Не е точно дека владата на Бајден ќе им даде само 750 долари на погодените од ураганот Хелена

Фото: Принтскрин видео

Овој дезинформациски наратив е дело на Доналд Трамп и неговите поддржувачи и истиот не ги изнесува сите факти. Точно е дека потпретседателката Харис спомнала помош од 750 долари, но таа е првична помош за неопходните работи, и не е единствена. Погодените од ураганот можат да аплицираат за помош од ФЕМА. Помошта за Украина, Израел и емигрантите доаѓа од различни фондови и нема никаква врска со помошта која се исплаќа за елементарни непогоди. Во објавата која ја анализираме не се спомнуваат фактите, туку нецелосни информации со цел да се промовира овој лажен наратив

Овој дезинформациски наратив е дело на Доналд Трамп и неговите поддржувачи и истиот не ги изнесува сите факти. Точно е дека потпретседателката Харис спомнала помош од 750 долари, но таа е првична помош за неопходните работи и не е единствена. Погодените од ураганот можат да аплицираат за помош од ФЕМА. Помошта за Украина, Израел и емигрантите доаѓа од различни фондови и нема никаква врска со помошта која се исплаќа за елементарни непогоди. Во објавата која ја анализираме не се спомнуваат фактите, туку нецелосни информации со цел да се промовира овој лажен наратив

 

 

Анализираме објави на Фејсбук (тука и тука) кои тврдат дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го оставила народот сам, без никаква помош да се бори со последиците од ураганот Хелена, притоа обезбедувајќи им помош на Американците од само 750 долари, бидејќи владата парите ги потрошила на Украина, на Израел и на емигрантите. Во таа насока се споделува и изјава на потпретседателката Камала Харис во која таа ја спомнува помошта од 750 долари. Но изјавата не е целосна.

Ураганот Хелена,САД. Катастрофални последици … без помош од владата. Народот сам се бори .. за спас..додека нивните пари ..владата ги потрошила на Украина,на емигрантите итн, се наведува во првата објава.

Еве ја вистинската видео снимка. Камала понуди 750 долари за жртвите од ураганот Хелена 💀. Милијарди на Израел да продолжи со геноцидот, а само 750 долари на Американците. 750 долари се повеќе како навреда за повреда. Ова е одвратно. Ова е срамота.  Американците се соочуваат со огромни загуби и многумина никогаш нема да закрепнат, гласи втората објава.

Најмалку 200 луѓе загинаа како резултат на невремето, кое помина над Флорида, Џорџија, Тенеси, Јужна Каролина, Северна Каролина и Вирџинија. Многу домови беа однесени или тешко оштетени, додека илјадници останаа без струја или пристап до комуникациите.

Според Форбс, наративот дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) не може доволно добро да одговори на последиците од ураганот Хелена, бидејќи пренасочила толку многу пари за да им помогне на мигрантите, почнаа да го шират поранешниот претседател Доналд Трамп и неговите сојузници.

Трамп постојано тврди дека ФЕМА има проблеми со парите поради средствата потрошени за мигранти, односно дека „Камала ги потрошила сите нејзини пари од ФЕМА – милијарди долари, на домување за илегални мигранти“. Цитирајќи го водителот на Фокс Њуз, Џеси Вотерс, Трамп на неговата социјална мрежа напиша:

ФЕМА сега е без пари, бидејќи Џо Бајден и Камала потрошија над милијарда долари пари од ФЕМА за мигранти.

Доналд Трамп Јуниор беше еден од многуте републиканци од висок профил кој ја критикуваше потпретседателката Камала Харис по нејзината посета на Џорџија за да ја види штетата на ураганот Хелена, тврдејќи дека таа им понудила на погодените од несреќата, само 750 долари, пишува Њузвик.

750 долари за Американците на кои очајнички им требаат пари, изгубија сè, вклучително и семејството,

250 МИЛИЈАРДИ долари потрошени во Украина со население од +\– 38 милиони е еднакво на нешто повеќе од 6.500 долари по човек во УКРАИНА!!! За што? Доста е од ова лудило! објави Трамп Џуниор на Икс.

 Што говорат фактите

Средствата на ФЕМА за справување со напорите за помош при катастрофи се посебно од парите дадени на имигрантските заедници, наведува Форбс во својата анализа.

ФЕМА на својата веб-страница вели дека сите тврдења дека средствата за катастрофи биле пренасочени кон напорите поврзани со границите се „лажни“, истакнувајќи дека Фондот за помош при катастрофи е фонд посветен токму за таква намена и парите наменети за фондот „не се пренасочени на други напори кои не се поврзани со катастрофи“.

Конгресот одредува колку пари ќе одат во Фондот за катастрофи на ФЕМА, а фондот се соочува со проблеми откако законодавците одбија да одвојат дополнително финансирање за напорите на ФЕМА во нацрт-законот за финансирање што беше усвоен минатиот месец, со кој само се продолжи постојното ниво на финансирање на ФЕМА и ѝ дозволи побрзо да извлече средства од 20 милијарди долари.

Демократските пратеници изразија загриженост за буџетот на ФЕМА дури и пред да ураганот Хелена, бидејќи ФЕМА мораше да престане да ги финансира напорите за обнова на неитни случаи со цел да ги зачува средствата, а некои сега го повикаа Конгресот  да усвои закон што ќе му даде на Фондот за помош при катастрофи повеќе пари.

Потпретседателката Харис, во својот говор одржан на 3 октомври во Августа, Џорџија, ги спомна исплатите во готовина како еден дел од поголемите напори за помош, пренесува Њузвик.

И федералната помош и поддршка што ја дававме го вклучува обезбедувањето од 750 долари од ФЕМА за луѓето на кои им треба итно исполнување на потребите, како што се храна, формула за бебиња и слично. И можете да аплицирате сега, рече таа.

Харис рече дека работниците на ФЕМА оделе од врата до врата за да им ги обезбедат на жителите парите за непосредна помош, додека оние кои имале интернет врска можеле да аплицираат онлајн.

Таа, исто така, го наведе дополнителното, подолгорочно финансирање за итни случаи што се ставаат на располагање, додавајќи:

ФЕМА исто така обезбедува уште десетици илјади долари за луѓето за да им помогне да се справат со поправка на домот, за да можат да покријат франшиза кога и ако имаат осигурување, а и хотелски трошоци.

Како што објави Белата куќа на 30 септември, помошта на ФЕМА во Флорида, Северна Каролина и Јужна Каролина може да вклучи еднократна исплата од 750 долари за помош со основните предмети како храна, вода, формула за бебиња и други итни резерви.

По регистрацијата за помош при катастрофи, поединците може да се квалификуваат и да добијат финансиска помош поврзана со катастрофи за поправка на штетите поврзани со невреме на домови и замена на личниот имот, како и помош за наоѓање привремено место за престој, се наведува во соопштението на администрацијата на Бајден-Харис.

Администрацијата на Бајден веќе исплати над 10 милиони американски долари „флексибилна и однапред“ помош за погодените држави, се вели во соопштението за печатот на ФЕМА.

Федералната агенција за помош испратила над 8,8 милиони оброци, повеќе од 7,4 милиони литри вода, 150 генератори и повеќе од 225.000 церади во зоната на невремето, се вели во соопштението.

Екипите, исто така, помагаа во обновувањето на струјата и поставувањето сателитски интернет врски за оние без услуга.

Над 1.600 интеракции со луѓе и животни, вклучително и спасување и евакуација, исто така се случија со федерална помош, се додава во анализата на Њузвик.

Претседателот Џо Бајден, исто така, рече дека неговата администрација ќе покрие 100 отсто од трошоците за првите 180 дена во Флорида, Џорџија и Северна Каролина, додава Њузвик.

Значи, не е точно дека владата на Бајден ги потрошила сите пари на Украина, Израел и на емигрантите и дека сега нема пари да им помогне на своите граѓани да се справат со последиците од ураганот Хелена. Овој дезинформациски наратив е дело на Доналд Трамп и неговите поддржувачи и истиот не ги изнесува сите факти. Точно е дека потпретседателката Харис спомнала помош од 750 долари, но таа е првична помош за неопходните работи, и не е единствена. Погодените од ураганот можат да аплицираат за помош од ФЕМА. Помошта за Украина, Израел и емигрантите доаѓа од различни фондови и нема никаква врска со помошта која се исплаќа за елементарни непогоди. Во објавата што ја анализираме не се спомнуваат фактите, туку нецелосни информации со цел да се промовира овој лажен наратив. Поради тоа, оценуваме дека на објавата ѝ недостига контекст.

 

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција