На фотографијата не е грчки, туку германски војник кој нишани врз жена и дете од Украина (1942)

Оваа фотографија воопшто не е снимена во Егејска Македонија и не станува збор за грчки војник. Со мало пребарување на Интернет може да се види е направена во 1942 година во Укранина и на неа е прикажан германски војник од Втората светска војна, кој со пушка нишани во жена, која, пак, со своето тело сака да заштити дете кое го носи во своите пазуви

 

На социјалната мрежа „Фејсбук“ беше постирана фотографија со краток опис во којшто неточно се тврди дека:

Грчки војник убива мајка и дете Македонци во Егејскиот дел на Македонија

Оваа фотографија воопшто не е снимена во Егејскиот дел на Македонија (Северна Грција) и не станува збор за грчки војник. Ова би претпоставувало дека овој настан се случил во текот на Граѓанската војна во Грција во периодот 1946-49 година, после која дел од етничкото македонско население било раселено низ земјите на Источна Европа и поранешниот Советски сојуз. Но, со мало пребарување на Интернет може да се види дека фотографијата е, всушност, направена во 1942 година во Укранина и на неа е прикажан германски војник од Втората светска војна, кој со пушка нишани во жена, која, пак, со своето тело се обидува да заштити дете кое го носи во своите пазуви.

Како што може да се види на „Википедија“, ова е, всушност, скратената верзија од една поголема фотографија на која се претставени нацистички војници како убиваат повеќе еврејски цивили во Иванхород (Ивангород) Украина.

Еве ја целосната фотографија во која нацистичките мобилни единици за егзекуција (Einsatzgruppen) вршат погубување на Евреи во Украина во Втората светска војна. Извор: Википедија

 

Идентитетот на фотографот не е познат, ама според наведеното, се смета дека најверојатно бил германски војник, имајќи предвид дека многу од нацистите ги фотографирале злосторствата во кои биле соучесници. Инаку, оваа страница на Википедија содржи редица извори, вкупно 10, кои го потврдуваат истото, меѓу кои и истражување направено од страна на угледниот германски неделник „Шпигел“ од 1964 година.

Но, ова не е сѐ. Истото објаснување за потеклото на оваа фотографија се појавува и при пребарување на Гугл со наредбата „Search Google for Image“. Со користењето на оваа наредба фотографијата се појавува дури 328 пати, односно на дури 328 различни страници и во оние кои содржат објаснување за она што се случува на фотографијата тоа е идентично со она од Википедија – дека станува збор за нацистички војник кој нишани во жена на територијата на Украина во текот на Втората светска војна.

Во самиот опис на фотографијата објавена на „Википедија“ пишува дека е прикажано „погубување на Евреи во Иваногород во Украина од страна на специјалните единици за убивање на германската војска.“ Исто така, посочено е дека фотографијата била испратена од Источниот фронт во Германија, но припадник на полското движење на отпорот, кој собирал документација за нацистичките воени злосторства, ја „запленил“ (пресретнал) во поштата во Варшава. Оригиналниот примерок го чувале Тадеуш Мазур и Јержи Томашевски, а сега се наоѓа во Историскиот архив во Варшава. Оригиналниот германски натпис на задната страна на фотографијата гласи: „Украина 1942, Еврејска акција [Операција], Ивангород“.

Во  60-тите години на минатиот век се тврдело дека сликата е комунистички фалсификат, но тоа тврдење е отфрлено. Оттогаш, фотографијата се користи во книги, музеи и изложби кои се однесуваат на Холокаустот.

Но, сепак наспроти тоа што го говорат фактите, оваа невистинита објава на Фејсбук предизвика големо внимание и лавина коментари, како и повеќе споделувања. До моментот кога е пишуван овој текст, постот е споделен 222 пати, а меѓу коментарите може да се прочитаат и такви кои содржат говор на омраза:

Све да им е..м ц..анска, а и на нашите продадени души што трчаат кај нив!!!

Па, дури има и клетви:

Gospod da im vrati za najmiloto

Сето ова покажува дека основниот статус користи говор на омраза кон Грција и Грците, манипулирајќи со фотографија која нема врска со ни со таа земја, ни со луѓето кои живеат во неа. Но, во коментарите, пак, како резултат на ваквиот статус и манипулацијата со фотографијата се шири и говор на омраза кон Ромите со користење на погрдниот термин („цигани“), за потоа тоа истото да се направи и кон Македонците кои одат на летување кај јужниот сосед. Во коментарите, исто така, има и закани со насилство поттикнати од ваквиот манипулативен статус.

Интересно е што има и такви коментари кои се обидуваат да делуваат отрезнувачки  врз „зовриените глави“, кои користат говор на омраза па укажуваат дека се работи за фотографија од Украина од 1942 година, но, за жал, безуспешно – лавината покрената од невистинитата објава веќе зела замав.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција

2 Реакции
  1. Виктор :

    Освен што го откривте вистинското потекло на фотографијата, што го поздравувам, обвинувате за говор на омраза на македонците спрема грците, без ниту еден збор за реалниот масакр на македонците од Егејска Македонија, како воопшто и да не се случил, или е измислен, само затоа што е приложена слика на подмолно убиство од друго злосторство!
    А при сета позната историја на македонскиот геноцид и егзодус од Егејот, фото/видео поткрепена од лице место.
    Да не барате извинување до грците за геноцидот што нѝ го направија? Како може уште и да ликувате и ги осудувате разбирливите реакции на овакво злосторство, кога веќе се спомне!
    Засрамете се, подржувачи на геноцидот над својот народ, од кој сте се одродиле.
    И да, ромите се викаат и цигани, прашајте ги Џипси Кингс и подсетете се на безбројните песни за циганите, па обидете се и нив да ги избришете и осиромашите од културната историја

    1. Владимир Петрески :

      Целта на оваа рецензија е аргументирано да покаже во што се состои невистината во овој Фејсбук статус. Според методологијата на Вистиномер и на Фејсбук, коисме договорно обврзани да ги следиме и почитуваме, ние не сме во ситуација да се бавиме со настаните кои се случиле во периодот на кој се однесува манипулацијата со оваа фотографија, но, кои немаат никаква врска со проверката на фактите. А, нашата цел е токму тоа – проверка на фактите. Ние не сме тука да ја анализираме историјата, да бараме извинувања од било кого за настани од историјата, да поддржуваме или напаѓаме било кого, ниту, пак, да бришеме, истакнуваме, осиромашуваме или збогатуваме било кого од и во културната историја.
      Се разбира, дека и ние, како и сите луѓе, сочувствуваме со страдањата на луѓето кои се случиле во текот на Граѓанската војна во Грција. Некои од нас, членовите на редакцијата на Вистиномер, имаат блиски роднини кои се бореле во оваа војна и/или кои се потомци на борците од оваа војна. Но, ние не сме тука да изнесуваме ставови, мислења и судови за страдањата кои се случиле во неа. Такво нешто бездруго ќе ја загрози нашата мисија за проверка на фактите и оценувањето на нивната вистинитост, која ја сметаме за исклучително важна во овој период на масовна продукција на невистини на интернет и пошроко на јавната сцена.
      Терминот „цигани“, употребен во овој контекст, е во рамките на одвратна пцост („Све да им е..м ц..анска, а и на нашите продадени души што трчаат кај нив!!!“). Со ова цел народ се означува како како синоним за нешто најлошо и најнегативно, како што тоа е направено во овој случај, каде Грците дииректно се нарекуваат „цигани“ со конотација како Ромите да се најдолната национална припадност, како небаре да не заслужуваат да постојат. А, знаеме до што доведоа истите такви ставови на нацистите за Евреите во текот на Втората светска војна, на пример. Со ова се жигосува цела една нација и тоа е бездруго и без сомневање говор на омраза. И уште полошо, истото се вели и за Македонците кои летуваат во Грција.