Новинарски текст или „суд на народот“?

21-09876-098008870-crop-resize

[Рецензија:  Дали Заев ќе се извини за лагите?]

Невообичаена појава – не знаеш дали е новинарски текст, или „суд на народот“. Некој се осмелил не само да коментира судска пресуда преку т.н. медиумски производ, туку и да ја ефектуира пред таа и да стане правосилна. Ова, имајќи го предвид нивото на политичка култура во земјава, можеби би било разбирливо ако е изречено од партиска говорница, но не и ако е дел од нешто што треба да претставува информација за јавноста.

2Линк до оригиналниот напис: Дали Заев ќе се извини за лагите?

Датум и време на објавување: 03.09. 2014, 16:47

Датум на рецензирање: 08.09.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ТЕКСТ ПО УРНЕК ОД НЕКОЕ ДРУГО ВРЕМЕ

Вакви слични текстови, особено со вакви заглавја, претпоставувам биле карактеристични во некои други времиња кога, „во име на народот“ некој го узурпирал правото и само врз аргументите на силата некого истовремено обвинувал, судел и му пресудувал. Секако, не велам дека околностите се исти и дека идентичното се применува и во конкретниот напис, но да си признаеме, аналогијата е присутна. Прво, станува збор за судски процес во кој имаме само првостепена пресуда, што значи дека не се исцрпени сите правни можности за тужениот евентуално да ја докаже вистинитоста на наводите за кои е тужен. Тоа значи дека пресудата се уште не е правосилна и дека најверојатно, како што беше најавено, ќе се користат преостанатите опции во рамките на судскиот систем. Оттука, недвосмилено чисто е дека тужениот не прифаќа дека неговите аргументи биле целосно побиени пред судот и затоа нејасно е врз основа на што некој повикува „Дали Заев ќе се извини за лагите“ кога ниту процесот е правно заокружен, ниту тужениот има намера да се повлече од своите ставови за кои е тужен и осуден во првостепена постапка. Забораваме ли дека секој е невин се додека не се докаже дека е виновен?!

„Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“ – член 13 од Уставот на Република Македонија.

Еве зошто не може и не смее никој друг, освен судските органи во постапка утврдена со закон, да осудува, како што, за жал, се прави во овој текст. „Моралното“ прашање дали некој ќе се „извини за лагите“, претпоставувам, би можел да го постави тужителот, кому, а не на сите граѓани, нели, му е нанесена „душевна болка“, но дури откако правната процедура ќе заврши во целост и конечно ќе се утврди дека некој навистина лажел.

 

КАДЕ СЕ КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ТЕКСТОТ ДА БИДЕ НОВИНАРСКИ?!

Но, тоа дали и кој лажел и дали има или нема нанесена штета ќе им го оставиме на судот и на експертите во постапката, која, според најавеното, ќе продолжи. Она за што можеме и треба да го разгледуваме текстот, се присутноста или отсуството на неопходните критериуми за еден текст да се квалификува како новинарски. Еден од нив, секако, е вистинитоста, за која во овој случај можеме да кажеме дека е подвоена. Попрецизно, има точна информација за исходот на судењето, но на неа се налепени сопствени и импровизирани толкувања со повици за јавни извинувања и сето тоа „обландирано“ преку објавувањето на судската пресуда. Впечатокот е дека се користи одлуката на судот како „грб“ за да се задат дополнителни удари, чие место не е во едно четиво наменето за информирање на публиката.

Околу употребените извори на информации, ако ги исклучиме непотребните и обоени дополнувања, би можело да се каже дека се коректни. Но, не е се фино – пак имаме некакви експерти без тие да се именуваат, или да се лоцираат преку конкретни и цитирани изјави и секако нивните т.н. настапи се во насока на „фаќање сеир“ од положбата во која се наоѓа тужениот и неговиот, како што се нарекува, аматерски обид за водење политичка хајка. Основната вест ја има, тоа не може да се негира, но нејзината тежина и кредибилност се разјадени со непотребните елементи со кои само се потврдува пристрасноста на целиот текст, а се губи на квалитетот на содржината. Ако внимателно се разгледа материјалот, лесно се увидува дека кулминацијата, во негативна смисла, е на самиот почеток и тоа во насловната конструкција „Дали Заев ќе се извини за лагите“, која е сѐ, само не информативен, содржаен сублимат на понудениот текст, и која уште еднаш се заокружува на крајот од написот со формулацијата:

„Останува отворено прашање дали лидерот на опозицијата ќе се извини за манипулациите и измислиците, откако Судот одлучи дека Заев лажел за Македонска банка и го осуди за клевета“.

Ова е пример за подбуцнувачко новинарство кое ич не води сметка за прецизноста и постапката, а се грижи само за сензационалноста и робувањето на интереси кои не се новинарски.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција