Мета факт: Власта не ги ажурираше податоците за трошењето на функционерите

Фото: Принтскрин, Алатка за отчетност

Алатката за отчетност беше промовирана во 2018 година, а нејзиниот „век на траење“ изнесуваше само три години, кога истата престана да се ажурира

 

Владата сè уште нема објавено решение со кое институциите транспарентно, редовно и самостојно ќе внесуваат дигитални податоци за направените службени трошоци на министрите, нивните заменици и државните секретари. Иако од Владата во април годинава за Мета.мк изјавија дека Алатката за отчетност за трошењето на функционерите е во застој поради извесни промени во системот, половина година подоцна, јавноста сè уште нема увид како функционерите ги трошат буџетските пари.

Алатката за отчетност беше промовирана во 2018 година, а нејзиниот „век на траење“ изнесуваше само три години, кога истата престана да се ажурира. Преку оваа алатка, можеше да се види кој министер, негов заменик или пак државен секретар потрошил за авионски карти, дневници, такси превоз, хотели, ресторани… Сето ова беше направено со цел подобрување на транспарентноста на Владата, една година откако коалицијата предводена од СДСМ дојде на власт.

Сепак, за многу кратко време оваа веб-страница престана да се ажурира (во 2020 година немаше никакви нови податоци), односно не се ажурираше со предвидената динамика, на секои шест месеци. Потоа, како да падна во заборав.

Сега, на страницата каде што можат да се видат сите трошоци на функционерите, фигурираат лица кои одамна не се на тие позиции. Зоран Заев, Никола Димитров, Кочо Анѓушев, Мила Царовска, Радмила Шекеринска, Драган Тевдовски, Венко Филипче се само дел од министрите од претходниот состав на Владата за кои има податоци како го трошеле буџетот. Во алатката за отчетност не може да се најде ниту премиерот Димитар Ковачевски, бидејќи тој стапи на функција во јануари 2022 година, а алатката не е обновена од 2021 година.

Од Владата не одговорија на прашањето на Мета.мк испратено на 30 октомври годинава, дали се планира нејзино враќање во функција, а со цел транспарентно споделување на јавноста за начинот на кој се трошат парите со кои располагаат министерствата.

Во април годинава, пак, од Владата за Мета.мк го дадоа следниот одговор:

„Поради промени во системот, извесен период имаше застој во ажурирањето на алатката за отчетност на трошоците на владините функционери. Независно од тоа, податоците редовно се собираат и се обработуваат. Исто така, за 11. циклус, кој го опфаќа периодот од декември 2021 заклучно со август 2022 година, во тек е прибирање на податоците. Дополнително Ве информираме дека се работи на решение со кое институциите редовно и самостојно ќе ги внесуваат податоците со што јавноста навремено и постојано би имала увид во направените службени трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари“.

Оттогаш помина повеќе од половина година, а алатката за отчетност стана алатка за потсетување дека некогаш постоел обид за поголема транспарентност. Дополнително, Мета.мк изврши проверка и на поголем број веб-страници на министерствата и засега на ниту една нема дел кој е наменет за приказ на трошоците на првите луѓе во институцијата.

Поради сето погореизнесено, изјавата на Владата дека ќе се ажурира веб-страницата која треба да ги прикаже трошоците на функционерите ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ: 

Мета.мк (22.04.2023): Алатката за потрошените пари на државните функционери не е ажурирана од 2021 година; Проверено на 30.10.2023;

Мета.мк (21.03.2018): Поповски презентираше алатка за отчетност: Потрошивме двојно помалку од претходниците; Проверено на 30.10.2023

(Мета.мк)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција