Новинар во Грција со серија дезинформации за пандемијата на ковид-19
Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.
Грчкиот сервис за борба против дезинформaциите ellinikahoaxes.gr оценува видео на грчки новинар,во кои се изнесуваат неколку невистини. Видеото на Танос Кокалис било објавено на Фејсбук, а не е посветено само на на пандемијата на ковид-19, но текстот што го пренесуваме одговара на невистините сврзани со светската криза поради новиот корона вирус.
Првото проблематично тврдење што го изнесува Кокалис е дека ситуацијата во светот со вирусот не можела да се нарече пандемија, оти од 7,8 милијарди луѓе, од ковид-19 починале само 382.000.
Но, всушност, тоа не е точно бидејќи епидемија значи побрзо од нормалното зголемување на бројот на заболени од некоја болест во област за која што се прогласува епидемија, а пандемија е епидемија на светско ниво.
Потоа ellinikahoaxes.gr третира второ спорно тврдење на грчкиот новинар, дека поради грешката на Surgisphere, компанијата за обработка на податоци со којашто соработуваше Светската здравствена организација (СЗО), имала погрешни податоци и воведувањето рестриктивни мерки според нејзините препораки било претерано и неоправдано.
Surgisphere за себе тврдела дека има соработка со најмалу 1.000 болници во целиот свет, но неодамна британскиот весник „Гардијан“ го истражуваше тоа нејзино тврдење и дојде до заклучок дека малубројниот персонал на компанијата нема многу врска со темата на пандемијата, од што се изведе сомневање за веродостојноста на резултатите од оваа компанија. Тие резултати биле користени во некои научни истражувања, а потоа таквите истражувања се повлечени. Но, всушност, како што пишува ellinikahoaxes.gr Surgisphere не обезбедувала податоци што би довеле до тоа да се прогласи пандемијата на ковид-19, ниту пак, до воведувањето мерки за држење растојание и затворање на луѓето во домовите. Туку, податоците од оваа фирма биле користени за развој на можни лекови и вакцини против ковид-19.
Третата работа со која што се зафаќа Кокалис, притоа не наведувајќи никакви цврсти факти и научни истражувања, е тврдењето дека ниту еден не се заразил со новиот корона вирус на Велигден во црква, ниту пак од причестувањето. Како што пишува грчкиот сервис за проверка на фактите, иако нема докази дека луѓе се заразиле со ковид-19 на Велигден в црква, сепак нема цврсти докази и дека нема таков случај.
Поради ненудењето докази, јасно е дека видеото на Кокалис е збир на непоткрепени тврдења и извртувања на вистинските информации , завршува ellinikahoaxes.gr.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар