Не е вистина дека на жителите на Слупчане им се простени долговите за струја

Фото: Принтскрин видео

Оваа објава на Фејсбук шири невистини дека на жителите на Слупчане им се простени долговите за електрична енергија и дека 10 години нема да плаќаат струја. Напротив, тие треба да си ги платат сите долгови и ќе плаќаат за електрична енергија онолку колку што ќе потрошат. Како што изјави за медиумите претседателот на Советот на Општина Липково, со ЕВН е договорено мештаните долговите да ги плаќаат на рати, а ЕВН од денес (9 август) да почне со работа на реконструкција на мрежата

 

Оваа објава на Фејсбук шири невистини дека на жителите на Слупчане им се простени долговите за електрична енергија и дека 10 години нема да плаќаат струја. Напротив, тие треба да си ги платат сите долгови и ќе плаќаат за електрична енергија онолку колку што ќе потрошат. Како што изјави за медиумите претседателот на Советот на Општина Липково, со ЕВН е договорено мештаните долговите да ги плаќаат на рати, а ЕВН од денес (9 август) да почне со работа на реконструкција на мрежата

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук неточно тврди дека преговорите помеѓу жителите на Слупчане и ЕВН завршиле и било договорено да им се избрише долгот за електрична енергија и 10 години да не плаќаат струја.

Заврши лидерската средба помеѓу ЕВН и Оџата од Слупчане. ЕВН ги прифати условите на оџата да се избрише долгот и 10г. да не плаќат, пишува во објавата.

Но, за што всушност станува збор.

Пред еден месец жителите на липковското село Слупчане се обиделе сами да ја приклучат струјата која им била исклучена во текот на денот, поради што направиле голема штета на системот и оставиле без струја уште неколку околни села. Оттогаш трае драмата околу струјата во ова село.

Мештаните на Слупчане не дозволуваа операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски и да постави системи за точно мерење на електричната енергија, по што за смирување на ситуацијата мораше да интервенираат и повисоки политички структури како градоначалникот и министерот за економија Крешник Бектеши.

Од ЕВН укажаа дека мештаните на Слупчане не дозволуваат операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски да ја одржува, надградува и да постави системи за точно мерење на електричната енергија.

Екипите на електродистрибуција не може да го санираат дефектот сè додека не добијат цврсти гаранции дека ќе се овозможат нормални услови за работа. Дефекти предизвикани од неовластени манипулации како во случајов, одземаат многу време да се санираат. Кражбите на електрична енергија во ова село се 80, а наплатата е само 20 проценти, посочија од ЕВН.

По ова започнаа преговори помеѓу жителите на Слупчане и ЕВН како да се реши ситуацијата.

Дел од барањата на Слупчанци во овие преговори беше да им се простат сите досегашни долгови за струја кои изнесуваат по неколку илјади евра, бесплатни нови приклучоци, а без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3.000 денари.

Но, тоа не значи дека овие барања им се прифатени, како што наведува објавата што е предмет на рецензија. Напротив, овие барања беа одбиени.

ЕВН барањата на Слупчанци ги оцени како спротивни на законските регулативи, а министерот Бектеши потенцираше дека секој треба да плати онолку колку ќе потроши, што е исто така спротивно во однос на она што се тврди во Фејсбук објавата.

Секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил. Министерството за економија, согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за енергетика, креира клима со цел да се намалат загубите во пренос на електрична енергија како и неовластено користење на електрична енергија. Затоа, повикуваме дека секој граѓанин треба да плати за тоа што го потрошил бидејќи така функционира пазарната економија, вели Бектеши.

Според последните информации, жителите на Слупчане и ЕВН ги завршиле преговорите и се очекува да потпишат договор за решавање на проблемите. Но, Договорот е далеку од она што се тврди во објавата.

Како што информира за Алфа претседателот на советот на Општина Липково, Зекирија Шаини, ЕВН од среда, 9 август ќе почне со работа на реконструкција на мрежата, а долговите ќе се плаќаат на рати.

Се договоривме струјомерите да се надвор од куќите, се договоривме социјалните случаи да платат на рати, секој да има струја, а каде ќе се гради нова куќа ЕВН да инвестира во мрежата, а во иднина сметките ќе се плаќаат, порача Зекирија Шаини, претседател на Совет на Општина Липково.

ЕВН потврдија дека од 9 август почнуваат да работат на мрежата во Слупчане. Од компанијата велат дека добиле уверување дека екипите нема да имаат проблеми во ова липковско село каде во изминатиот период имаше тензии поради неплаќањето на сметки на 80 отсто од населението.

Екипите на Електродистрибуција утре ќе започнат со работа во селото Слупчане. Законите кои важат за сите корисници во државата, ќе продолжат да важат и понатака, велат кратко од ЕВН.

Според сите овие информации, заклучуваме оваа објава на Фејсбук шири невистини дека на жителите на Слупчане им се простени долговите за електрична енергија и дека 10 години нема да плаќаат струја. Напротив, тие треба да си ги платат сите долгови и ќе плаќаат за електрична енергија онолку колку што ќе потрошат.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција