Неизвесна трка за изборниот датум

Фото:meta.mk

 

Во сенката на флоскулата „здравјето е најважно“, сепак се крие „математиката“ што секоја од политичките пртии ја прави при утвдувањето на датумот на изборите. Наредните денови веројатно ќе стане појасно дали ќе се постигне консензус за изборниот датум, или ќе влеземе во подлабока политичка криза.

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

Во самиот зачеток на пандемијата од корона вирусот Франција одржа избори. Излезноста беше повеќе од мала, што беше доволен сигнал за сите останати земји како Русија, Иран, неколку европски и балкански држави, да ги откажат редовните избори и да ги презакажат за друг термин. Меѓу нив и Република Северна Македонија.

Во овој период, пак, додека сè уште се бориме со ковид -19, македонската политичка јавност е поделена околу тајминот кога би можеле да се одржат парламентарните избори. Дел од политичките лидери сметаат дека крајот на наредниот месец, односно периодот меѓу стивнувањето на заразата и можниот налет на нов бран наесен, е вистинскиот момент за одржување на парламентарните избори, други, пак, повеќе го преферираат крајот на летото. Токму ова беше причина за две средби на лидерите кај претседателот на државата Стево Пендаровски, кои завршија без договор, но со многу лицитации за датум, барање на мислења од експерти и единствен заеднички став дека здравјето на граѓаните е најважно.

 

СПРОТИВСТАВЕНИ ГЛЕДИШТА

Вчера (18.05.2020) пропадна и втората рунда лидериски разговори, која наспроти надежите не само што не донесе усогласен датум за избори (или барем попрецизен период), туку впечаток е дека дополнително ги оддалечи двете спротивставени гледишта. Секако главен збор треба да имаат медицинските власти, но факт е дека тие не можат да го одредат датумот, за тоа мора да постои политички консензус, а единствениот консезус засега е дека „здравјето е најважно“. Но, во сенката на овие „здравствени изјави“, за кои сакаме да веруваме дека се искрени, сепак се крие „математика“ што секоја од политичките субјекти ја прави при утвдувањето на датумот.  Од досега објавените истражувањата на јавното мислење, врз основа на кои се мери рејтингот на политичките субјекти, може да се забележи дека процентите на разлика меѓу двата најголеми ривали – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се минимални. Тука, несомнено, може да се бара и „каменот на сопнување“ при изборот на терминот за одржување на изборите. Некому му се брза и изборите и ги смета веќе за распишани, а некој го одолговлекува датумот на гласање, барајќи повеќе простор за маневар.

Согласно сегашната состојба, вонредната состојба во државата завршува на 30-ти мај, и единствениот правен и уставно регулиран акт кој што го потврди Уставниот суд е уредбата со законска сила за изборите. Тој датум 22 дена од завршувањето на вонредната состојба е 21 јуни, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по завршувањето на втората лидерска средба кај претседателот Пендаровски.

Со оваа контатација не се согласува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

За мене тоа е навистина незрело и ја втурнува државата во една сериозна политичка криза. И тоа не би сакал во овој момент да верувам дека ќе се случи. Сето останато што е надвор од тоа е едностран акт на насилие, вели Мицкоски.

Консензус за ибори смета дека треба да има и лидерот на ДУИ, Али Ахмети :

За ситуацијата треба да бидеме во целосна комуникација со здравствените власти и да имаме консензус за датумот за изборите. Важно е да се постигне согласност од сите. Важно е да се има предвид здравјето на граѓаните.

 

ИЗБОРНА МАТЕМАТИКА

Од изјавите на лидерите на ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ, дефинитвно се гледа дека имаат сосема спротиставени ставови за тоа кога треба да се одржат изборите. Сосема очекувано, Заев инсистира изборите да бидат што е можно побрзо, затоа што зад себе ги има не само гласачите и симпатизерите на својата партија, туку и гласовите на партијата Движењето Беса која, всушност, е првата албанска политичка партија, која направи предизборна коалиција (за парламентарни избори) со еден македонски политички субјект. Овој чекор дефинитивно внесува промена во политичкото дејствување и е во функција на градење на граѓански концепт за едно општество кое силно ги победува стереотипите од минатото и засекогаш го напушта моноетничкото обраќање на партиите. Со една ваква коалиција, се чини дека СДСМ е во предност, за што говорат и истражувањата на јавното мислење направени во рамките на нивната партија.

Секако на свои исражувања се повикува и партијата на Мицкоски. Според тие анкети, ВМРО-ДПМНЕ е неколку проценти во предност пред СДСМ,  што пак, го отвора прашањето зошто тогаш бара изборите да се одржат подоцна?! Главната поената на Мицкоски е дека ситуацијата со коронавирисот не е завршена, односно како што вели тој:

Ако еден човечки загубен живот е цената со која што треба ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните предвремени парламентарни избори, а јас да го добијам премиерскиот мандат, тогаш одбивам да бидам дел од таквата процедура.

Мицкоски во јавните изјави искажува убеденост во победа на изборите, но сепак не ја соопштува бројката на можни освоени мандати.

Главниот играч, пак, на албанската политичка сцена, барем ако судиме според последните неколку изборни циклуси, лидерот на ДУИ, Ахмети, засега исклучително мирно се однесува во оваа трка за изборен датум. Не вели „не“ за избори, но и не соопштува кога сака истите да се одржат. Крајно внимателно посочува дека здравјето на граѓаните е најважно, ама сепак остава простор дека изборите би можеле да се доржат и подоцна кога, како што вели, „влијанието на вирусот би било помало“.

Прво е здравјето на граѓаните, но од друга страна мора да бидеме многу внимателни во однос на здравјето на општеството и државата. Мора да воспоставиме парламентарна демократија и изборите мора да се одржат. Верувам дека секој од политичките актери ќе го земат предвид фактот дека изборите ќе се одржат во време кога влијанието на вирусот е помало , вели Ахмети.

Дали со оваа изјава лидерот на ДУИ веќе ја подотвора вратата за соработка со својот довчерашен коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, не е сè уште јасно. Но, факт е дека вклучувањето на Движењето Беса во заедничка предизборна коалиција со СДСМ, сериозно му ја поматува математиката. Ако до вчера ДУИ се сметаше за „сопственик“ на албанските гласови, со оглед на тоа дека е најголема албанска политичка партија, сега откако се случи коалицијата на СДСМ и Движењето Беса, ситуацијата може да биде променета. Односно, може да  се очекување дел од албанските гласови да завршат на контото на СДСМ-Беса. Колку, засега е неблагодарно да се прогнозира. Останатите, многу мал дел ќе им припаднат на помалите албански политички субјекти, кои ќе одлучат сами да ја трчаат иазборната трка.

 

КОНСЕНЗУС ЗА ИЗБОРИ ИЛИ НОВА ПОЛИТИЧКА КРИЗА

Поларизираните ставови на лидерите не двете најголеми политички партии за тоа кога треба да се одржат изборите, уште еднаш го става под прашалник можниот договор за конечен датум. Сепак, играњето криенка зад флоскулата „здравјето е најважно“, нема да може да оди до бесконечност, бидејќи здравствените власти не можат да одредат датум за избори, туку само одреден протокол по кој истите можат да се одржат.

Во оваа ситуација, секако, особено важно е мислењето на Државната изборна комисија (ДИК) за тоа во кој рок можат да се завршат сите постапки и секако ОБСЕ/ОДИХР,  кои треба да известат колкава ќе биде бројката на набљудувачи кои ќе бидат присутни на изборниот процес.

Државната изборна комисија до  Пендаровски веќе ги испрати роковите во кои, според Изборниот законик, треба да се завршат сите изборни активности.  Според претседателот на ДИК, Оливер Дерковски,   избирачкиот список треба да помине низ истата процедура на прочистување, која заедно со изборната кампања трае 50-тина дена. И додека Дерковски соопштува дека се потребни повеќе од 50 дена за да можат да го ревидираат избирачкиот список,  Пендаросвки нагласува дека ДИК не може да го одреди датумот за изборите, туку таа ќе постапува во законските рамки, а политичарите ќе го одредат датумот за избори.

Лидерот на СДСМ Заев, пак, очекува секој, вклучително и ДИК, но и  претседателот на ова тело, Дерковски да го почитуваат Законот, а во спротивно најави дека ќе бара одговорност. Тој  и денеска го повтори ставот:

Ако во наредните 7 до 10 дена не се постигне договор за датум за избори, тогаш тие ќе се одржат на 21 јуни 

Според Заев, датумот е одбран согласно рокот на вонредната состојба, но и роковите што ги дава Уставот и уредбата за избори, а сè надвор од тоа, би било неуставно одложување на изборите и можност резултатите да паднат на Уставен суд. Заев смета дека не може да има бојкот на изборитe бидејки партиите поднеле кандидатски листи, туку само бојкот на кампањата.

ВМРО-ДПМНЕ нема дециден став дали ќе ги бојкотира изборите ако се одржат на 21 јуни. За опозицијата ниту еден од условите за безбедни избори не се исполнети и сметаат дека Заев е изолиран во барањето да се оди на избори во јуни. Но, велат како што е договорено од почетокот на лидерските средби, очекуваат и изборниот ден да биде одреден со консензус.

Наредните десетина дена веројатно ќе стане појасно дали ќе се постигне консензус за изборниот датум или ќе влеземе во подлабока политичка криза.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција