Нови дезинформации за „чудесна мешавина на лекови“ за Ковид-19 и за 5Г

DFID - UK Department for International Development, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Студијата на францускиот вирусолог Дидие Раул, за која во март голем број медиуми во светот пишуваа дека довела до комбинација на лекови што го убиваат корона вирусот, црногорскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.me детално ја оценувал и заклучил дека сепак станува збор за дезинформација.

Поводот за анализата била објавата на еден портал на српски јазик под наслов „Француски професор пронашол лек за корона?“

Раул предизвика полемики минатиот месец со тврдењето дека со комбинација на лековите хидроксихлорокин и азитромицин – од кој првиот е лек против маларија, а вториот е антибиотик – се лекува Ковид-19.

Raskrinkavanje.me пренесувајќи анализи на други сервиси за борба против дезинформациите , вели дека сепак резултатите не се толку спектакуларни, оти студијата е правена на мал и нерепрезентативен примерок, дека не е рецензирана од други научници, како и дека немало контролна група врз основа на која ќе се проценат резултатите. Дополнително, и голем број научници од светот ги оспориле тврдењата на францускиот вирусолог, па според тоа тврдењето дека е пронајден лек за Ковид-19 е сепак дезинформација,пишува црногорскиот сервис.

Босанско-херцеговскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.ba анализираше лажна вест што се шири по Фејсбук-групите на јазици од српско-хрватската група, а била и објавена на неколку портали – дека Швајцарија го сопрела проектот за воведување 5Г. Тоа е невистина, а единствено што се случило е дека некои швајцарски кантони привремено го стопирале поставување опрема за 5Г, пишува сервисот за борба против дезинформациите.

Лажната вест била на фотографија со наслов „Кажи не на 5Г“ што се делела на социјалните мрежи во последните две седмици, а инаку првата објава на дезинформацијата на портал била уште на 24 февруари.

Raskrinkavanje.ba пишува дека одлуката е донесена по протестите против 5Г кои во Швајцарија и во уште триесетина земји се одржаа во јануари, но станува збор за одлука на некои кантони, а не на територијата на целата земја.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција