Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не е префрлен на приватна клиника

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кај кого пред неколку недели беше потврден позитивен тест на коронавирусот, по што беше префрлен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, моментално е на домашно лекување, а не во приватна болница, како што дезинформира во медиумската објава што ја рецензираме, а која, исто така, е споделена на социјалната мрежа Фејсбук

 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кај кого пред неколку недели беше потврден позитивен тест на коронавирусот, по што беше префрлен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, моментално е на домашно лекување, а не во приватна болница, како што дезинформира во медиумската објава што ја рецензираме, а која, исто така, е споделена на социјалната мрежа Фејсбук.

Написот е преземен од друг медиум, но двата написи основата за изнесената дезинформација претставува статус на Твитер. Твитер статусите, иако можат да бидат добра појдовна точка за испитување на изнесените наводи и нивна потврда преку други официјални, па дури и неофицијални канали, сепак самите по себе не се доволни за да се објави точна и проверена информација, што е првата и основна новинарска задача. Освен цитираниот твит, веста не нуди никакви други аргументи или докази дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, бил префрлен на приватна клиника.

Тоа е, всушност, и разликата меѓу социјалните мрежи и меѓу медиумите, самата проверка и точноста на информациите кои се изнесуваат.

Министерот за внатрешни работи експресно ја демантираше информацијата дека бил префрлен во приватна болница и објави дека е на домашно лекување, откако му завршил третманот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Првичната вест, од каде што е преземена оваа која овде ја рецензираме, има објавено демант, но овде тоа не е случај. Преземањето на вести од други медиуми не го ослобдува оној што ја презел веста од одговорноста, ако испадне дека оригналната вест е невистинита. Напротив, преземената вест ја споделува истата судбина, како и оригналната и ги има истите обврски за објавување демант, ако таква потреба се појави, каков што е овој случај.

,Сакам да ве известам дека се чувствувам добро и по престојот во Инфективната клиника во Скопје, од понеделникот сум во својот дом во Куманово. Значи, ова е уште една лажна вест. Бескрајно сум им благодарен на нашите здравствени работници кои ми помогнаа мене, а им помагаат и на илјадници други наши сограѓани за да се справиме со коронавирусот. Тие се нашите херои и навистина е несфатливо како некој во вакво време се обидува да ги девалвира, напиша Спасовски.

Според овој демант, чија вистинитост ни е потврдена и од партиски соработници на министерот, Спасовски е на домашно лекување уште од понеделникот на 9 ноември, што значи дека бил дома цели 5 дена пред наводното фантомско „префрлање“ во приватна клиника на 13 ноември.

Со оглед на сето ова, изнесената непоткрепена информација дека министерот за внатрешни работи бил префрлен на приватна клиника, со инсинуација дека тоа било направено зашто државното здравство е некадарно, ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција