Мета факт: Младите од Карпош не добија можност за практикантство во локални компании

Извор: StockSnap на Pixabay

Во програмата на Јакимовски, во делот посветен на младите, се предложени три проекти, со кои, покрај отворањето на канцеларија за млади и помош за обуката за возачки испит, се ветува и помош за младите да работат во локални фирми како практиканти

 

Градоначалникот на Општината Карпош, Стевче Јакимовски во својата изборна програма „Моќен сојуз, јас и вие“, вети дека локалната власт ќе им даде поддршка на младите жители за стекнување практикантско искуство во фирми од Карпош. Во програмата на Јакимовски, во делот посветен на младите, се предложени три проекти, со кои, покрај отворањето на канцеларија за млади и помош за обуката за возачки испит, се ветува и помош за младите да работат во локални фирми како практиканти.

Сепак, до овој момент, нема ниту една информација од општината дека оваа мерка започнала да се спроведува. Од Општината Карпош не одговорија на прашањата на Мета.мк дали досега некои млади добиле практикантско искуство на овој начин, ниту пак, дали и колку фирми во Карпош ја поддржуваат мерката и навистина им даваат можност на младите да стекнуваат искуство кај нив. Со оглед на тоа што за мерката не можат да се најдат никакви дополнителни информации, може да се заклучи дека досега, ова ветување не е исполнето.

Од Општина Карпош на нашите прашања изјавија само дека континуирано даваат поддршка на младите карпошани по разни основи.

Од Карпош информираат дека годинава локалната самоуправа планира да отвори Младински центар каде што младите навремено и точно ќе се информираат за сите можности што им се нудат во границите на општината.

„Во овој младински центар ќе се подготвуваат и спроведуваат програми за подобрување на благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот. Во рамките на овој центар младите карпошани исто така ќе имаат можност да се информираат и да конкурираат за сите огласени нови вработувања на територија на општината“, велат од Општина Карпош.

Посочуват дека во овој Центар младите ќе можат да добијат професионална помош при аплицирањето на објавените огласи за вработување преку совети за изработка на лична биографија, стручна подготовка за интервјуа за вработувања, реализирање на обуки за подобрување на комуникациски вештини, како и други видови на помош со која ќе се придонесе да се унапреди нивниот личен развој и ќе се поттикне нивната вработливост.

Сепак, во однос на конкретната мерка – поддршка на младите во стекнување на практиканско искуство во фирми од Карпош, засега нема информации дека истата се спроведува или пак дека се планира да се спроведе, по што можеме да заклучиме дека ова ветување е неисполнето. 

 

ИЗВОРИ:

Предизборна програма за работа на градоначалникот Стевче Јакимовски (проверено на 14.02.2024 година)

Официјални информации од Кабинетот на градоначалникот Јакимовски, добиени на 26.01.2024 година

(Мета.мк)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција