Не почна да се гради кружната крстосница на две нивоа на булевар „Кочо Рацин“

Локацијата на булеварот „Кочо Рацин“ каде што требаше да почне да се гради кружнатa крстосница Фото: www.google.mk/maps

ПРОЕКТ: ПОЧЕТОК НА ИЗГРАДБА НА КРУЖНА КРСТОСНИЦА НА ДВЕ НИВОА НА БУЛЕВАР „КОЧО РАЦИН“

 Опис на проектот: Изградба на кружна крстосница на две нивоа на булеварот „ Кочо Рацин“, до влезот на новата подземна сообраќајница што треба да се изгради во близина на ТЦ „Рамстор“. (Вредност на изведба: 4 милиони евра. Рок: 2014-2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот: Почеток на изградба на кружна крстосница на две нивоа на булеварот „ Кочо Рацин“,  е неисполнето ветување на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Овој проект е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како: „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје!“ (во делот Урбанизам, булевари, мостови стр.55).

За изградбата на оваа крстосница Трајановски зборуваше и во кампањата за локалните избори во 2013 година.

Град Скопје и Општина Центар треба да изградат две кружни крстосници. Првата на вкрстувањето на Јужниот булевар со  булеварот „Климент Охридски“, а втората на крајот на булеварот „Кочо Рацин“ т.е. на подвозникот кон Црниче.

Кружните текови, како што истакна  кандидатот за градоначалник за Град Скопје од коалицијата „За подобра Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски на денешната прес-конференција, ќе бидат на две нивоа. ( информираше на 20.03.2013 поратлот А1 ОН)

Сепак, според проверката на „Вистиномер“   до моментот кога е пишуван овој текст (06.07.2017) има само најави дека ќе се гради споменатата кружна крстосница.

Во декември 2014 година, Трајановски презентирајќи го Отчетот за сработеното  ги најави и плановите  за 2015 година,  при што, меѓу другото,  спомена  дека:

Во наредната година (2015 н.з.) ќе се подготвуваат проектите за изградба на кружни текови на вкрстувањето на Јужен булевар со булеварите Свети Климент Охридски и со Кочо Рацин. 

Во октомври 2015 година медиумите информираа дека градските власти најавиле дека се работат проекти за изградба на три кружни крстосници во центарот на Скопје, од кои едната кај „Макпетрол“, меѓу улиците „Кочо Рацин“ и „Св. Кирил и Методиј“. Трјановски тогаш изјави дека за трите крстосници

 готови се сообраќајните проекти и веќе се подготвуваат основните градежни проекти. Ако се оди по планот, очекуваме летото да се распише тендер за изведувач ( Трајановски)

На  08.02.2016 година во текст  објавен на пораталот „Скопјеинфо“ повторно може да се прочита најава дека Град Скопје ќе гради три кружни крстосници, а едната е  „пред подвозникот кај зградата на „Макпетрол“

Во  август 2016 година весникот „Вечер“, повикувајќи се на информации од Град Скопје  пишува дека  „во фаза на проектирање се турбо кружните крсносници кај НИП Нова Македонија и на булеварот „Кочо Рацин“, а исто така се планира и изградба на кружен тек на улицата „Павел Шатев“ (поранешна  Бихаќка“)“.

Во ноември 2016 година на порталот „Скопјеинфо“  е објавена информација  дека во буџетот на Скопје за 2017 година се издвоени пари и за проектирање и изградба на споменатите три  кружни крстосници (меѓу кои и онаа на булеварот „Кочо Рацин“).

Сепак, овој проект воопшто не се споменува во Отчетот на Трајановски за 2016 година, а не е посочен ниту во неговите  планови за 2017 година.

Со опсежно пребарување на интернет и на агрегаторите на вести, не може да се најде информација дека е направен проектот и дека на булеварот „Кочо Рацин“, кај „Макпетрол“, се гради  кружната крстосница на две нивоа. Проверката и на терен покажува дека досега – 06.07.2017 година (пред крајот на мандатот на  градоначалниците, кој фактички е продолжен до 15 октомври 2017 година), на посочената локација не е почната изградбата на кружната крстосница, така што, ова изборно ветување на Трајановски  го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција