Не е вистина дека НАТО ги повлекол сите безбедносни сертификати

Фото: nato.int

Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации информира дека досега се нема случено повлекување на безбедносни сертификати дадени на македонски функционери, воени лица, разузнавање и МВР од страна на НАТО, ниту пак, за такво нешто има какви било индиции. Потврда дека информацијата што се споделува на социјалната мрежа X е  неточна добивме и од Министерство за одбрана

Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации информира дека досега се нема случено повлекување на безбедносни сертификати дадени на македонски функционери, воени лица, разузнавање и МВР од страна на НАТО, ниту пак, за такво нешто има какви било индиции. Потврда дека информацијата што се споделува на социјалната мрежа X е  неточна добивме и од Министерство за одбрана

 

 

На објава на социјалната мрежа X (поранешно Твитер) споделено е тврдење дека НАТО ги повлекува сите безбедносни сертификати дадени во Македонија на лица на разни функции. Ова не е точно.

Најново е што НАТО ги повлекува сите безбедносни сертификати дадени на македонски функционери, воени лица, разузнавање и МВР, пишува во објавата.

Сите барања за безбедносен сертификат од НАТО за Македонија одат преку Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Постојат два вида безбедносни сертификати коишто ги издава Дирекцијата, и тоа:

– безбедносен сертификат за физичко лице и

– безбедносен сертификат за правно лице.

Безбедносните сертификати може да се издадат за ракување со национални, со НАТО или со ЕУ класифицирани информации. Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава национални и НАТО безбедносни сертификати до и вклучително степенот „ДРЖАВНА ТАЈНА”.

Во објавата се тврди дека НАТО ги повлекува сите сертификати коишто се дадени на македонски функционери и службеници, но за тоа не се понудени никакви докази, туку информацијата е само така објавена, со што предизвикува ширење на паника и неизвесност.

Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во изјава за Вистиномер го демантираат ова тврдење споделено на платформата X.

Информираме дека информацијата што се споделува на посочената социјална мрежа е невистинита и претставува дезинформација од причина што досега се нема случено повлекување на безбедносни сертификати дадени на македонски функционери, воени лица, разузнавање и МВР од страна на НАТО, ниту пак, за такво нешто има какви било индиции, велат во писмениот одговор од Дирекцијата.

Прашавме и во Министерство за одбрана дали споделеното тврдење дека НАТО ги повлекува сите безбедносни сертификати дадени на македонски функционери, воени лица, разузнавање и МВР е вистина. И оттаму добивме потврда дека се работи за неточна информација.

Станува збор, за целосна, 100-процентна лажна вест. Северна Македонија е ценет сојузник кој и во НАТО и во одбраната функционира согласно највисоките стандарди на Алијансата. Споделената информација на социјалната мрежа X е дел од дезинформациските кампањи кои имаат за цел да се наруши угледот на државата и да се намали довербата во институциите, велат од Министерство за одбрана за Вистиномер.

Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Стојан Славевски во 2022 година во изјава за 360 степени информираше дека самите безбедносни проверки за тоа дали некое лице претставува или не безбедносен ризик ги вршат надлежните служби.

Кај нас тоа е Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за сите цивилни лица, додека Армијата односно Воената служба за безбедност и разузнавање за вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија. Тоа се два оперативни органи кои на наше барање ги вршат проверките, а ние сме тие кои пред НАТО гарантираме за одредено лице дека не претставува безбедносен ризик односно дека се извршени безбедносните проверки, објасни Славевски.

Безбедносните сертификати се издаваат според Законот за класифицирани информации, кој е донесен во 2019 година. Во прашалникот на осум страници којшто треба да се пополни за да се побара безбедносен сертификат, има дваесет и едно прашање, со потпрашања. Покрај вообичаените прашања што се одговараат при аплицирање за кој било документ, како на пример име, презиме, матичен број, адреса на живеење и други, во прашалникот за безбедносен сертификат има и специфични прашања.

Со оглед на сите овие аргументи, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција