На ова видео не се претставени увезени работници од Индија на македонски градилишта

Фото: Принтскрин видео

Ниедна од локациите во видеото не е во Македонија, а видеото може да се пронајде на повеќе профили на социјалните мрежи со описи на различни јазици уште од  2020  година

Ниедна од локациите во видеото не е во Македонија, а видеото може да се пронајде на повеќе профили на социјалните мрежи со описи на различни јазици уште од  2020  година

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео материјал и се вели:

Увезените работници од Индија започнаа со работа на неколку градилишта во Македонија.

На видеоматеријалот се гледаат физички пресметки меѓу работници на простори каде се гради, односно тој претставува компилација од снимки каде на различни локации доаѓа до тензии и физички пресметки меѓу вработени на градилишта облечени во работничка униформа. Ниедна од локациите во видеото не е во Македонија, а видеото може да се пронајде на повеќе профили на социјалните мрежи со описи на различни јазици уште од 2020 година.

На крајот од видеото во конкретниот пост кој го рецензираме, има и политичка порака „Резултати што прават разлика СДСМ“, но тој дел е монтиран и не претставува видеоматеријал продуциран од СДСМ. Тоа може да се види од видеокомпилацијата споделувана во 2020 година на странски Фејсбук профили,  којашто е од постар датум споредено со постот што го рецензираме и на неа нема испишано никаков текст.

Наративот за работници од Индија во С. Македонија е инспириран од неколку јавни изјави кои беа давани во македонските медиуми на 28 мај од страна на претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров. Според изјавите на Димитров, работници од Индија пристигнале и работат на фарма и во млекара во Свети Николе. Димитров тогаш кажа дека сопствениците на бизнисите каде работат работниците од Индија се задоволни од нивната работа, дека станува збор за ниско квалификувана работна сила и дека работниците имаат обезбедено сместување, плата, храна, здравствени прегледи и визи.

Пополека почнуваат да се примаат работници од странство. Има неколку во земјоделието, кај нас има во млечната индустрија од Индија, во градежништвото одамна има работници од Турција и Далечниот Исток. Така што мислам дека овој процес во иднина ќе биде многу јак, зашто се појавуваат многу основани агенции кои сакаат со тоа да се занимаваат и тоа да им биде бизнис, изјавил Димитров за МИА на 28 мај годинава.

На 6 февруари 2023 година, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи има изјавено дека во земјава веќе има работници од Индија во автоиндустријата и во секторот за информатички технологии.
Меѓутоа, присуството на работници од Индија од различни сектори во земјава, уште не е масовна појава. На видеоматеријалот презентиран во постот што го рецензираме, не се наоѓаат работници од Индија на македонски градилишта, како што тоа невистинито се тврди.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција