Мицкоски неточно тврди дека Владата не прави ништо за евакуација на македонските државјани од Израел
Без никакви аргументи лидерот на опозицијата изнесе невистини во врска со активностите на власта за евакуација на македонски државјани од Израел, при што имаше и оценка за различни позиции во Владата за конфликтот во таа земја
Без никакви аргументи лидерот на опозицијата изнесе невистини во врска со активностите на власта за евакуација на македонски државјани од Израел, при што изнесе и оценка дека во Владата има разногласие околу израелско-палестинскиот конфликт
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изнесе тврдење во кое може да се детектира невистина:
Раштиман оркестар, нема никаква стратегија, погледнете што се се случува, не можат граѓаните наши да си ги евакуираат. Мора да ги носат албански компании или црногорски, српски, па сега повторно се бара од соседите. Во очајна состојба се. Не знам како може да го издржат денот вака неспособни, сите им се потсмеваат, истакна Мицкоски.
[Извор: ВМРO-ДПМНЕ – Мицкоски – датум: 13.10.2023]
Образложение:
Во време кога предизборната кампања неофицијално е веќе започната, нормално е да се очекува политичките противници да го користат секое прашање како тема за напад врз политичкиот противник, но не е нормално тоа да се темели врз целосни невистини.
А токму тоа го прави веќе два дена лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на специфично и сензитивно прашање за евакуација на македонски државјани во Израел, кој наспроти фактите изнесува оценки кои не се совпаѓаат со вистината.
Така, тој на 12.10.2023 година во одговор на новинарско прашање на оваа тема изјави:
Тоа го коментирам како епска неспособност на владата на СДСМ и ДУИ, претпоставувам има разногласие во самата влада, која од страните има позитивна улога а која има негативна улога – една конфузна ситуација која што навистина е без преседан. И она кое што јас можам да го кажам во овој момент е дека таму имаме заглавено македонски граѓани кои што за жал се снаоѓаат кој како умее и знае затоа што овие во владата се оптеретени во насока на тоа кој повеќе тендери да украде, кој повеќе провизии да собере и кој повеќе би рекол да направи скандали.
Мицкоски ова го изјави истиот ден кога министерот за надворешни работи, Бујар Османи на брифинг ја извести јавноста дека МНР мапирало и контактирало 150 македонски државјани во Израел кои изразиле желба да се вратат дома, при што до вчерашниот ден биле вратени по различни канали 60-тина граѓани, при што 22 само деноноќието пред брифингот (и пред изјавата на Мицкоски).
На крајот од вчерашниот ден Владата ја РСМ ја извести јавноста дека е склучен договор со „Ер Србија“ за специјален лет, со кој во текот на денешниот ден (13.10.2023 г.) во земјата ќе се вратат уште 90-тина граѓани, со што горе-долу се исполнува бројката на идентификуваи и контактирани граѓани кои изразиле желба за помош при евакуацијата од Ираел:
Авионскиот превоз кој ќе биде организиран во текот на утрешниот ден, ќе биде бесплатен за граѓаните кои побарале помош, и ќе биде покриен од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија – се вели во соопштението од Владата.
Сепак и покрај ваквиот развој на настаните, Мицкоски на 13.10. 2023 г. во интервју за Радио Лидер го искажa тврдењето што е предмет на оваа рецензија, т.е. зборува за „расштиман оркестар“ во владата, дека таа „нема никаква стратегија“ и дека „не можат граѓаните наши да си ги евакуираат“.
Досегашната евакуацијата на граѓаните патем, се случува во рок од 5-6 дена од избивање на конфликтот.
Поради погоре изложените аргументи тврдењето на Мицкоски може да се оцени како невистина.
Извори:
- (13.10.2023) – ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски – [Проверено на 13.10.2023]
- (12.10.2023) – Курир – Мицкоски: Епска неспособност.. – [Проверено на 13.10.2023]
- (12.10.2023) – Влада на РСМ – Соопштение – [Проверено на 13.10.2023]
- (12.10.2023) – ВОА – Османи:60 македонски државјани… – [Проверено на 13.10.2023]
Оцени: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар