Името „Северна Македонија“, договорено со Преспанскиот договор, е прифатливо за Грција и го користи

Фото: vlada.mk

Не е точно дека Грција ни дала ново име или дека користи некое друго име, освен она од Преспанскиот договор. Официјална Грција бара од Северна Македонија да биде почитуван Договорот

Не е точно дека Грција ни дала ново име или дека користи некое друго име, освен она од Преспанскиот договор. Официјална Грција бара од Северна Македонија да биде почитуван Договорот

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од напис објавен пред 3 години, без тоа да се нагласи и во која пишува:

Кркензи кики рики, евери деј. И Северна не поминува, Грција ни даде ново име!

Вистиномер го пронајде оригиналниот напис, кој се споделува во објавата што ја рецензираме а кој има датум на објавување 15 мај 2021 година.

Со Преспанскиот договор, кој претставува меѓународен договор потпишан од министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никој Коѕијас и Никола Димитров и посредникот на ООН за спорот за името Метју Нимиц, на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, Егејска Македонија, на Преспанското Езеро заврши прашањето за тоа како земјава ќе биде ословувана од страна на Грција. Следствено, името С. Македонија е официјално прифатено и од Грција и од С. Македонија со Преспанскиот договор. Со Преспанскиот договор престана да важи Времената спогодба од Њујорк од 13 септември 1995 година и тој претставува решавање на спорот меѓу Грција и Македонија околу името.

Целиот договор може да го погледнете овде.

Договорот од Преспа е ратификуван од страна на Собранието на Грција на 25 јануари 2019. Со тоа се стави крај на деценискиот спор за името и се отвори патот за членство на Северна Македонија во НАТО.Грција со договорот го призна државјанството на С. Македонија како македонско односно како државјанство на граѓанин на С. Македонија, се согласи да го именува јазикот на Северна Македонија како македонски.

Кога ќе се забележи датумот на текстот кој се споделува во објавата (15 мај 2021) и датумот на ратификување на Договорот од Преспа во грчкото Собрание (25 јануари 2019 година), се гледа дека меѓу ратификацијата и насловот на текстот поминале речиси 2,5 години во кои името С. Македонија било прифатено и користено од страна на Грција. Поради тој факт, не е точно дека Грција ни дала ново име.

Особено во 2024 година, сите грчки политичари на функции го користат името С. Македонија. На пример, на 16 мај 2024 година, премиерот на Грција Киријакос Мицотакис ја нарече земјава С. Македонија и бараше името С. Македонија да се употребува во согласност со Преспанскиот договор, а во спротивно се закани дека Грција нема да ги ратификува меморандумите за соработка со земјава.

Ја предупредив со јасна изјава новата влада во Скопје, дека секое отстапување од имплементацијата на договорот сигурно ќе има сериозни последици за нашите односи со С. Македонија и исто така за европскиот пат на земјава, изјави Мицотакис нарекувајќи ја земјава С. Македонија.

Мицотакис претходно реагираше по повод заклетвата која ја даде новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова во македонското Собрание, а каде не го користеше името С. Македонија, туку само Македонија. Мицотакис по тој повод истакна:

Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, напиша тој.

Инаку, кога ќе се погледне текстот од објавата што ја рецензираме, во него нема никаков извор или референца кога се тврди дека ,,Грција ни дала ново име”. И во грчките медиуми С. Македонија е со своето официјално име.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека Грција ни дала ново име или дека користи некое друго име освен она од Преспанскиот договор. Официјална Грција бара од С. Македонија, Договорот да биде почитуван.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција