Не се формирани „енергетско-земјоделски зони“, нема когенеративни инсталации во оранжериите

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе се доделува земјоделско земјиште од пониска класа за создавање на „енергетско–земјоделски“ зони на сите инвеститори кои се заинтересирани за вложување во когенеративни инсталации за загревање на оранжерии за производство на храна. Топлинската енергија ќе се користи за затоплување на оранжериите, додека електричната енергија ќе се предава во електроенергетскиот систем.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр. 84 – датум: декември 2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ за две и пол години не успеа да го оствари ветувањето дека ќе формира „енергетско-земјоделски зони“ во кои ќе се инсталираат когенеративни енергетски постојки (постојки кои истовремено произведуваат електрична енергија и топлина од исто гориво) од кои топлинската енергија ќе се користи за  загревање на оранжериите за производство на xрана, додека електричната енергија ќе се продава во системот.

Ветувањето, инаку, беше преземено и од владата во нејзината програма за работа за периодот од 2017 до 2020 година на страна 50, каде што, покрај другото, е предвидено да се даваат субвенции за инсталирање на мали когенеративни постојки од страна на домаќинствата и здравствените установи.

Повод за ваквото ветување е определбата на земјава за користење на обновливите извори на енергија. Притоа, преку когенерацијата се обезбедува енергетска ефикасност поради истовремено искористување на исто гориво за производство на електрична енергија и топлина, односно искористување на топлината која обично се смета за отпадна енергија, намалување на емисиите на јаглерод диоксид и можност општините преку реализација на ваквите постојки да овозможат снабдување со топлина и електрична енергија.

Идејата за „земјоделските енергетски зони“ беше за инсталирање на когенеративни постојки да се искористат геотермалните води кои се користат во оранжериите. Во земјава само пет оранжерии користат геотермални води за загревање на вкупна површина од околу 35 ха (Кочани, Подлог, Струмица и Гевгелија). Според анализите во Стратегијата за искористување на обновливите извори на енергија до 2020 година изработена во 2019 година (страна 43), во кочанскиот регион има големи резерви на геотермална вода кои се неискористени, односно се проценува дека има извори што имаат капацитет од 1.000 литри топла вода во секунда и што може да се користат како обновливи извори на енергија во производството. Еден од најголемите експлоататори на геотермална вода е кочанското јавно претпријатие „Геотерма“, од кое топла вода за загревање стакленици користат три оранжерии што се простираат на над 20 хектари.

Земјава има 18 геотермални полиња  со повеќе од 50 извори со температура од 20 до 78 степени целзиусови. Архивските информации укажуваат дека долги години наназад се говори за можноста за производство на енергија во гевгелискaта и кратовско–злетовската област, каде што се смета дека постојат извори на термални води со температура од над 100 степени со што се задоволува еден од критериумите за производство на електрична и топлинска енергија.

Но, и покрај можноста геотермалните води да се користат за производство на електрична енергија и загревање на оранжериите, досега нема информација дека ваква постојка е инсталирана во некое од подрачјата каде што има геотермални води.

Од проверката на она што пишувале медиумите во период од две и пол години и од документите на министерствата за земјоделство и за економија, како и на Владата, не може да се најде информација дека е објавен јавен повик за инвестирање во когенеративни постојки од геотермална вода или за доделување земјиште за нивна инсталација. Исто така, нема информација дека когенеративна постојка од друг енергенс (биогас, гас или сончева енергија) е инсталирана во оранжериите во земјава, ниту, пак, има оглас за таков вид инсталација во други земјоделски производни капацитети.

Нема информација, ниту, пак, за формирање на „енергетско-земјоделска зона“.

Со оглед на тоа што оваа влада го завршува мандатот поради предвремените парламентарни избори закажани за 12 април годинава, нема ниту време за објавување на оглас за формирање „енергетско-земјоделска зона“, ниту, пак, има време за инсталирање на когенеративна постојка во постоечките оранжерии. Според тоа, може да се заклучи дека ова ветување на СДСМ владата не го оствари.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција