Не е точно дека 5Г мрежата предизвикува рак кај луѓето

Фото: Принтскрин видео

5Г технологијата не влијае негативино врз имунолошкиот систем на луѓето и не предизвикува рак бидејќи оваа мрежа користи радиофреквентна (RF) електромагнетна енергија која е форма на нејонизирачко зрачење слично на FM радио брановите и топлината. Нејонизирачкото зрачење не ја оштетува ДНК, за разлика од јонизирачкото зрачење кое предизвикува рак, како што е УВ светлината. Светската здравствена организација, на својата веб-страница вели дека „ниту еден негативен ефект врз здравјето не бил каузално поврзан со изложеноста на безжични технологии“. СЗО во причините кои предизвикуваат рак не ја вбројува 5Г технологијата

5Г технологијата не влијае негативино врз имунолошкиот систем на луѓето и не предизвикува рак, бидејќи оваа мрежа користи радиофреквентна (RF) електромагнетна енергија која е форма на нејонизирачко зрачење слично на FM радио брановите и топлината. Нејонизирачкото зрачење не ја оштетува ДНК, за разлика од јонизирачкото зрачење кое предизвикува рак, како што е УВ светлината. Светската здравствена организација, на својата веб-страница вели дека „ниту еден негативен ефект врз здравјето не бил каузално поврзан со изложеноста на безжични технологии“. СЗО во причините кои предизвикуваат рак не ја вбројува 5Г технологијата

 

 

Пост на Фејсбук тврди дека 5Г мрежата влијае врз имунoлошкиот систем на луѓето и дека е причини за сè поголемиот број случаи на рак кај луѓето. Ова не е точно.

Епидемија на рак во прогнозата поради 5G

За штетноста на 5G мрежата за помалку од три минути, само за да можете да видите што прави EMG RF зрачењето на 5G мрежата на клеточно ниво, како доведува до нарушување на клеточната мембрана и нејзината способност да го контролира влезот и излезот на калциумот од клетката, потоа доведува до намалување на белите крвни зрнца во човечкото тело (намалување на имунитетот), намалено железо во телото, а со тоа и намалена способност на хемоглобинот да доставува кислород до сите клетки, што предизвикува-и- ефектот доведува до зголемен број на канцери кај луѓето (ова го правеле 3G и 4G, но со помал интензитет). Од ова може да се види кој, всушност, е одговорен за зголемувањето на бројот на рак кај луѓето во последните 20-тина години, се вели во постот што го анализираме во кој е прикажан и видеоматеријал.

Нема докази дека 5Г мрежите имаат влијание врз имунолошкиот систем, односно дека ја нарушуваат клеточната  мембрана. 5Г мрежите на мобилните провајдери, кои ветуваат побрзи врски, долго време се мета на скептиците и теоретичарите на заговори кои велат дека овие мрежи имаат негативни здравствени ефекти. Вистиномер веќе пишуваше за тоа дека 5Г технологијата не е опасна по здравјето и не е поврзана со појавата на коронавирусот.

Во телекомуникациите, 5Г е петта генерација на мобилна мрежа. Таа користи радио бранови со висока фреквенција и поблиску дистрибуирани безжични пристапни точки за да создаде побрзи и посигурни интернет конекции.

Радио брановите се форма на електромагнетно зрачење. Експерти во изјава за Ју-ес-еј Тудеј велат дека терминот опишува неколку различни видови на енергија на електромагнетниот спектар.

Од биолошка гледна точка, најважната разлика во типовите на EMR се јавува кога енергијата ќе го достигне ултравиолетовиот регион на спектарот и пошироко. Во овој дел од спектарот – ултравиолетовите и повисоките енергии – EMR има доволно енергија да ги одвои електроните од атомите, вели за Ју-ес-еј Тудеј Џеролд Бушберг, виш потпретседател на Националниот совет за заштита од радијација и мерења.

Тој процес се нарекува „јонизација“, додава тој, и ја менува хемијата на атомите и молекулите. Изложеноста на јонизирачко зрачење, како што се х-зраци и гама-зраци, може да предизвика оштетување и мутации во човечките клетки, што резултира со рак и други здравствени ефекти.

Тоа е различно од видот на електромагнетното зрачење што го користи 5Г мрежата.

Ширењето на EMR на енергии пониски од ултравиолетовиот дел од спектарот – вклучително видливата светлина и радио брановите – се нарекува нејонизирачко зрачење поради неговата неможност да предизвика јонизација. Ова е важна биолошка разлика помеѓу двата региони од  EMR спектарот, објаснува Бушберг.

Експертите во изјава за Ју-ес-еј Тудеј велат дека, иако се потребни повеќе истражувања за здравствените ефекти на технологијата 5Г, тврдењето дека таа влијае врз имунолошкиот систем на луѓето и предизвикува рак е недокажано.

Тврдењето дека ЕМФ зрачењето од 5Г има и ќе има огромно влијание врз вашиот имунолошки систем е неточно и без никакво научно оправдување, вели д-р Марвин Зискин, почесен професор по радиологија и медицинска физика на Медицинскиот факултет на Универзитетот Темпл.

Светската здравствена организација, на својата веб-страница вели дека „ниту еден негативен ефект врз здравјето не бил каузално поврзан со изложеноста на безжични технологии“.

СЗО во причините кои предизвикуваат рак не ја вбројува 5Г технологијата.

Австралиската агенција за заштита од радијација и нуклеарна безбедност вели дека „нема утврден доказ дека изложеноста на ниско ниво на радио бранови од 5Г влијае на имунолошкиот систем“.

И според Националниот институт за еколошки здравствени науки на САД, „научните докази не го поврзуваат дефинитивно користењето на мобилните телефони со какви било негативни здравствени проблеми на луѓето, иако научниците признаваат дека се потребни повеќе истражувања“.

Австралискиот Совет за рак, кој е водечка хуманитарна организација за рак во Австралија и единствената австралиска добротворна организација која работи на секој аспект на секој вид рак, од истражување до превенција и поддршка, посочува дека 5Г технологијата не предизвикува рак кај луѓето.

Како и сите мобилни технологии, 5Г користи радиофреквентна (RF) електромагнетна енергија за да комуницира помеѓу мобилните телефони и базните станици. Оваа енергија е форма на нејонизирачко зрачење слично на FM радио брановите и топлината. Нејонизирачкото зрачење не ја оштетува ДНК, за разлика од јонизирачкото зрачење кое предизвикува рак, како што е УВ светлината, пишува Советот за рак.

Дополнително, јачината на RF полињата што се емитуваат од антените на базната станица мора да биде во рамките на безбедносните граници дизајнирани да ја ограничат изложеноста на заедницата. Антените обично се поставуваат на височина, подалеку од луѓе, бидејќи јачината на RF полето брзо се намалува со растојанието од базната станица.

Иако е многу малку веројатно дека изложеноста на 5Г радиофреквенцијата (независна од употребата на мобилниот телефон) ќе предизвика рак, многу луѓе се загрижени дека употребата на мобилни телефони ќе предизвика. Сепак, има малку докази кои сугерираат дека постои проблем. Австралиска студија објавена во 2018 година не откри врска помеѓу зголемувањето на употребата на мобилни телефони и инциденцата на рак на мозокот. Овие податоци ги поддржаа слична студија објавена во 2016 година. Општо земено, досегашните истражувања покажуваат дека нема зголемување на ризикот од рак поврзан со нормално ниво на употреба на мобилни телефони, се додава на официјалната веб-страница на австралискиот Совет за рак.

Имајќи го предвид сето погоре можеме да кажеме дека 5Г технологијата не влијае негативино врз имунолошкиот систем на луѓето и не предизвикува рак бидејќи оваа мрежа користи радиофреквентна (RF) електромагнетна енергија која е форма на нејонизирачко зрачење слично на FM радио брановите и топлината. Нејонизирачкото зрачење не ја оштетува ДНК, за разлика од јонизирачкото зрачење кое предизвикува рак, како што е УВ светлината. Поради тоа, постот што го рецензираме, го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција