Мета факт: Општина Карпош финансиски помогна при изградба на ново прифатилиште за улични кучиња

Фото: Фејсбук страница на Шепасти ентузијасти

Советот на Општина Карпош донел одлука за давање финансиска помош на стационарот за бездомни кучиња кој во моментов го гради и опремува здружението „Шепасти ентузијасти“ на територијата на Општина Карпош. Со оглед на овие околности, може да се оцени дека предизборното ветување на Јакимовски е во тек

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во својата предизборна програма, во делот „Екологија“, вети дека ќе отвори професионален стационар за сместување бездомни кучиња.

Советот на Општина Карпош минатиот месец донесе одлука за давање финансиска помош на стационарот за бездомни кучиња кој во моментов го гради и опремува здружението „Шепасти ентузијасти“. Со оглед на овие околности, може да се оцени дека предизборното ветување на Јакимовски е во тек. 

Во 2021 година, Јакимовски како кандидат за градоначалник на својата веб-страница на Фејсбук преку видео го објави ветувањето за изградба на професионален стационар за да се сместат бездомните кучиња на територијата на Општина Карпош.

Во меѓувреме, во септември годинава, невладината организација „Шепасти ентузијасти“ објави дека на изнајмен плац во блиската околина на Скопје, започнала изградбата на прифатилиште за животни. Најавата беше дека таму треба да бидат сместени 53 кучиња, кои моментално се наоѓаат во пансиони за миленици.

„Тоа се кучиња што не успеавме да ги вдомиме, кои поминале низ долго лекување, па не можат да бидат вратени на локацијата каде што се најдени, затоа што веќе не припаѓаат таму. Од друга страна, во пансионите времето го поминуваат во кафези, а ние сакаме да се грижиме за нив, да им пружиме љубов, да се движат, да можат да прошетаат, да имаат контакт со луѓе“, изјави за „Слободен печат“ Габриела Марковска, активист и еден од основачите на здружението „Шепасти ентузијасти“.

На Фејсбук страницата на невладината организација можат да се видат сите активности при изградбата на прифатилиштето, од рамнење на теренот, до поставување заштитна ограда, изолација, кровна конструкција. Здружението редовно бара средства и волонтери кои би помогнале во изградбата. На 23 ноември годинава, прифатилиштето беше и официјално отворено и пристигнаа првите згрижени кучиња.

Фото: Фејсбук страница на Шепасти ентузијасти

Се обративме до Општина Карпош, од каде на 13 ноември добивме одговор дека градоначалникот на општина Карпош и членовите на Советот на општината ја поддржале иницијативата на здружението „Шепасти ентузијасти“ за зголемување на капацитетот на прифатилиштето за бездомни животни.

„По презентацијата на проектот пред советниците од страна на претставниците на здружението, Советот донесе одлука според која Општината ќе донира 300.000 денари за реализација на оваа идеја. Со донацијата од Општина Карпош, ќе се зголеми капацитетот на прифатилиштето за двојно, односно ќе се изградат 10 дополнителни боксови за згрижување на уште 50 животни. Прифатилиштето за бездомни животни е предвидено да функционира како центар за рехабилитација и хидротерапија“, ни изјавија од Општина Карпош и ни го испратија целосниот проект на невладината организација за заштита на животни.

Фото: Принтскрин, план за изградба на прифатилиште од „Шепасти ентузијасти“

Поради сите горенаведени причини, оценуваме дека ветувањето на градоначалникот Јакимовски за отворање професионален стационар е во тек, односно направени се напори да се помогне при изградбата на новото прифатилиште на невладината организација „Шепасти ентузијасти“, со што во одреден дел се решава проблемот со големата популација на бездомни кучиња, и покрај тоа што прифатилиштето не е во целосна сопственост на Општина Карпош.

 

ИЗВОРИ:

Фејсбук профил на Стевчо Јакимовски (22.10.2021 година), проверено на 02.12.2023 година;

Слободен печат (септември 2023 година): Кој сака може: „Шепасти ентузијасти“ градат прифатилиште за улични кучиња моментално згрижени во пансиони, проверено на 02.12.2023 година;

Фејсбук страница на Шепасти ентузијасти (23.11.2023 година), проверено на 02.12.2023 година;

Одговори од Општина Карпош добиени на 13.11.2023 година.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција