Не е точно дека руската ракета „Кинжал“ уништила таен бункер на НАТО во Лавов
Самата теорија за постоењето на некој таен бункер на НАТО кај Лавов е апсурдна. Лавов се наоѓа на 50 километри од границата со Полска, земја членка на НАТО, па доколку имало состаноци на генералите на НАТО и вооружените сили на Украина, тогаш пологично би било да се организираат на безбедна територија на земја членка на Алијансата. Исто така, на која било држава во светот би ѝ било тешко да сокрие толку значителни загуби од 300 луѓе, особено ако станува збор за странски државјани. Веста за „тајниот бункер на НАТО“ во близина на Лавов, наводно уништен на 9 март, масовно се шири барем од почетокот на март. Примарниот извор на оваа (дез)информација за повеќето руски медиуми е грчкиот портал Pronews
Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека „повеќе од 300 офицери на НАТО“ биле убиени на 9 март во „застрашувачки напад“ од проектил.
Авторката на постот се повикува на информации од грчкиот портал Проњуз и притоа вели:
Како што на 12 март објави грчкиот политички и воен информативен портал Pronews, повикувајќи се на американски извори, за време на операција како одмазда за провокација во областа Брјанск, руската хиперсонична ракета „Кинжал“ го погодила заедничкиот командно-комуникациски центар Украина-НАТО.
По голема веројатност станува збор за пораз на „штабот во сенка“ на НАТО во Украина. Во тајниот подземен бункер, изграден на длабочина од 120 метри, беа сместени неколку офицери и советници на НАТО, вкупно повеќе од 300 луѓе. До денес, како што пишува порталот, од урнатините на подземниот штаб се извлечени 40 луѓе, но повеќето од загинатите под урнатините се уште не се пронајдени.
Ова не е вистина.
Кон крајот на март 2023 година, проруските профили на социјалните мрежи – па дури и руската државна телевизија – со голема гордост тврдеа дека хиперсонична ракета „Кинжал“ однела тајна подземна команда на НАТО во западниот украински град Лавов. Додека длабочината на наводниот бункер варираше многу, некаде се пишуваше дека е на 80 метри додека некаде дури и на 130 метри.
Најпрвото вакво тврдење на англиски јазик што проверувачите на факти од „Сноупс“ го идентификуваа беше објавено на 1 март 2023 година, на австралиската веб-страница, Кернс Дејли, која често објавува дезинформации. Авторот кој ги поддржува овие тврдења е наводниот „козачки полковник Јуриј Коминенко“.
Самата теорија за постоењето на некој таен бункер на НАТО кај Лавов е апсурдна. Факт е дека Лавов се наоѓа на 50 километри од границата со Полска, земја членка на НАТО. Па доколку се одржат вакви состаноци на генералите на НАТО и вооружените сили на Украина, тогаш пологично би било да се организираат на безбедна територија на земја членка на Алијансата.
Дезинформациите од Кремљ редовно ги прикажуваат руските ракети Кинжал како „непобедливо оружје“ што „предизвикува страв на Западот“. Така, претходните пропагандисти ширеле дезинформации дека Џо Бајден наводно признал дека се плаши од руските ракети Кинжал.
Понатаму, неверојатно е ракетата Кинжал да може да навлезе во длабоката подземна база, за која се пишуваше дека била дури на 130 метри длабочина.
Веста за „тајниот бункер на НАТО“ во близина на Лавов, наводно уништен на 9 март, масовно се шири барем од почетокот на март. Примарниот извор на оваа (дез)информација за повеќето руски медиуми е грчкиот портал Pronews.
На 9 март 2023 година навистина се случи руското масовно гранатирање на територијата на Украина, вклучително и регионот Лавов. Според Јуриј Игнат, портпарол на командата на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина, Русија на 9 март лансирала 6 хиперсонични ракети Кинжал во Украина. Како што изјави претседателот на градската територијална заедница Золочив, Игор Гринков, една од руските проектили ја погодила областа Золочив во регионот Лавов.
Меѓутоа, во овој ракетен напад беа погодени две станбени згради во селото Болшаја Олшаница, како резултат на што загинаа 5 локални жители. Што се однесува до другите ракети над регионот Лавов, како што рече шефот на Лавов, Максим Козицки, тие биле соборени од силите за противвоздушна одбрана.
На која било држава во светот би ѝ било тешко да сокрие толку значителни загуби од 300 луѓе, особено ако станува збор за странски државјани.
Ќе ја цитираме изјавата на Серхи Лешченко, советник на шефот на кабинетот на претседателот на Украина.
Базите на НАТО се отвораат само на територијата на земјите-членки на Алијансата, а Украина нема ни статус на кандидат за НАТО.
Ракетата Кинжал може да патува со неколку пати поголема брзина од брзината на звукот и да ја избегне западната противвоздушна одбрана – е вообичаена карактеристика на руската пропаганда, како што се тврдењата дека Украина дејствува како марионета на НАТО.
Градот Лавов, покрај тоа што е само неколку километри оддалечен од Полска, членка на НАТО, е исклучително далеку од првите линии и нема руски војници на теренот кои би „извлекле 40 мртви од урнатините на подземниот штаб“, што фрла значителен сомнеж за вистинитоста на ова тврдење.
Дополнителен показател за тоа дека овие информации се лага, е и недостигот на кредибилитет на медиумите кои известуваат за „настанот“, повеќето се повикуваат на извештајот на Pronews, кој ги припишува настаните што се случиле на 8 март, на настани за кои веќе пишуваше „козачкиот полковник Јуриј Коминенко“ на 1 март.
Врз основа на сите официјални извори и факти, нема докази дека ваков настан се случил, токму затоа Вистиномер овој пост го оценува како невистина.
Инаку, информациите за уништувањето на „тајниот бункер“, беа побиени и од странски проверувачи на факти, меѓу кои американскиот сајт „Snopes“ и „ Stop Fake“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар