Ниту Уставен суд го вратил член 11 од Законот за помилување, ниту Собранието е единствениот „лек“

Талат Џафери - пратеник од ДУИ, подносител на иницијативи. Фото: Portalb

 

Пратеникот на ДУИ во Собранието на РМ Талат Џафери во изјава за новинската агенција Порталб се осврнува на две клучни работи поврзани со одлуката на Ѓорѓе Иванов за аболиција/помилување на 56 лица и најновите законски измени во Собранието:

Со законот за помилување усвоен во 1993 година имало законска одредба, со член 11, со која Претседателот да може да помилува граѓани на Република Македонија без да ги чека судските процедури. По измените во Законот за помилување во 2009 година, кои Собранието ги усвои, беше избришан член 11 и ова му оневозможи на Претседателот без судска процедура да може да помилува. Во март 2016 година Уставниот суд донесе одлука овој закон да се поништи и да се врати стариот закон, имено и член 11 на законот за помилување од 1993 година“…Џафери, единствената можност Иванов да ја повлече одлуката, ја гледа во Сообранието.. „Затоа денеска е предложено по член 11 да се додаде член 11а, кој предвидува да се санкционираат одредени одредби кои му овозможуваат на Претседателот да ја повлече аболицијата или помилувањето со самоиницијатива или со барање од лицата кои се вклучени.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Талат Џафери е невистинита и тоа по двa основa. Ниту Иванов имал право да донесе неуставна и незаконска одлука, ниту пак, единствената основа да ја повлече е со интервенција на Собранието во постоечкиот Закон за помилување. Ова го изјавија во последниот месец голем број експерти – правници, најчесто универзитетски професори кои се експерти или за кривично или за уставно право. Нивните главни аргументи се однесуваа на два момента – Иванов во одлуката за помилување/аболиција се повикува на член 11 од Законот за помилување донесен уште во 1993, кој пак беше укинат од Уставниот суд, а вториот, дека актот на помилување/аболиција, кој се однесува на толку голем број лица опфатени со една одлука, повеќе личи на амнестија, што пак е во исклучива надлежност на Собранието.

Но, да одиме по ред. Џафри толкува дека:

Во март 2016 година Уставниот суд донесе Одлука овој закон да се поништи и да се врати стариот закон, имено член 11 на Законот за помилување од 1993 година.

Ваквото негово толкување, не е точно. Имено, Одлуката на Уставниот суд од март годинава беше дека целосно се укинуваат измените на Законот за помилување донесени во 2009 година и ништо повеќе. Односно, во Одлуката на  Уставниот суд  не се кажува дека се враќа назад членот 11 од Законот од 1993 година, како што тврди Џафери.

Во оваа оценка на вистинитоста на изјавите на Џафери, ќе пренесеме едно од последните толкувања на бројните професори по право што ги наведовме погоре. Овој пат станува збор за стручно мислење на професорката д-р Гордана Силјановска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Професорката во врска со ова прашање во интервју за телевизија Телма вели ( од 37 до 42 минута):

Мене навистина ме чуди како Уставниот суд не го видел тоа дека членот на кој што Претседателот се повика и врз основа на кој сам, без Министерството за правда ја изврши аболицијата, го нема. Зошто го нема? Бидејќи Уставниот суд не е законодавно тело. Уставниот суд може да укине, може да поништи закон, но не може да го супституира Собранието во нормата. Тој не може да врати „мртва“ норма или да оживее „мртва“ норма, затоа што тоа не е Феникс. Значи членот 11 не постои. Според тоа, претседателот го стори она што го стори без да има за тоа правен основ. За да видат сите што сакаат да видат дали сум во право, ги упатувам на теоријата на професорот Ханс Келзен, кој што кажува дека уставотворец, законодавец е само Собранието. Тоа може да ја измени или да ја врати укинатата одредба, но никако не Уставниот суд.

Џафери, исто така, тврди дека единствена можност Иванов да ја повлече аболицијата, е Собранието да направи  измени и дополнувања на Законот од 1993 година.

Но, на прашањето на новинарот на Телма, кој може да ја поништи аболицијата, наведувајќи притоа дека претседателот Иванов бара правен основ, но не можел да го најде, професорката Силјановска е децидна дека можностите се најмалку две, а не една како што тврди Џафери во изјавата за Порталб. За првата, таа одговори дека едно од можните решенија се наоѓа во автентичното толкување на примената на Законот што би дошло од законодавно-правната Комисија на Собранието. Втората можност ја гледа во Уставниот суд:

Претседателот се повика на своето уставно право, на последната алинеја (од тој член-н.з.), дека има право да помилува согласно Уставот и закон. Меѓутоа, да помилувате одеднаш 56 лица, притоа сосема различни – за некој дури и непочната постапка, за некои почната, трети сведоци, итн, во еден момент, во еден чин, тоа значи да направите под превезот на помилувањето – амнестија. Претседателот не е надлежен никаде, па ни во Македонија за амнестија, туку само Собранието, што значи дека има судир на надлежности. Ако е нашето Собрание доблесно, тогаш тоа ќе покрене постапка пред Уставниот суд, со аргументација дека тоа што Собранието може да го направи, го направил Претседателот. Има уште една можност…поединечни субјекти (претходно наведени во актот за помилување на Иванов-н.з.) да покренат постапка со образложение дека нивните права се повредени.

Слично мислење како професорката Силјановска има и нејзиниот колега, експерт по уставно право, Светомир Шкариќ, за што „Вистиномер“ веќе пишуваше во еден свој текст:

Грешката е во тоа што Уставниот суд мислел со укинување на законот од 2009 година дека сите одредби укинати од законот од 1993 година ќе оживеат. Меѓутоа, теориски и научно тоа не е возможно, бидејќи, еднаш веќе укинатата одредба станува мртва за секогаш. Неа може да ја оживее само Собранието преку нов закон. Тука Уставниот суд погреши и не успеа, не само да му отвори простор на шефот на државата да врши помилување, туку целосно ја блокира неговата постапка за помилување на било какво кривично дело затоа што од тој закон од 1993 година од 17 члена, 10 члена се видоизменети и еден член е избришан. Оние, пак, останати 6 члена што се во сила, се неподобни за поведување на постапка за помилување на било кое кривично дело.

Оттука, тврдењето на Талат Џафери, кое го изнесе за Порталб, го сметаме за невистина.

 

 

Оценето од: Теофил Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција