Не е точно дека Шилегов и Марин не направиле „апсолутно ништо“ за растоварување на сообраќајот во Аеродром

Фото: скриншот

Тврдењето на Митески дека Општина Аеродром и Град Скопје, за овие 4 години не направиле апсолутно ништо во поглед на изградба на нови булевари и мостови, е невистинито. Исто така, неточно е и дека Општина Аеродром и Град Скопје не стимулираат користење на алтернатива на автомобил. Во изминатите четири години, во Општина Аеродром се реконструирани неколку улици и булевари, а во тек е изградбата на мост со кој Аеродорм ќе се поврзе со Ќерамидница.

 

Дејан Митески, поранешен советник во општинскиот совет на Општина Аеродром и актуелен претседател на партискиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, жител на скопски Аеродром, на Фејсбук реагираше за сообраќајниот хаос во општината и градот. Тој, критикувајќи ги општинските и градските власти, меѓу другото напиша:

Да бидеме искрени, преку ноќ никој нема да направи нови булевари и мостови, ама овие за 4 години не направија апсолутно ништо. Постојат стручни лица, експерти во областа на сообраќајот, кои имаат решенија како да ја подобрат состојбата со метежот. Низа мерки кои ќе стимулираат користење на алтернатива на автомобил, непопуларни ограничувања, контрола на возилата и синхронизирани семафори можат да овозможат полесен проток на возила и побрзо и побезбедно пристигнување до планираната дестинација.

 [Извор: Фејсбукдатум: 07.09.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на Митески дека Општина Аеродром и Град Скопје, за овие 4 години не направиле апсолутно ништо во поглед на изградба на нови булевари и мостови, е невистинито. Исто така, неточно е и дека Општина Аеродром и Град Скопје не стимулираат користење на алтернатива на автомобил.

Во изминатите четири години, во Општина Аеродром се реконструирани неколку улици и булевари, а во тек е изградбата на мост со кој Аеродорм ќе се поврзе со Ќерамидница.

Новиот проширен булевар АСНОМ во Општина Аеродром беше пуштен во употреба на 26 мај 2020 година, откако претходно Град Скопје ја заврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот на потегот од крстосницата со улица Васко Карангелевски до крстосницата со булевар Србија кај мостот Близнак.

Проширениот булевар добива по 3 коловозни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот и средишно зеленило. По завршувањето на оваа фаза, булеварот преку новиот мост, којшто е веќе во изградба, треба да се поврзе со населбата Ќерамидница во општина Гази Баба, а оттука и Аеродром ќе добие нова сообраќајна релација кон Центар кај поранешен Скопски саем, посочија од Град Скопје.

Видео од новиот проширен булевар АСНОМ, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, објави на својот Фејсбук профил на 27.05.2020 година.

На 24.07.2021 година, Шилегов соопшти дека булевар АСНОМ почнал да се пробива низ Ќерамидница кон Аеродром.

Третата и последна фаза од изградбата на новиот булевар АСНОМ опфаќа изградба на булевар на потег од крстосницата со булеварот Гоце Делчев до објектот на поранешен Пролетер во населбата Керамидница. Согласно проектот оваа фаза опфаќа реконструкција и изградба на дел од булеварот во должина од 317 метри, за што ќе се инвестираат околу 70,6 милиони денари. Реализацијата на овој проект и градежните работи ќе се одвиваат согласно динамиката на експропријацијата на имотите кои се на неговата траса и моите очекувања се дека најдоцна на почетокот на наредната година да биде пуштен во употреба – кажа на прес-конференцијата градоначалникот Шилегов.

На 05.08.2021 година, Град Скопје објави дека изградбата на новиот мост на булеварот АСНОМ во Аеродром е во полн ек.

Со цел поголема безбедност на пешаците во сообраќајот, на 26.12.2019 година, на булеварот Србија во Општина Аердром беа поставени семафори со тастер.

На барање на граѓаните, по немилиот настан минатата година кога на овој пешачки премин загина пешак, Градот Скопје на оваа локација постави семафор за да овозможи побезбедно поминување на пешаците преку булеварот. Наидовме на разбирање кај компанијата ОКТА за да воведеме и еден поинаков систем – во моменти кога нема толку многу сообраќај на улицата да може со притискање копче да се отвори пешачкиот сигнал за да се зголеми безбедноста на пешаците при преминувањето на улицата, особено на децата од оваа околина коишто одат на училиште – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој потсети дека Градот Скопје на Булеварот Србија изгради и велосипедска патека, која ги поврзува главните велосипедски рути во Аеродром со Кисела Вода и Гази Баба.

На 27.08.2021 година, Шилегов, на средба со жителите на Аеродром, нагласи дека Аеродром е една од општините со најмногу важни капитални проекти.

Со изградбата на булеварот АСНОМ и новиот мост на Вардар за граѓаните од Лисиче обезбедивме побрз излез према Центар и Гази Баба. Ги реконструиравме бул. Видое Смилевски Бато, улиците Февруарски поход и Владимир Комаров, почнавме со реконструкција и пробивање на дел од Васко Карангелески, при што оваа улица ја спојуваме со ул. Трета Македонска бригада, каде што го решивме проблемот со стеснувањето кај пералната, кој мојот претходник ни го остави во наследство. Булевар Србија и бул. Февруарски поход добија нови велосипедски патеки, а при крај е вело патеката на бул. Видое Смилевски Бато, посочи Шилегов.

Како што веќе има објавено „Вистиномер“, ветувањето на  градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за реконструкција на булеварот „Видое Смилевски Бато“, во населбата Ново Лисиче е исполнето.

На 02.07.2019 година, Град Скопје информира дека започнала реконструкцијата на коловозот на улицата „Февруарски поход“ во скопската Општина Аеродром.

Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на главните сообраќајници насекаде низ нашиот град. Денеска ја почнавме реконструкцијата на оваа фреквентна и оштетена улица Февруарски поход во населбата Ново Лисиче. Реконструкцијата на коловозот ќе се изведува во должина од 720 метри, а предвидено е да се заврши, како што стана традиција, за рeкордно кратко време, во рок од 20 дена – рече Шилегов.

На 23.08.2019 година, започна реконструкција на улицата „23 Октомври“ во Општина Аеродром.

Градоначалникот Марин потсети дека покрај реконструкција на булеварот Февруарски поход, во Општина Аеродром се изградени и десет нови улици. Тој додаде дека ќе продолжат со подобрување на патната инфраструктура, како во Општина Аеродром, така и во Град Скопје.

Градоначалник Шилегов појасни дека оваа реконструкција чини околу девет милиони денари и ке биде завршена во рок една недела.

Градот Скопје денеска започна со реконструкција на улицата Владимир Комаров, односно по ново 23 Октомври, во должина од 800 метри, на релација од железничката станица каде што беа вршени прекупи во текот на минатата година па се до булеварот, рече  Шилегов.

Што се однесува до стимулирањето на алтернативите на користење автомобил, Општина Аеродром доделува субвенции за купување велосипеди, а Град Скопје, освен за велосипеди, дава субвенции и за купување електрични тротинети.

Имајќи го предвид сето ова, не може да се каже дека Шилегов и Марин не направиле „апсолутно ништо“ во овие четири години во поглед на изградбата и реконструкцијата на булевари и улици во Општина Аеродром и растеретување на сообраќајот.

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција