Ниту е точно дека вакцината против полио е на Бил Гејтс, ниту е точно дека ОН признале оти е штетна

Фото: скриншот од постот

Глобалната имунизација која се смета за успешна во справување со полио вирусот, поради спорадични случаи во Африка на појава на парализа кај деца по примањето на двовалентната вакцина по орален пат, е искористена за пренесување лажни вести што содржат манипулација за вакцините, проследени со соодветни теории на заговор

Глобалната имунизација која се смета за успешна во справување со полио вирусот, поради спорадични случаи во Африка на појава на парализа кај деца по примањето на двовалентната вакцина по орален пат, е искористена за пренесување лажни вести што содржат манипулација за вакцините, проследени со соодветни теории на заговор

 

Пост со фотографија од деца и наслов кој упатува дека „вакцината прoтив полио на Бил Гејтс“ е штетна и дека тоа „го признале  и Обединетите нации“, е објавен на Фејсбук фан страната „Опуштено“, при што се манипулира со информациите околу оваа вакцина и околу заразата.

Насловот на текстот што е пренесен од неидентификуваниот портал (The News) „Вести“ гласи:

ОН признаа, Вакцините на Гејтс не Само што не Лечат, Туку Предизвикаа Епидемија на Детска Парализа во Африка!

Вака пласираната вест е, всушност, прераскажување на едно соопштение на Светската здравствена организација од 1 септември годинава, во кое главната вест е дека здравствените власти на Судан во текот на август пријавиле дека кај две деца што веќе примиле доза на двовалентна вакцина против полио вирусите (постојат три-н.з.), била детектирана парализа во март и април во 2020 г.

Според СЗО било утврдено дека вирусот генотипски е ист со вирусот кој циркулира во Чад (на полио тип 2), како и тоа дека во 2019 и 2020 биле утврдени уште 11 слични случаи во различни судански држави, со што вкупно во оваа земја има 13 такви случаи, додека, според други податоци, во цела Африка во 2020 година биле регистрирани 172 случаи.  Ова е главната вест од СЗО.

Ваквата вест, преработена на соодветен шпекулативен начин, најпрво била објавена од сајтот 21-st Century Wire, (за неговиот основач, историја и кредибилност можете да прочитате овде и овде), а потоа прераскажана од блогот Коложег инфо, а истото прераскажување е преземено од непознатиот портал The news (Вести) и од таму заврши како пост на фан пејџот на „Опуштено“. Невистинитиот наслов на македонски јазик е, де факто, превод од сајтот 21-st Century Wire.

Вака пласираните, па прераскажни вести треба да ги уверат читателите дека полиомелитисот во Африка се шири, а се шири поради орално даваните „вакцини на Бил Гејтс“.

 

ФАКТИ ЗА ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ ПОЛИО И ЗА БОЛЕСТА

Фактите се следни:

Полиомелитисот како вирусно заболување за кое не постои лек, после долгодецениска глобална кампања на СЗО и на други институции и организации во светот, се смета како генерално искоренета болест, по задолжителната или кампањски даваната вакцина. Од преку 320 илјади случаи во 1988 г. во 2017 година биле пријавени само 22 случаи на неконтролирано ширење на полиомелитисот, иако покрај оваа информација СЗО предупредува дека во три земји (Пакистан, Авганистан и Нигерија), никогаш не било спречено ширењето на овој високозаразен вирус. Европа е полиомелитис слободен континент од 2002 година.

Генерално во Африка е прогласена победа врз полиомелитисот точно еднa недела пред да се детектираа новите спорадични случаи на заразени деца во Судан.

Постојат два типа вакцини за имунизација на децата од полиомелитис. Станува збор за инактивиран (мртов) полиовирус кој се дава преку инекција во повеќе дози (ИПВ) и жив полиовирус кој се дава орално, односно жива орална полио вакцина ОПВ (види овде во делот Вакцинација). Двете вакцини се измислени пред повеќе децении, ИПВ во 1950, а ОПВ е лиценцирана во 1962 година. Повеќето индустриски развиени земји ја упоребуваат ИПВ вакцината, додека ОПВ, бидејќи е многу поевтина и полесна за администрирање, се дава масовно во понеразвиените делови во светот, со цел да се искорени заболувањето.

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс се значајни донори со околу 30 отсто од Глобалната иницијатива за искоренување на полиото (GPIE), која е формирана по 1988 година, откако СЗО прогласи глобална кампања против полио. GPIE e во суштина јавно приватно партнерство во кое учествуваат околу 200 земји од светот, која има 6 главни партнери (СЗО, американската CDC, UNICEF, Rotary International, GAVI Алијансата за олеснување на пристапот до вакцините за деца и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс).

ОПВ вакцината, според стручната литература, има многу предности, а негативностите, исклучително ретки случаи на појава на парализа или мутирање на вирусот внесен преку оралната вакцинацијата, па ширење во подрачја каде хигиенско-сантираните услови се лоши, не се сѐ уште доволна причина за најголемиот број земји во светот да го прекинат овој начин на имунизација. Сепак, под водство на СЗО, најголемиот дел од земјите што употребуваат ОПВ, ја прифатија препораката за целосно постепено отстранување на ОПВ вакцината, што се прави преку меѓуфаза на преоѓање од тривалентната на двовалентна вакцина со која се имунизира против полио 1 и полио 3 типот. Процесот е стартуван истовремено во април 2016 година, а треба да заврши со целосно преоѓање или враќање само на ИПВ начинот на имунизација, веднаш кога ќе се утврди дека во светот повеќе не постои природно ширење на вирусот. Дотогаш се препорачува за земјите кои се уште се борат против полиото, двовалентна вакцина, еветуално комбинирана со една доза ИПВ ако регистрираат зголемн број случаи.

ИПВ вакцината, со инактивиран вирус, за разлика од ОПВ, штити против сите три типа на полио вирусот, но се смета за послаба во развој на бројот на антитела и за понеефикасна кога станува збор за ширење на вирусот преку допир со фекалии или орално (овде, стр.2).

Република Северна Македонија одамна ја има вклучено вакцинацијата против полиомелитисот како задолжителна и се дава во различни интервали како основна вакцина плус ревакцинација, во последно време заедно со други вакцини во претшколска и во школска возраст до 14 години (види овде). Во државата се употребува исклучиво ИПВ начин на имунизација или ИПВ вакцината.

* * *

Поради сите горенавадени факти, сосема е јасно дека постот на Фејсбук фан страната на „Опуштено“ е пост кој содржи манипулација и лажни вести за вакцината против полиомелитис, за нејзиното „сопственишто“ од страна на Бил Гејтс и за ставовите на СЗО. Постот на македонски јазик е споделен 118 пати, и има околу 70 допаѓања, а според коментарите под споделувањата го шири анти-ваксерството и соодветните теории на заговор, со што придонесува за загрозување на јавното здравје.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција