Нема одлука дека цената на струјата по Нова година ќе се зголеми за 30 проценти

Фото: Tapani HellmanPixabay

Засега нема официјална одлука дали и за колку ќе се зголеми цената на струјата. Никој досега не кажал дека струјата по Нова година ќе поскапи за 30 проценти, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Енергетските компаниите ги доставиле своите калкулации и според нив, цената на струјата би требало да се зголеми за 27 проценти. Но, ваквата понуда допрва ќе се разгледува и анализира од страна на РКЕ

Засега нема официјална одлука дали и за колку ќе се зголеми цената на струјата. Никој досега не кажал дека струјата по Нова година ќе поскапи за 30 проценти, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Енергетските компаниите ги доставиле своите калкулации и според нив, цената на струјата би требало да се зголеми за 27 проценти. Но, ваквата понуда допрва ќе се разгледува и анализира од страна на РКЕ

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека цената на струјата од 1 јануари 2024 година ќе се зголеми за 30 отсто. Ова не е точно.

Од 01.01.2024 струјата поскапува за 30% што автоматски значи 100% инфлација за шест месеци. ЕПА СРЕЌНА НОВА 2024 и со лесно да ви биде, стои во објавата.

Спротивно на тврдењето во објавата, официјално никој не соопштил дека струјата ќе поскапи, а уште помалку дека тоа ќе биде за 30 проценти. Имено, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски на 12 декември одржа прес-конференција на која соопшти дека енергетските компании ги доставиле своите калкулации и според нив, цената на струјата би требало да се зголеми за 27 проценти.

Дали и колку ќе се зголеми цената на струјата, како што рече Бислимоски, ќе се знае откако РКЕ ќе направи анализа за барањата на компаниите, дали се тие реални, па потоа ќе донесе одлука. За зголемувањето на цената на струјата, тој рече дека доколку се прифатат барањата на компаниите, би можело да биде за 27 отсто.

Сега ги анализираме доставените информации од енергетските компании. Тие имаат раст на трошоци, за кабли, за материјали, цените на бакарот се зголемени… Така, нешто во нивните барања е реално, а нешто не е, изјави Бислимоски, пренесе Слободен печат.

Министерот за економија Крешник Бектеши, на 14 декември изрази уверување дека барањата за поскапување на струјата за 27 отсто од 1 јануари нема да бидат прифатени.

Енергетските компании може да бараат и 400 и 500 % поскапување во делот на трошоците што тие ги пријавуваат и во согласност со нивните планови за инвестирање. Тоа ќе биде одлука на РКЕ колку од тие трошоци ќе ги прифати. 27 % не е некое големо побарување ако споредиме со претходните години од страна на МЕПСО и ЕВН. Тие, најверојатно, нема да бидат прифатени, рече министерот Бектеши по одбележувањето 10 години од постоењето на Фондот за иновации.

Претходно и премиерот Димитар Ковачевски, на 11 декември, порача дека ќе нема ценовен шок со струјата ако се користи за основните потреби во домаќинствата и оти ќе плаќаат повеќе оние што имаат можност да ја користат за полуксузни намени.

Според него, првиот и вториот тарифен блок опфаќаат до 98 проценти од домаќинствата во државава и за нив, како што рече:

Ќе нема никаква промена на цената, како што и немаше бидејќи не дозволивме ценовен шок за граѓаните.

Според ова, можеме да заклучиме дека засега нема официјална одлука дали и за колку ќе се зголеми цената на струјата. Никој досега не кажал дека струјата по Нова година ќе поскапи за 30 проценти, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Енергетските компаниите ги доставиле своите калкулации и според нив, цената на струјата би требало да се зголеми за 27 проценти. Но, ваквата понуда допрва ќе се разгледува и анализира од страна на РКЕ. Оттука, имајќи го предвид сето погоре, можеме да оцениме дека објавата е неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција