Мостот меѓу Карпош 4 и Злокуќани допрва треба да се гради

Фото: Принтскрин видео

Продолжување на улицата „Љубљанска“ со мост преку Вардар во населбата Карпош 4 вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборна програма, „Живот во Скопје за сите!“, стр.38, е неисполнето. Мостот кој треба да ги спои улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, па преку булеварот „Словенија“ да ја поврзе Општина Карпош со Чаир, Бутел и Гази Баба , допрва ќе се гради и според најавите  на градските власти треба да биде готов до крајот на 2023 година.

Ветување: Љубљанска преку Вардар, нов мост за Карпош и Скопје!

Отвораме директен пристап на карпошани до идниот клинички центар и Бардовци. Ја продолжуваме „Љубљанска“ со мост преку Вардар и ја спојуваме со улицата „Скупи“ и со булеварот „Словенија“ што ги поврзува Чаир, Бутел и Гази Баба, во мини градска обиколница на центарот. Го намалуваме метежот околу „Ситимол“ со директен пристап до подалечните делови од градот и до автопатот

[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“  (стр.38) – датум: октомври 2017 г. ]

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Продолжување на улицата „Љубљанска“ со мост преку Вардар во населбата Карпош 4 вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборна програма„Живот во Скопје за сите!“, стр.38, е неисполнето.

Мостот кој треба да ги спои улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, па преку булеварот „Словенија“ да ја поврзе Општина Карпош со Чаир, Бутел и Гази Баба, допрва ќе се гради и според најавите  на градските власти треба да биде готов до крајот на 2023 година.

Фото: Принтскрин видео

Градоначалникот Шилегов минатото лето на Фејсбук објави дека е завршен проектот за новиот мост во Карпош 4, а на крајот на 2020 година најави дека во текот на оваа (2021) ќе отпочне неговата изградба.

Неодамна (11.07.2021) Шилегов го потпиша договорот со Владата и ТАВ со кој се овозможува реализацијата на проектот за новиот мост на Вардар. Вредноста на договорот изнесува 382,5 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот на изведба е до крајот на 2023 година.

Непреченото функционирање на сообраќајот и намалување на метежот е еден од приоритетите на градот. Токму затоа, покрај работата на мостот „Михајло Апостолски” на бул. АСНОМ, се започнува со работа и на уште еден мост кој ќе поврзе два дела од градот. Со изградбата на овој мост ќе се поврзат улицата Љубљанска и бул. Илинден со улица Скупи во Општина Карпош. Мостот е предвидено да има 4 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри додека должината на самиот мост изнесува 113 метри, информираа од Град Скопје.


Инаку, Договорот што го потпиша Шилегов е во согласност со Одлуката на Владата за прераспределба на средствата од концесионерот ТАВ, кои првично беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип во вкупен износ од 35 милиони евра, со кои почнува реализацијата на 99 инфраструктурни проекти во 75 општини.

Па, имајќи предвид дека мостот допрва ќе се гради и се планира да биде завршен за 18 месеци – до крајот 2023 година, што пак, го надминува овој градоначалнички мандат на Шилегов којшто завршува за два месеца – во октомври  оваа година,  ветувањето го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција