Не, во Кина не е изградена болница за само два дена

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Дезинформациите и лажните вести околу новиот корона вирус се сѐ уште најзастапените во балканските традиционални и онлајн медиуми. Босанскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba се зафати со демаскирање на една лажна вест заснована на фотографија, која што се проширила во 22 босанско-херцеговски и хрватски медиуми – дека во Вухан, Кина, каде што изби епидемијата со новиот корона вирус, за само – според некои два, според некои пет – дена е изградена голема болница со цврста градба и веднаш ставена во функција.

Станува збор за дезинформации, помешување на повеќе различни болници и грешки во преводот од англиски јазик, а всушност еден голем клинички центар што се гради подолго време и требало да биде отворен во мај, е експресно – за само два дена – дооспособен за функционирање за да може да прифати пациенти со новиот коронавирус, пишува raskrinkavanje.ba.

Првата дезинформација што ја уочил сервисот за откривање на лажните вести е од порталот 24sata.hr, која се повикувала на веб-страницата на британскиот весник „Дејли мејл“. Дезинформацијата била превземена од извесен број медиуми на босански и хрватски јазик. Тврдењето е дека во Вухан за само два дена е изградена нова болница со 1.000 кревети, на подрачје кое претходно било целосно празно. Притоа на фотографијата во текстот биле прикажани багери на плац.

Босанско-херцеговскиот портал „Кликс“ објавил друга статија, повикувајќи се на веб-страницата на британскиот „Метро“, дека нова болница со 1.000 болнички кревети за заразените била изградена за само пет дена, но тврдењето било исто како погорното – дека болницата е изградена на празен плац. Притоа како „доказ“ е ставена и фотографија на болница од најмалку осум блокови.

Но raskrinkavanje.ba ги истражил и вестите и фактите, како и фотографиите, и утврдил дека станува збор за лажна вест.

Иако е точно дека во Кина со голема брзина се градат нови медицински објекти наменети за сузбивање на вирусот 2019-nCoV, тврдењето дека во рок од два или пет дена е изградена целосно нова болница во градот Вухан е неточна. И во едниот и во другиот случај се работи за погрешен превод на статии од странски извори, коишто зборуваат за неколку различни болници, пишува raskrinkavanje.ba.

Болницата за која пишува „Дејли мејл“ е Медицински центар на областа Дабие, чија изградба е почната многу порано, а завршувањето на работите било предвидено за мај 2020 година. Поради епидемијата, власта решила да се забрза завршувањето на работите во еден дел од болницата, за да може да профункционира за пациенти со новиот коронавирус.

Болницата навистина е преууредена за два дена така што од празна зграда е направена функционален клинички центар, но во тој период не е „изградена на подрачје што било целосно празно, се вели во текстот на raskrinkavanje.ba, изнесувајќи ги своите проверки, како и превод на оригиналниот напис на „Дејли мејл“.

Болниците што се направени за неколку дена се всушност импровизирани полски болници, а плацевите што се прикажани на фотографиите во анализираните статии се од нивните локации, вели босанско-херцеговскиот сервис за борба против лажните вести.

(meta.mk)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција