Не е точно дека во ОН терминот „македонски јазик“ е заменет со „јазик на РС Македонија“

Постот шири невистини за наводно интерно упатство на ОН да се користи терминот  „јазик на Северна Македонија“, наместо „македонски јазик“. Ваквите дезинформации беа демантирани од ОН и од македонското МНР

Постот шири невистини за наводно интерно упатство на ОН да се користи терминот  „јазик на Северна Македонија“, наместо „македонски јазик“. Ваквите дезинформации беа демантирани од ОН и од македонското МНР

 

 

Пост на Фејсбук тврди дека со интерна одлука на Секретаријатот на Обединетите Нации, на сите служби им е наложено наместо терминот  „македонски јазик“ да користат „јазикот на Република С Македонија (РСМ).“ Ова не е точно, а демант за истото пристигна и од македонското Министерство за надворешни работи.

ООН

(Теорија и пракса)

Да повториме и нагласиме што се случи денеска:

Денеска, со интерна одлука на Секретаријатот на Обединетите Нации, на сите служби им е наложено наместо терминот “македонски јазик” да користат “јазикот на Република С Македонија (РСМ).”

Тоа имено се случува веднаш откако на должноста амбасадор на РСМ во ОН стапи Љубомир Данаилов Фрчкоски.

Доколку властите не реагираат со протестна нота или слично, тоа ќе значи дека на дело е последниот или претпоследниот чин од долготрајниот обид за идентитетско обезличување на Македонскиот народ со согласност на властодршците. Теоретски. Практично, пак, да простите, ќе ни се фатат. Текот на реалната историјата се движи во поволна насока за Македонците, колку и да не изгледа така во моментов на прв поглед.

Тоа, значи, се случи денеска, се вели во постот кој го анализираме.

Во дел од медиумите беше објавена информација дека со интерна одлука на Секретаријатот на Обединетите Нации, на сите служби им било наложено наместо терминот „македонски јазик“ да се користи терминот „јазикот на Република С Македонија (РСМ).“ Но, овие информации не беа поткрепени со никакви докази, туку беа поткрепени со неименувани извори.

Ваквите информации веднаш ги демантираше МНР, оценувајќи ги како шпекулации. Оттаму посочија дека единствениот референтен документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology). Во овие податоци јасно е наведено дека јазикот на земјата е „македонски јазик“.

Објавените информации преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија. Во документот на UNTERM се дадени основните информации за секоја земја: официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ISO кодовите и др. Линкот на UNTERM за личната карта на земјата е секогаш достапен онлајн и на него може да пристапи секој. (Линк: https://unterm.un.org/UNTERM/Display/Record/UNHQ/NA/1c98d616-3b6a-4d15-a7cb-f88c7f988b83),се наведува во соопштението на МНР.

Демант за ваквите информации стигна и од Обединетите нации. Оттаму нагласуваат дека нема упатство за промена на употребата на терминот „македонски јазик“.

Не е испратено такво упатство до персоналот на Обединетите нации со кое би се упатиле службите, наместо терминот македонски јазик да го користат терминот „јазик на Република Северна Македонија“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа од портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дјурачич.

Употребата на референци од страна на Обединетите нации, вклучително и референци за придавки, за Северна Македонија се води според официјалната кореспонденција од Постојаната мисија на Република Северна Македонија во Обединетите нации од 14 февруари 2019-та година, како што е рефлектирано и во UNTERM, јавно достапна терминолошка база на податоци на Обединетите нации. Секретаријатот на Обединетите нации, кој продолжува да го води персоналот на Секретаријатот, не издаде никакво друго упатство освен она содржано во UNTERM, се вели во одговорот за РСЕ од седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.

На 17.6.2018 година, во село Нивици (Псарадес) на грчкиот брег од Преспанското Езеро, шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, ја потпишаа „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817  (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Документот предвидува ново име за Република Македонија, односно „Република Северна Македонија“, кое ќе се употребува erga omnes, односно во секоја пригода и вo земјава и надвор од неа. Oфицијалниот јазик на земјата е македонски, додека државјанството ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц. Со овој договор, познат и како Преспански договор, му се става крај на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

За тоа кои се најчестите дезинформации поврзани со Преспанскиот договор, можете да прочитате ТУКА.

Имајќи предвид дека информациите за наводно интерно упатство на ОН да се користи терминот  „јазик на Северна Македонија“ наместо „македонски јазик“, не се поткрепени со релевантни докази и истите беа демантирани од ОН и од македонското МНР, можеме да заклучиме дека постот што го анализираме е невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција