Не е формиран државен фонд за исплата на законска издршка на деца

Фото: pixabay.com

 

Ќе креираме Државен фонд за исплата на законска издршка на деца. Во случај родителот да не ја исплаќа издршката навреме, Фондот ќе ги исплати средствата кои потоа ќе ги наплати од неплаќачот. Со ова гарантираме навремена исплата на сите законски издршки од страна на родителите кон децата.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 216 , датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека во првите шест месеци по доаѓањето на власт ќе формира „државен фонд за исплата на законска издршка на деца, кој во случај родителот да не ја исплаќа издршката навреме,  ќе ги исплати средствата кои потоа ќе ги наплати од неплаќачот“. Ова изборно ветување на социјалдемократите дадено во нивната програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“ (стр.216),  досега (22.08.2018), не е исполнето.

Ваков фонд се споменува и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.), на стр.10, каде  во делот посеветен, на социјалната заштита, меѓу другото, е наведено истото ветување од  „План за живот во Македонија“ :

Ќе се создаде Државен фонд за исплата на законска издршка на деца. Во случај родителот да не ја исплаќа издршката навреме, Фондот ќе ги исплати средствата кои потоа ќе ги наплати од неплаќачот. Со ова, ќе се гарантира навремена исплата на сите законски издршки од страна на родителите кон децата.

Сепак, освен споменатите заложби, досега, нема информации за тоа дали се во тек некакви конкретни активности за основање на ваков држвен фонд. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст  не е формиран споменатиот  државен фонд за исплата на законска издршка на деца

На веб-страницата на МТСП , меѓу „Органите во состав на Министерството“ нема вакво тело. Ваков државен фонд не се споменува ниту во   отчетот  за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат, презентиран на 30.05.2018 година. А, таква информација не може да се добие ни со детална проверка на интернет преку Гугл и македонските агрегатори на вести.

Издршката на деца е регулирана со Законот за семејството донесен во 1992 година , кој е повеќепати менуван, а  последните корекции се направени во 2015 година. Како што може да се види на веб-страницата на МТСП  во полето „Предлог закони и документи“ , досега (22.08.2018) не се подготвени измени  на овој Закон, ниту пак, е предложен некој друг законски текст или правен документ,  со кој би се овозможило формирањето на државен фонд за исплата на законска издршка на деца.

Па,  имајќи ја предвид направената проверка, како и фактот дека според плановите на  социјалдемократите,  овој државен фонд требаше да биде формиран во првите шест месеци од мандатот, односно  најдоцна до крајот на ноември 2017 година ( со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 г), ова изборно ветување го оценуваме како неисполнето

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција