Навивачка објава лажно ја претставува Русија како победник во војната со Украина

Фото: Alexandra_Koch Pixabay

Објавата неточно тврди дека Украина ја изгубила војната. Вистиномер веќе пишуваше дека Русија држи само околу 17,5 проценти од Украина и тоа вклучително со Крим и т.н. ДНР и ЛНР, кои се одделија уште во 2014 година. Исто така, не е вистина дека Русија не трпи од санкциите кои ѝ ги воведе Западот. Според Меѓународниот монетарен фонд, тие придонесоа во првата година од војната руската економија да падне за 2,1 процент. Во објавата се прави и обид Западот за да се обвини за милиони внатрешно и надворешно раселени лица во Украина, но тоа е груба и веќе видена проруска манипулација и пропаганда. Факт е дека Западот не почна воена инвазија во Украина, туку тоа го направи Русија 

Објавата неточно тврди дека Украина ја изгубила војната. Вистиномер веќе пишуваше дека Русија држи само околу 17,5 проценти од Украина и тоа вклучително со Крим и т.н. ДНР и ЛНР, кои се одделија уште во 2014 година. Исто така, не е вистина дека Русија не трпи од санкциите кои ѝ ги воведе Западот. Според Меѓународниот монетарен фонд, тие придонесоа во првата година од војната руската економија да падне за 2,1 процент. Во објавата се прави и обид Западот за да се обвини за милиони внатрешно и надворешно раселени лица во Украина, но тоа е груба и веќе видена проруска манипулација и пропаганда. Факт е дека Западот не почна воена инвазија во Украина, туку тоа го направи Русија 

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Threads во која пишува:

Украина ја загуби војната. Тоа не се гледа во медиумите како расположение на секојдневните обични Украинци. Не сакаат да умираат повеќе, дезертираат, одвратно им е да гледаат уништување на Украина. Јасно им е дека западот ги искористи за да и зададе удар на Русија, ненормални задолжувања, милиони раселени внатрешно и надворешно, проблемот со недостаток на оружје е очигледен, за муниција да не зборуваме. Русија не попи од санкциите а руската воена машина произведува огромни бројки, апарати, муниција.

Во навивачката објава изнесени се неколку невистини. Првата е тоа дека Украина ја загубила војната. Втората е тоа дека Украинците дезертираат од армијата. Третата невистина е дека Западот ги искористил Украинците за да ѝ зададе удар на Русија.

Точно е дека во Украина има милиони раселени лица, внатрешно и надворешно. Според податоците со кои располага УНХЦР, има речиси 3,7 милиони внатрешно раселени луѓе во Украина до февруари 2024 година, речиси 6,5 милиони луѓе се бегалци насекаде во светот, а приближно 14,6 милиони луѓе во 2024 година во Украина имаат потреба од хуманитарна помош. Овие состојби во објавата се прави обид да му се припишат на Западот, но тоа е груба и веќе видена проруска манипулација и пропаганда.

Прво, Западот не ги искористи Украинците за да ѝ зададе удар на Русија. Тоа го покажува фактот што Западот воопшто не почна воена инвазија во Украина, туку тоа го направи Русија. На 24 февруари 2022 година Русија започна воена инвазија врз Украина, при што руските сили преминаа во земјата од Белорусија на север, Русија на исток и Крим на југ.

Рускиот претседател Владимир Путин тогаш рече дека станува збор за „специјална воена операција“ наменета да го заштити народот на Донбас и да ја „демилитаризира и денацифизира Украина“. Тој негираше дека Русија планира да окупира украинска територија или да „наметне нешто некому со сила“. Меѓутоа, оттогаш па наваму руските сили спроведуваа целосен инвазија врз земјата.

Русија изврши стотици напади, како воздушни така и копнени во кои загинаа (и сè уште гинат) и цивили. Во еден таков  напад најмалку седум лица загинаа, вклучително и шестгодишно девојче, а речиси 130 други се повредени откако руски ракетен напад погоди централен плоштад во северниот украински град Чернихив.

Во последниот извештај на мониторинг мисијата на ОН за човекови права, е наведено дека имало 30.457 цивилни жртви во Украина од 24 февруари 2022 година. Од нив 10.582 се убиени, а 19.875 повредени. Претседателот на Украина Володимир Зеленски потврди дека 31 илјада војници загинале од украинска страна во воената инвазија што ја почна Русија.

Бројот на жртви, како во вооружениот конфликт којшто започна во 2014 година, така и во воената инвазија што во последните години ја врши Русија, е огромен. Многу е погрешно за тоа да се обвинува Западот или НАТО кога и двата конфликта ги започна Русија. Исто така, Западот, односно НАТО, отворено кажува дека не бара војна со Русија, ниту пак, ја провоцира. Она што го прави е помагање на Украина да го оствари своето право на самоодбрана од територијалните претензии на Русија. Затоа се испраќа воена помош на Украина, со цел таа да се заштити од експанзионистичката политика на Русија.

НАТО најостро ја осудува бруталната и неиспровоцирана воена агресија на Русија против Украина, која е независна, мирна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ја поддржуваат Украина, помагајќи ѝ да го задржи своето фундаментално право на самоодбрана, пишува на сајтот на НАТО.

Западните земји од Европа како и САД, јасно ставија до знаење дека нема да толерираат прекршување на меѓународни договори, нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и потенцираа дека Украина има право да ја брани својата територија, но притоа НАТО нема да испрати војници во Украина. Западот постојано испраќаше апели до Русија да се повлече од Украина и војната да заврши, односно да ѝ се овозможи на Украина да решава за својата територија, идни сојузи, начин на водење на внатрешната и на надворешната политика. Откако овие апели за примирје не беа перцепирани од руската страна, држави од Западот почнаа да испраќаат оружје во Украина. Самиот наратив, дали Русија е во војна со НАТО е форсиран од страна на Кремљ, како дефокус од фактот дека Русија почна неиспровоциран вооружен напад на Украина и илегално окупираше делови од една суверена држава.

На страницата на НАТO, дебанкирани се неколку митови кои се шират од извори на пропагандата на Кремљ и првиот од нив е токму наративот во објавата – дека „НАТО се бори против Русија во Украина“.

НАТО не е во војна со Русија и не бараме конфронтација со Русија. Она што го прави НАТО е поддршка за Украина во нејзиното право на самоодбрана, како што е наведено и во Повелбата на Обединетите нации. Во текот на изминатите месеци, преземавме исклучиво одбранбени мерки за да го зголемиме присуството на НАТО трупи во источниот дел на Алијансата.

Ова обезбедува да нема простор за недоразбирање во Москва за нашата подготвеност да ги заштитиме и да ги одбраниме нашите сојузници. Нашата основна задача е да ги одржиме нашите 30 нации безбедни. Имаме одговорност да се осигуриме дека конфликтот нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, зашто тоа би било уште попогубно и поопасно, пишува на сајтот на НАТО.

Да напоменеме уште еднаш дека војници на НАТО не се испратени во Украина.

Во однос на делот од објавата во кој се вели дека Украина ја изгубила војната, тоа дефинитивно не е вистина. Вистиномер веќе пишуваше дека Русија држи само околу 17,5 проценти од Украина и тоа вклучително со Крим и т.н. ДНР и ЛНР, кои се одделија уште во 2014 година.

Понатаму, точно е дека има дезертери, но ги има на двете страни, што е и вообичаено за секоја војна. Така што, не е точно дека само во украинската армија дезертирале војници. Нови пакети на финансиска помош и оружје пристигнуваат од западните пријатели за Украина, како дел од помошта за самоодбрана од руската агресија. Така што, војната не е ниту завршена, ниту, пак, Русија е победник.

Санкциите од Западот кон Русија допринесоа во првата година од војната руската економија да падне за 2,1 процент, според Меѓународниот монетарен фонд. Санкциите ѝ наштетуваат на Русија на начин што кратат 5 проценти од економскиот раст што земјата го имала во последните 2 години, пишува Би Би Си.

Санкциите заедно со војната во Украина придонесоа повеќе од 1 милион луѓе, повеќето млади и високообразовани, да ја напуштат Русија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме, ја оценуваме како невистинита.

 



 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција