„Mршојадско“ новинарство

 

25-09876-098-crop-resize

[Рецензија: Откриен идентитетот: Мекиќ го прегази момчето пред Католичка]

Трката по „кликови“ и „лајкови“ меѓу медиумите, особено порталите во земјава, веќе сериозно наликува на гладијаторска борба во која, за жал, честопати жртва е публиката. Јавноста е оставена на милост и на немилост на креаторите на текстовите, како овој, во кои на највулгарен начин се прекршуваат новинарските, но и етичките правила, за одредена вест да забележи што е можно поголема посетеност на бројчаникот, што, пак, ако би биле нормален и регулиран медиумски пазар, со себе би требало да повлече и поголема финансиска поддршка од комерцијалните огласувачи, под услов да станува збор токму за новинарство. Но, во земјава, никако да се разбере дека квантитетот не е еднаков со квалитетот, дека најчитаното, најчесто, е полошо од помалку читаното. Така, се добиваат илјадници посети на разни голотии, „газиња“, „Кардашијанки“, полуоблечени сопруги на фудбалери, секако зачинети со сочни и најчесто надвор од контекст насловни конструкции. Ако таквиот сензационализам, кој е глобална појава, иако во себе носи малку реална и конкретна информација, донекаде е разбирлив, тогаш нема каква било логика и оправдување за употребата на истиот пристап при информирање за настани со трагични последици. Токму тоа се случува во конкретниот напис.

2Линк до оригиналниот напис: Откриен идентитетот: Мекиќ го прегази момчето пред Католичка

Датум и време на објавување:  19.11.2014 01:16

Датум на рецензирање: 24.11.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

„МРШОЈАДСКО“ НОВИНАРСТВО

„Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“ – вели членот 8 од Кодексот на новинарите.

Дали ова е испочитувано во текстот? – Одговорот е, јасно, не!!! Дури би рекол дека намерно е прекршено ова правило со тоа што со јасна тенденција и максимално сензационалистички му е пристапено на настанот во делот на насловот на написот. Како поинаку да се протолкува фактот дека е искористено истото презиме на момчето одговорно за смртта на 16-годишникот со презимето на позната јавна личност во земјава. Која би била потребата за изнасилена интервенција во насловната конструкција и да се каже дека „Мекиќ го прегзи момчето пред Католичка“, освен онаа погоре споменатата – бркање „кликови“ и „лајкови“. И сигурен сум дека тој ефект бил постигнат, бидејќи и самиот паднав на оваа понижувачки евтина „финта,“ веднаш проверувајќи дали навистина пејачот, кој го има истото презиме како и виновникот, е одговорен за сообраќајната несреќа. Да бидам искрен, потоа самиот се засрамив од ниското ниво на ваквиот потег од страна на љубителите на „мршојадско“ новинарство. Нема зборови за искористување на една трагедија која засега не едно, туку две семејства за целите на една веб-страница, притоа заблудувајќи ја и целата јавност која се налепува на насловот, за потоа веднаш да увиди дека сè е изнасилено и пожолтено од сензационализам.

В рака имаме материјал кој целосно е преземен и единствен дополнителен „новинарски“ ангажман е токму апсолутно некоректната насловна конструкција, која е сè, само не пример за тоа како треба да се пишува еден наслов во информативните производи со ваква црна тематика. Некои други портали постапиле многу покоректно при преземањето на основната информација. Преостаните сегменти од производот, пак, да повториме, 100 проценти „позајмени“ од друг печатен медиум, се во ред, изградени формулации поткрепени со официјални извори, со кредибилни извори, со наведена статистика, со јасно и со прецизно консултирање на надлежните институции – во овој случај обвинителството, полицијата, Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај.

За крај, насоки за избегнување катастрофални наслови во иднина:

„Насловите треба да бидат остри и информативни….. Подобро е јасно да се пренесе една идеја, отколку две чудни идеи да се збијат во една….„;

 

„Умешноста во пишувањето наслови е да „навлече“ публиката без да се биде сензационален“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција