Направена е реконструкција на ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода
ОУ „Круме Кепески“ – реконструкција на прозори и санитарни јазли. (Рок за реализација: 2013-2015)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Реконструкција на основното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода, вети градоначалничката на оваа Општина Билјана Беличанец – Алексиќ, во Изборната програма (2013-2017) „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода!“ (Образование и наука, стр. 24), со која таа бараше градоначалнички мандат на локалните избори во 2013 година. Ова е исполнето ветување на градоначалничката Беличанец – Алексиќ, реализирано во соработка со Владата на Германија, УНДП и Цементарница „УСЈЕ“. Реконструкцијата на централното основно училиште „Круме Кепески“ е завршена во април 2016 година, а реновирањето на подрачното училиште во населбата Припор е направено летото 2013 година.
Во ноември 2013 година од Општина Кисела Вода информираа дека во соработка со германската Влада, пред почетокот на новата учебна година (2013) е извршена целосна реконструкција на подрачното училиште “Круме Кепески”, во населбата Припор. На петти ноември 2013 година претставници од германската амбасада во Скопје, директорот на ОУ „Круме Кепески” и претставници од Општина Кисела Вода го посетија подрачното училиште во Припор, во кое во текот на летниот период се поставија нови прозорци, целосно се реновираа училниците, а се постави и нов училишен мебел. Во информацијата објавена на веб-страницата на Општината е наведено дека:
Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје донираше околу 5.700 евра за реконструкција на училниците, а со средства од општината во висина од околу 11.870 евра, се изврши промена на прозорците.
На 14 април 2016 година медиумите информираа дека заврши и реконструкцијата на централното основното училиште „Круме Кепески“ . Со реновирањето се заменети прозорците и покривот, а изведена е и нова фасадна топлинска изолација. Проектот чини 11,3 милиони денари, а средствата се обезбедени од Општината, од Цементарница Усје АД Скопје и од УНДП. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, постојаниот претставник на на Програмата за развој на Обединетите нации и генералниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, го посетија училиштето и ја означија финализацијата на проектот за енергетска обнова на ООУ “Круме Кепески”. Беличанец – Алексиќ тогаш изјави:
Проектот го поделивме во три дела. Во реконструкција на покривот и изолацијата учествуваше УНДП, а во промената на фасадата Цементарица Усје. Општината Кисела Вода, со сопствени средства, од буџетот ја направи промената на прозорците (Беличанец-Алексиќ)
Во објавата на веб-страницата на Општината пренесена е изјава на на Беличанец-Алексиќ, во која таа , меѓу другото, вели дека најкритична била состојбата со покривот со азбестни плочи.
Веднаш штом станав градоначалник го нарачавме проектот затоа што констатиравме дека е од огромно значење… Кога воочивме дека објектот е во незавидна состојба, проценивме дека итно треба да преземеме мерки за негова реконструкција. Она што беше најкритично беше кровот. Сè уште постоеја азбестните плочи, дел од нив беа поприлично оштетени и честопати се случуваше при поројни дождови училиштето да прокиснува. И внатре во самиот објект, посебно во зимските услови се чувствуваше влага. (Беличанец-Алексиќ)
За ова училиште на сајтот на Општината пишува дека е
Основано на 14.08.1962 година како ОУ”13 Ноември”, а од 30.08.1993 година работи под името ОУ”Круме Кепески”.
Во состав на училиштето е и подрачното училиште во населбата Припор кое е изградено во 1982 година и кое опфаќа ученици од прво до четврто одделение. И двата објекти во кои се изведува настава се од тврда градба… Настава посетуваат 708 ученици , а бројот на паралелки 32.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Билјана Беличанец – Алексиќ (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода! (Образование и наука, стр. 24) [Пристапено: 20.07.2016]
- Тајм.мк (14. 04.2016): Училиштето “Круме Кепески” енергетски обновено [Пристапено: 20.07.2016]
- Сител (14.04.2016): ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода енергетски обновено [Пристапено: 20.07.2016]
- Општина Кисела Вода (14.04.2016): Извршена енергетска обнова на ООУ “Круме Кепески” [Пристапено: 20.07.2016]
- Вечер (05.11.2013): По три децении ОУ Круме Кепески доби нов лик [Пристапено: 20.07.2016]
- Општина Кисела Вода (05.11.2013): Подрачното основно училиште “Круме Кепески” со нов лик [Пристапено: 20.07.2016]
- Општина Кисела Вода (05.11.2013): Училишта: ОУ „Круме Кепески” [Пристапено: 20.07.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар