Медиумите, сепак известиле за Пленумот на Левица
Тврдењето на професорката Ванковска дека медиумите се посрамиле и ниту еден не го ни нотирал одржувањето на Пленумот на парламентарната партија Левица, е невистина која лесно фактографски се утврдува. Од она што може да се утврди се гледа дека не е до Гугл, туку до начинот на пребарување на професорката. Конечно, можеби медиумите немале новинари кои ќе го следат годишниот конгрес на партијата, но дека над дваесет медиуми и го најавија пленумот и известија за главната одлука, е непобитен факт
Тврдењето на професорката Ванковска дека медиумите се посрамиле и ниту еден не го ни нотирал одржувањето на Пленумот на парламентарната партија Левица, е невистина која лесно фактографски се утврдува. Од она што може да се утврди се гледа дека не е до Гугл, туку до начинот на пребарување на професорката. Конечно, можеби медиумите немале новинари кои ќе го следат годишниот конгрес на партијата, но дека над дваесет медиуми и го најавија пленумот и известија за главната одлука, е непобитен факт
Универзитетската професорка Билјана Ванковска во став околу известувањето на медиумите за пленумот на Левица изнесе во еден дел невистина:
Изјава: …Вчера СИТЕ медиуми се посрамија, и го изгубија правото да се нарекуваат професионални, доверливи и независни. Една парламентарна партија одржува конгрес, избира раководство и ги детерминира правците на својот развој и учество на изборите во 2024. НИТУ еден медиум не го ни нотира настанот. Забрането им е или е ова резултат на самоцензура?…
[Извор: Фејсбук статус на Б. Ванковска; датум – 03.12.2023]
Образложение:
Професорката Билјана Ванковска во пошироко образложение на нејзината страница на Фејсбук изнесе став дека медиумите го бојкотирале Пленумот на Левица што се одржа минатата недела, што е невистина во делот каде тврди дека „СИТЕ медиуми се посрамијаи дека НИТУ еден медиум не го ни нотирал настанот“.
Ванковска овој свој заклучок го изнесува во подолг став, во кој на почетокот сосема коректно појаснува за улогата на медиумите во демократија, цитирајќи дел од научен труд објавен на блогот Media Studies 101. Но, веднаш по завршувањето на цитатот професорката носи заклучок дека медиумите во земјава се посрамотиле бидејќи никој не известил ниту збор за настанот за кој зборува – за пленумот на Левица. Како поткрепа на своето тврдење Ванковска објавува принтскрин од пребарувачот Гугл, од кој се гледа дека професорката пребарувала со терминот Левица Пленум и тоа во категоријата вести (news).
Но и принтскринот како поткрепа на тврдењето е само делумна вистина, затоа што доколку се оди под категоријата „All“ или генерално пребарување означено на кирилица со „Сите“, т.е. сè што има регистрирано Гугл за термините Левица и Пленум, професорката ќе видела дека Гугл има регистрирано речиси сè што е објавено:
Меѓу другото што го има регистрирано Гугл, ги има и објавите на два агрегатора на вести на македонски јазик со кирилично писмо, Тајм.мк и Грид. И едниот и другиот агрегатор покажуваат дека над 20 онлајн медиуми и по некоја телевизија со национална концесија, известиле за настанот. И тоа уште на 2 декември, како најава, а потоа на 3 декември како ден кога се одржувал настанот и потоа и на 4 декември оние што пропуштиле да објават на трети. Уште повеќе, ако на Тајм мк. во пребарувачот се стават истите зборови, Пленум Левица, агрегаторот вади три страници со објави на медиумите за настанот, а како прва ја дава објавата на ставот на професорката Ванковска пренесен од Фејсбук на онлајн медиумот Антропол, кој се смета за медиум близок до политичката партија Левица.
Другите ставови на професорката изнесени во статусот на Фејсбук можеби се погодни за предмет на полемика, вклучувајќи го и тој дека никој не известил за научен форум што бил одржан на тема Западен Балкан и Кина, исто како и фактот што не го изнесува, дека информативните редакции на медиумите се генерално слабо пополнети со луѓе, а пак, во недела уште помалку. Но, сето тоа не е предмет на оваа рецензија.
Децидните тврдења на Ванковска дека СИТЕ медиуми се посрамотија и дека НИТИ еден медиум не го нотирал настанот, се невистина.
Извори:
- Фејсбук – Ванковска/статус – [проверено на 0.7.12.2023]
- Гугл – Пленум Левица/пребарување – [проверено на 07. 12.2023]
- Тајм.мк – Пленум Левица/пребарување – [проверено на 0.7.12.2023]
- Грид,мк – Пленум Левица/пребарување – [проверено на 0.7.12.2023]
Оценил: Т. Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар