Независност на судството во медиумите

Судството игра централна улога во заштитата и одржувањето на независноста на медиумите, медиумите се тие кои ја проектираат и често пати ја зајакнуваат јавната доверба во транспарентната правда, судската независност и интегритет преку известувањето. 

Analiza_na_nezavisno_sudstvo_vo_RM crop 001

(Написот е прв од вкупно два дела од поглавјето за судството и медиумите објавено во публикацијата со наслов: Анализа на независноста на судството во Република Македонија, изработена од страна на Институтот за човекови права. Повеќе за Институтот можете да дознаете овде, а целата анализа во PDF формат можете да ја преземете овде).

 

Општа карактеристика на односот помеѓу судството и медиумите е дека нивната независност е од фундаментално значење за континуирано уживање и опстанок на демократските слободи. Судството игра централна улога во заштитата и одржувањето на независноста на медиумите, медиумите се тие кои ја проектираат и често пати ја зајакнуваат јавната доверба во транспарентната правда, судската независност и интегритет преку известувањето. Должноста и правото на известување вклучуваат право да се критикува секој нетранспарентен дел од судскиот механизам, начинот на работата на судовите, пресудите кои судиите ги носат и воочените неправилности.

Во Македонија независноста на судството во медиумите е многу присутна како ’condition sine qua non‘ за евроинтеграциите на земјата, односно како услов за нејзин понатамошен напредок. Токму независноста на судството е областа на која во континуитет стигнуваат критики од Брисел и тоа е една од петте теми во пристапниот дијалог на која се потребни итни реформи.

Освен за гореспоменатата улога на независноста на судството како услов за евроинтеграциите на земјава, медиумите пренесуваат и за содржините или заклучоци и од странските извештаи и оценки за состојбите во земјава. Извештајот на Стејт департментот за почитувањето на човековите права, во делот што се однесува на Македонија, е последниот од низата извештаи кои укажуваат на политизацијата на судството и на притисоците врз медиумите и продолжува да го констатира тоа што го забележуваат и сите други извештаи. Во Извештајот се вели дека во РМ Владата не успева целосно да го почитува владеењето на правото, што, покрај другото, се рефлектира со нејзино мешање во судството и во медиумите. Ова воедно претставува и наслов и ’хајлајт‘ на статиите со кои на македонската јавност и беше пренесен овој извештај. Ваква забелешка нема ниту еден извештај од Југоисточна Европа. Лани имаше поединечни забелешки за монтирани судски случаи, а сега веќе има системски критики, поради што државата е деградирана од демократија во еден вид полудемократија. Извештајот понатаму вели дека постојат извештаи дека владата врши притисок врз медиумите и ги принудува новинарите да практикуваат самоцензура. Новинарите пријавија далеку поголема самоцензура при известувањето за прашања чувствителни за владата. Во овие чувствителни прашања и тоа како спаѓа судството, како трета „независна“ власт во земјава. Таканаречениот „самоодржлив систем на корупција“, се протега како кон медиумите и кон независните институции, така и кон судството и приватниот сектор. (Тасева, Слаѓана во интервју за неделен „Фокус“, Времето ќе покаже дали случајот „Кампања“ бил монтиран во природна стега меѓу политиката, полицијата и судството!, 15.2.2013)

Во алармантно влошената состојба со медиумите во Р. Македонија постојат ограничен број независни медиумиски гласила кои се активни и изразуваат различни ставови, без ограничување, најчесто онлајн. Во нив се известува за настаните со едноставно пренесување на фактичките ситуации. Има само неколку новинари кои отворено го разгледуваат прашањето за независноста на судството и само неколку печатени и онлајн медиуми во кои со критичен осврт се третира судската независност.

Оваа анализа на перцепцијата на медиумите врз независноста на судството во РМ е извршена преку следење на печатените и електронски медиуми. Истата е ограничена во временска рамка од октомври 2012 до мај 2013. Во овој период се актуелни неколку процеси во македонското правосудство.

 

Кадровската криза во судството и партиските препукувања за системот на избор на судии

Големото кадровско проветрување и смените во врвот кои се случуваа во највисоките правосудни органи заземаа значаен дел во медиумскиот простор во РМ посветен на правосудството.

Весниците образложуваа дека до крајот на 2012 година им заврши мандатот на Народниот правобранител, на првите луѓе на Судскиот совет и на Кривичниот суд, а непополнета беше и претседателската фотелја во Врховниот суд и во Уставниот суд. Испразнети судиски места имаше и во Врховниот суд, а се избираа и членови на Судскиот совет.

Големо внимание привлече изборот од Судскиот совет на судии во речиси сите судови, а најмногу во Врховен суд. Врховниот суд беше кадровски десеткуван и принуден да работи со осум судии помалку. Шест места беа испразнети заради пензионирање или смрт, а две беа во мирување заради заминување на судиите на други функции. Во судските кругови на големо се шпекулираше дека кризата во Врховниот суд може да потрае бидејќи пазарењата меѓу владините коалициски партнери за распределба на високите позиции во правосудство не се завршени. Но, преку ноќ, само неколку дена пред да почне да се применува законот кој предвидува исклучиво кадри од кариера и со завршена Академија за судии, беше извршен изборот на новите врховни судии. Изборот се толкува како последен обид на власта да протурка партиски кадри кои не мораат да докажуват дека го имаат потребниот стаж и квалификациите за тие места- односно дека имаат најмалку 8 години стаж како судии во основен суд и потребните усовршувања во Академијата за судии и јавни обвинители која бара слушатели со просечна оцена најмалку 8 од студиите на Правниот факултет. ,,Токму во светлото на најголемиот адут на власта-реформите во судството, се случи најбезобразниот упад во судството“, се вели во статијата (Димовски, Саше, Груевски со реклами не убедува дека судството е реформирано, додека со Али Ахмети братски го полнат со партиски кадри, Неделник Фокус, 11.1.2013). Судскиот совет повторно ќе биде посочен во извештаите на меѓународните организации како ,,најголем кочничар на судството, кој избира, унапредува и разрешува без критериуми и врз чисто партиско-политичка и роднинска подлога, а доказ за тоа се биографиите на тие кои ќе делат правда.

Врховниот суд исто така долго време беше и без претседател, а тоа го повлече интересот на печатот и отвори дискусии за начинот на избор на претседателот на највисокиот суд. ,,Партиските комбинаторики го одложија изборот на претседатели на Врховен и на Кривичен суд, како и на шестмина врховни судии“ – гласеа насловите. Највисокиот суд во РМ беше оставен без претседател поради несогласувањето на двете партии во владината коалицијата. Седницата за избор на судиите се одлагаше два месеца, но кога се спроведе формалниот избор ниту еден кандидат не ја доби поддршката за судија во Врховниот суд.

„Политиката одамна е влезена на голема врата во судството, а поделбата на раководните функции во третата власт е дел од партиските комбинаторики во владинaта коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Речиси двомесечната криза меѓу колациските партнери, што почна во средината на август оваа година со инцидентот во Слупчане, се рефлектираше и на (не)изборот на судии и за високи правосудни функции. И покрај тоа што никој јавно не го кажува, тие се дел од интензивните пазарења, што резултира со пропаѓање на огласите и распишување конкурси. „Бадинтеровиот принцип, кој одамна е институционализиран во судството, сега се пренесува и на изборот на раководните места.“- пишуваше Утрински весник.

Изборот за највисоката судска функција во третата власт одекна во медиумите. Одекна и тоа дека Лидија Неделкова е избрана и тоа со консензус. Беше очигледно дека ова се должи на постигнатиот коалициски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ, факт штоне го криеја и јавно го кажаа и во Судскиот совет.Изборот на Неделкова предизвика политички реакции во јавноста и од страна на опозициската СДСМ и е оквалификуван како „атак на независното судство“. Нејзината блискост со владеачката политичка номенклатура, појавување на настани и дружењето со високи функционери на власта се дел од причините за оваа квалификација. Фактот дека нејзината биографија долго време откако стапи на функција ја немаше на интернет-страницата на Врховниот суд, на која се наоѓаат биографиите на сите нејзини сегашни и поранешни колеги, исто така беше забележан од неколку новинари (Неделник ,,Фокус“ од 11 јануари 2012). Во моментов нејзината биографија е поставена и сведочи за реалноста на нејзината метеорска кариера.

При изборот на членови на Судскиот совет од редот на третата власт во центарот на вниманието беше податокот дека само 19 од над 650 судии во државава покажале интерес да конкурираат. И овој податок, предизвика многу коментари и загриженост во судските кругови.По новоизбраните пет членовитребаше да се избере и претседател на Судскиот совет, место за кое се говореше во медиумите дека е партиски договорено.

Во статијата на неденикот ,,Фокус“ од 11.1.2013 г. посветена на партизацијата и непотизмот присутни во македонското правосудство, особено при изборот на новите членови на судовите, непознат извор на новинарот укажува на бизнисот со именување во судството кое го прави еден функционер во Владата преку „стројници“ кои продаваат функции кај Албанците за цена од 5.000 до 15 000 евра, во зависност од позицијата.

Неколку македонски медиуми известуваа за „филмската брзина“ на постапката за избор на новиот инстант-член на Судскиот совет, Беким Реџепи, кого го предложи претседателот на државава, Ѓорге Иванов, за кој се вели дека очигледно немал време да направи ни минимум консултации за членот што го предлага, туку едноставно го зел ,,здраво за готово“ кадровското решение од партијата на Али Ахмети.

(Продолжува)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција