консеквенца:од „поддршка од Бугарија“ до „нема влез во ЕУ“. Таквата перцепција е потребна за да се констатира дека иако се работи за различни влади, различниот пристап на бугарска страна се случил во време на претходната бугарска влада, или поинаку кажано: „нешто“ се случило на или веднаш по минатогодишните декемвриски највисоки состаноци на ЕУ, а по што Бугарија решила да го промени курсот спрема Македонија.

Ако веќе не е така едноставно да се претпостави што е тоа „нешто“, релативно лесно е да се утврди временската рамка кога тоа „нешто“ се случило.  Имено, на 14.02.2013 г. БалканИнсајт пренесе дека:

„…Премиерот Борисов рече дека оваа седмица имал срдечен, телефонски разговор со неговиот македонски хомолог, Никола Груевски, кога тие обајцата констатирале ‘голем напредок во преговорите за спогодбата за добрососедски односи’. Борисов кажа дека ќе се сретне со Груевски ‘во непосредна иднина’ за да го продискутираат договорот, но и други прашања од заеднички интерес. Тој, исто така, искажа интерес за дискусија по економски прашања, како што е изградбата на планираниот автопат на релација Софија – Скопје – Тирана. Преговорите, започнати во јануари, се очекува да резултираат со потпишување договор за пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Бугарија инсистира на ваков договор откако и’ се придружи на Елада2 во блокадата на Македонија за влез во ЕУ, декември 2012 година. На ЕУ Советот на министри, Бугарија изјавила дека не може да го поддржи патот кон членство на држава која не успева да го негува добрососедството. На тој начин, таа ѝ се придружи на Елада2 попречувајќи ја Македонија да добие датум за започнување на преговорите за членство во ЕУ. [Грција приговара на името на Македонија велејќи дека тоа имплицира територијални претензии спрема нејзината провинција Македонија[3]]. Бугарија вели дека приговара на она што тие го гледаат како дискриминаторско однесување спрема етничките Бугари во Македонија, обвинувајќи го Скопје за анти- бугарско расположение…“

Ако веќе ја имаме временската рамка, таа исто така ни „раскажува“ своја приказна. Се чини дека Бугарија, во декември 2012 година, ја условила својата поддршка за наш прием во ЕУ и во таа насока добила целосни уверувања дека тие и такви услови се прифатливи (писмата Mладенов – Попоски). Но, веќе на ЕУ министерскиот состанок тие уверувања излегло не само дека не се доволни, туку дури и од фактор на поддршка Бугарија се трансформира во пречка за македонската евроинтеграција. Таа и таква определба трае само до почетокот на февруари 2013 година, односно до „срдечниот“ телефонски разговор Груевски – Борисов. Дали еден новинар, дипломатски уредник би можел да си дозволи да претпостави или барем да се запраша за улогата и влијанието на Еленската Република врз неверојатната бугарска метаморфоза на европските состаноци во декември 2012 година? И дали тоа може да објасни што само еден месец подоцна во бугарската надворешна политика повторно се случува пресврт?

Ако некој новинар ја  продолжеше временската линија, веројатно со леснотија ќе констатираше и дека по промената на власта во Бугарија уследува јунскиот сет „бугарски прашања за Македонија“, но и дека тој сет прашања не содржи каков и да е ултиматум. Ултиматумот доаѓа практично по декемвриските состаноци декември 2013 година и ги содржи тие три услови/проблеми што бугарската страна ги истакнува. Во однос на нив, значи, на најпоследните три „проблеми“ јавноста би требало да биде или многу посветен познавач на меѓународните односи за да ги разбере или новинарот е должен да најде барем елементарни податоци и истите да ги презентира со цел јавноста да може да формира свое мислење. Новинарот, истражувач на факти, со многу едноставна интернет претрага ќе можеше да стигне до Практикумот, инаку компендиум за студентите на штипскиот Универзитет. Во него се наоѓаат три од практично петте меѓународни документи што би му требале на новинарот да си ги појасни себе работите, а со тоа и да може информирано да ја информира јавноста. Покрај Времената спогодба со Елада и „македонската“ Хашка пресуда, туку е и Заедничката декларација на премиерите на Македонија и Бугарија од 1999 година, а за која е врзан еден мал куриозум: од четирите верзии на тој документ, во Практикумот е сместен македонскиот превод на бугарската верзија!

 

„Проблемот“ со јазикот не е проблем

 

Првиот „проблем“, можеби звучи збунувачки, но всушност, според Вигенин и не е проблем. Тие, имено се сосема задоволни со „јазичното“ решение како што е тоа сторено во Заедничката декларација од 1999 година. Тогаш зошто е тоа категоризирано како проблем? Македонските власти, исто така, покажуваат задоволство од тој компромис. Оттука, можеби може да се погледне незадоволството истакнато во јавувањето на МКД од 12.11.2012 година. Покрај релативно заокружениот осврт на актуелниот момент во македонско – бугарските односи, авторот поместува и ваква критика токму на посоченото „јазично“ решение:

„… Георгиевски прифати деградирање на македонскиот јазик од национален јазик на јазик утврден со Уставот на Република Македонија, што подразбира јазик создаден со политичка одлука и практикуван во внатрешните граници…“.

Независно од тоа дали новинарот пренел едно пошироко чувство, сепак, МКД, во својот напис не ѝ ја понудиле на јавноста точната формулација како би можеле самите да оценат дали се согласуваат со мислењето на авторот или не. Инаку, формулацијата на тоа јазично решение во Заедничката декларација од 1999 година е релативно кратка:

„…Потпишана во Софија на 22 февруари 1999 година, во два оригинални примерока, секоj од нив на официjалните jазици на двете земjи – бугарски jазик, согласно Уставот на Република Бугариjа и македонски jазик, согласно Уставот на Република Македониjа, при што двата текста имаат еднаква важност.“

Во даденава ситуација многу тешко може да се зборува за деградирање на едниот јазик. Очигледната примена на тнр. „буквален“ РЕЦИПРОЦИТЕТ довела до тоа или двата јазика да се деградирани или, што е многу поточно, дека двата јазика се еднакво третирани. И тука не може и не смее да се прифати размислувањето дека не е битно како е за другата страна туку само за мојата, затоа што нема нееднаков третман. Може да зборуваме само дека обете страни се оштетуваат себеси во однос на трета или трети страни, но, меѓусебно – тие се потполно еднакви! Или, да се вратиме на основното: каде е тука „проблемот“?

(Продолжува)


[1] (Заб. на преведувачот) Во оригиналот се користи референцата наместо уставното име на Македонија

[2] (Заб. на преведувачот) Во оригиналот се користи колоквијалното име за оваа држава

[3] (Заб. на преведувачот) Се мисли на номархијата Централна Македонија

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција