Не е вистина дека ЕУ ќе ги отвори границите без тестови и вакцини

Социјалните мрежи се злоупотребуваат за да го привлечат вниманието на читателите со дезинформации во врска со ковид пандемијата. Конкретен пример е содржината која ја рецензираме. Иако на постот коментирале и голем број на револтирани граѓани кои го критикуваат и обвинуваат споделувачот на ваквите дезинформации, загрижувачки е фактот што бројот на тие што ја споделуваат и на кои им се допаѓа гореспоменатата дезинформација е доста голем.
Содржината која ја рецензираме првично е објавена на порталот „Oнлине”. Тоа што паѓа во очи е дека сите наслови на овој портал се сензационалистички и имаат за цел да го привлечат вниманието на читателите и да соберат што повеќе лајкови. Потоа содржината е споделена на Фејсбук од страна наречена „Газета Шќип”, каде што има 400 допаѓања и десетици споделувања.
Содржината има сензационалистички наслов и ги злоупотребува емоциите на читателите за да добие што поголем број кликови. „Голема вест: Дојде денот на граници без тестови, без карантин, без ништо!“ се вели во насловот на содржината. Имајќи го предвид ограничувањето на движењето како последица на глобалната пандемија со ковид, јавноста со нетрпение очекува било каква позитивна информација според која од одреден момент сите ќе можат да се движат слободно. На овој начин на читателот му се наметнува да кликне на „веста“, во чија содржина авторот не дава никакви конкретни информации.
Содржината се состои од два параграфи. Првиот изгледа како реклама за некој производ и во последната реченица ги повикува читателите да кликнат на линкот.
„Сега веќе нема никаков сомнеж, ни трошка сомнеж за датумот на поминувањето на границите без тест, без карантин, без ништо, затоа што ЕУ ни ја дава оваа радосна вест за да се израдува целото човештво, а посебно ќе се израдува дијаспората и тие што ќе работат во Европа. ВЕ ПОКАНУВАМЕ ДА ГО ВИДИТЕ ВИДЕОТО ТУКА“, пишува во првиот параграф.
Во вториот параграф се тврди дека ЕУ одржала состанок и го определила датумот кога ќе ги отстрани сите ограничувања, меѓутоа никаде не пишува кога се одржал состанокот и од кој датум ќе можеме да се движиме слободно.
Сега засега ЕУ не планира да ги тргне ограничувањата
Невистинито е тврдењето дека ЕУ планира да ги отвори границите без тест, карантин или вакцина. Со цел спречување на ширењето на вирусот и намалување на ризикот од ширењето на новите мутации на вирусот, земјите од ЕУ преземаа различни мерки на ограничување при влез во нивните територии. Од ЕУ изјавија дека со земјите членки работат на еден заеднички пристап кон Ковид-19, меѓутоа одлуката за донесување на специфични мерки останува на самите земји членки. На официјалната страна на ЕУ може да се најдат сите потребни детали кои ви се потребни доколку патувате.
Што се однесува до граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, тие можат да патуваат кон ЕУ само доколку се целосно вакцинирани со една од одобрените вакцини од страна на Европската агенција за лекови.
„Земјите-членки на ЕУ се согласија за заеднички пристап за патниците кои патуваат од земјите кои не се членки на ЕУ кон Европската унија, утврден во препораката на Советот. Според овој пристап, земјите членки мора постепено да се отворат за безбедно меѓународно патување. Сите оние кои се целосно вакцинирани со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови можат да патуваат во ЕУ за која било каква причина“, пишува на официјалната веб страна на ЕУ „Патување за време на пандемијата со КОВИД-19“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција