Не е точно дека Мајка Тереза продавала бебиња

Дел од поставката во Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје. Фото: Вистиномер

Во објавата се користи фотографија на која се наоѓаат доктор Ентони Фаучи и Мајка Тереза, објавена уште во 2004 година во списанието на медицинскиот центар Вандербилт, за да се направи конструкција дека Мајка Тереза продавала бебиња и дека е поврзана со Фаучи. Но, за Мајка Тереза нема обвинувања дека била вклучена во трговија со деца, туку за член од нејзината организација и тоа 20 години после нејзината смрт. Мајка Тереза е канонизирана за светица во 2016 година, а не во осумдесеттите, како што се тврди во објавата

Во објавата се користи фотографија на која се наоѓаат доктор Ентони Фаучи и Мајка Тереза, објавена уште во 2004 година во списанието на медицинскиот центар Вандербилт, за да се направи конструкција дека Мајка Тереза продавала бебиња и дека е поврзана со Фаучи. Но, за Мајка Тереза нема обвинувања дека била вклучена во трговија со деца, туку за член од нејзината организација и тоа 20 години после нејзината смрт. Мајка Тереза е канонизирана за светица во 2016 година, а не во осумдесеттите, како што се тврди во објавата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Eнтони Фаучи. САД. ,,Kовид е опасен вирис,мораме да примиме викцини сите”. Погледнете ја сликата.

На фотографијата во склоп на објавата пишува дека „на неа се наоѓа Мајка Тереза, заедно со Ентони Фаучи“, дека Мајка Тереза „продавала бебиња и била користена за фотографирање во осумдесеттите кога била наметната како светица”.

Точно е дека на фотографијата се наоѓа доктор Ентони Фаучи со Мајка Тереза (таа е објавена на Дејли Мејл), ама датумот на фотографијата е непознат. Она што е познато е дека Фаучи има голем придонес во справувањето на САД со ХИВ, САРС, МЕРС и ебола.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, нема докази дека Мајка Тереза тргувала со деца, како што тоа се наведува во објавата што ја рецензираме. Според сајтот за Нобеловата награда, Мајка Тереза е родена во Скопје во времето на Отоманската Империја на 26 август 1910 година. Таа се приклучила на Сестрите од Лорето, ирско движење на калуѓерки со мисија во Индија, на возраст од 18 години.

Како римокатоличка калуѓерка, таа ги водела мисионерите на хуманоста сè до смртта во септември 1997 година. Организацијата била поврзувана со скандал за трговија со деца во 2018 година, повеќе од 20 години откако Мајка Тереза почина. Еден од членовите во 2018 година бил уапсен затоа што продал бебе. Ројтерс истата година извести дека индиската влада почнала истрага за организацијата поради загриженост за трговија.

Мајка Тереза била критикувана за сиромашните услови и третман на болните во Калигат хоспис, што таа го основаше, како и за нејзините строги погледи за контрацепцијата, абортусот и разводот. Ројтерс, сепак не најде извештаи, медиумски или какви било написи каде таа е обвинета за продажба на бебиња или за инволвираност во трговија со деца.

Така што, тврдењата за католичката калуѓерка која подоцна беше канонизирана за светица, во кои се вели дека таа била вклучена во трговија со деца, се невистинити.

Фотографијата од објавата што ја рецензираме е од непознат датум, но е објавена во списанието на медицинскиот центар Вандербилт во 2004 година.

Доктор Ентони Фаучи беше вклучен во пандемијата со ковид во САД на начин што постојано алармираше за вакцинација, за опасноста од ковид-19 и за мерките коишто американската влада ги преземаше во борбата против пандемијата.

Не постои причина кој било да почине од ковид, кога ја имаме вакцината и лековите што ги имаме за да луѓето бидат третирани. Мора да им посочиме на граѓаните да го ценат тоа што го имаме, за да се заштитат себеси, семејството и целото општество преку вакцинацијата, рече доктор Фаучи на 22 декември 2022 година.

Точно е дека тој како и мнозинството од медицинската и научната заедница се заговорници за вакцинација, затоа што вакцините против ковид имаат позитивен безбедносен профил, заштитуваат од тешка форма на болеста и го намалуваат ризикот од смртен исход. Но, тоа не може да се доведе во никаква корелација со фотографијата на Фаучи со Мајка Тереза, која е објавена уште во 2004 година во медицинско списание на универзитетот Вандербилт и е дел од времепловот на неговата богата медицинска кариера. Претходно на социјалните мрежи се ширеа и лаги дека Фаучи бил син на Мајка Тереза.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, Мајка Тереза не беше канонизирана во осумдесеттите туку во 2016 година.

Поради сите горенаведени факти објавата  ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција