Новата автобуска станица во Берово – приоритет само на хартија

Автобуската станица во Берово уште од 2013 година е на приоритетната листа кај градоначалникот Фото: Принтскрин

Проект: Сообраќај и патна инфраструктура.

Дислокација на постојната и изградба на нова современа и модерна автобуска станица (Рок: 2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Дислокација и изградба на нова современа и модерна автобуска станица”, e најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Берово (страна 32), за локалните избори во 2013, чиј кандидат и сегашен градоначалник е Драги Наџински. Проектот е најавен како приоритетен проект кој би се реализирал до 2014 година, но досега (06.06.2016) ова ветување не е исполнето.

Берово е град кој располага со извонредни културни и климатски вредности и како таков е на мапата на најпривлечните туристички дестинации во земјата. Со реализација на иницијативата за отворање на граничнкиот премин кон Република Бугарија (Клепало) (Берово би било оддалечено на само 15 минути од Бугарија),  се очекува да се зголеми и фрекфенцијата на автобуси и патници со што соодветна инфраструктура би била и повеќе од неопходна.

Изградбата на автобуска станица како приоритетен проект, градоначалникот на Општина Берово повторно ја потенцираше после првиот круг од локалните избори во 2013 година. Но, во Отчетот за реализираните дела на градоначалникот на Општина Берово во првите 365 дена од мандатот, не се споменуваат активности за спроведување на проектот, иако истиот е со рок на имплементација до 2014 година.

Најавата на градоначалникот за изградба на автобуската станица во Берово медумите повторно ја пренесуваат во текот на 2015. Во април 2015 година, Канал Плус Телевизија пренесува изјава од градоначалникот Наџински, во која се вели дека изградбата на новата автобуска станица би започнала на десниот кеј на реката Брегалница, доколку Општината го измени новиот генерален урбанистички план и во скоро време се најде инвеститор. Истиот медиум во август 2015 година пренесе изјава од градоначалникот, дека главен проблем е изнаоѓањето на соодветна локација која би се вклопила во урбанистичкиот план и би била најидеално решение, без да се има негативни последици по сообраќајот. Овие изјави потврдуваат дека до август 2015 година не се започнати активности за изградба на автобуската станица.

При детален преглед на достапните документи на веб – страницата на Општина Берово (службени гласници на Општина Берово, јавни набавки, соопштенија), нема достапни информации околу активности на Општината за реализација на проектот.

На 11 јануари 2016 година, веб – порталот на Општината информира за спроведени инфраструктурни проекти во Берово во текот на 2015 година. Не се споменуваат активности за проектот за изградба на нова автобуска станица. Проектот не се споменува ниту во јануари 2016 година, кога веб – порталот на Општината ги пренесува изјавите на градоначалникот Наџински во врска со инфраструктурни проекти кои би се реализирале во текот на 2016 година.

Имајќи ја во предвид оваа анализа, може да се констатира дека ветувањето на градоначалникот на Општина Берово за „Дислокација и изградба на нова современа и модерна автобуска станица”, не е исполнето.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција