Објава на Фејсбук манипулира со паушални податоци за Пописот

Фото: popis2021.stat.gov.mk

Текстот споделен во овој пост на Фејсбук во никој случај не може да нуди „официјални резултати“ од Пописот,  затоа што тие се  сооппштени три дена по објавата на написот. Во него се изнесени сосема произволни тврдења. На  Пописот во 2021 година доброволно не се попишале вкупно 132.260 граѓани или 7,2 отсто, но нивните податоци по административен пат сепак влегоа во статистичките пресметки. Меѓутоа за овие над 132 илјади граѓани државата нема податок на која етничка група и религија припаѓаат и кој јазик го зборуваат како мајчин

Текстот споделен во овој пост на Фејсбук во никој случај не може да нуди „официјални резултати“ од Пописот, затоа што тие се сооппштени три дена по објавата на написот. Во него се изнесени сосема произволни тврдења. На Пописот во 2021 година доброволно не се попишале вкупно 132.260 граѓани или 7,2 отсто, но нивните податоци по административен пат сепак влегоа во статистичките пресметки. Меѓутоа за овие над 132 илјади граѓани државата нема податок на која етничка група и религија припаѓаат и кој јазик го зборуваат како мајчин

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук во рамките на кој е прикажан текст со наслов: „ВОНРЕДНИ ВЕСТИ: Официјални резултати, Македонците во пораст, Албанците иселени“, во кој се користат информации коишто со оглед на датумот на објавата на написот (27.03.2022), се неофицијални.

Уште од самиот наслов со ознаката „ВОНРЕДНИ ВЕСТИ“, е очигледна намерата за собирање кликови. Иако, во насловот се најавува текстот во никој случај не може да нуди „официјални резултати“ од Пописот, затоа што тие се сооппштени три дена по објавата на написот што го рецензираме. Уште на самиот старт на статистичката операција Попис, беше кажано дека резултатите ќе бидат објавени по шест месеци, односно на 30 март 2022 година. Текстот се повикува на информации добиени од „извори“ во Државниот завод за статистика, но  без разлика кои извори се користат, резултатите од Пописот кои ги соопштува на 27 март може да бидат само неофицијални.

Официјалните податоци треба да бидат точни, прецизни и позади нив да стои авторитетот на институцијата којашто ги презентира. „Официјалните податоци “, пак, кои ги нуди овој текст се некакви произволни претпоставки.

Вкупниот број на резидентни жители во Македонија изнесува помеѓу 1.830.000 и 1.850.000 луѓе. Од нив, помеѓу 63-64% се Македонци, додека пак 23-24% Албанци, а поради бојкотот 7% се неизјаснети, се вели на почетокот на текстот.

За разлика од овие бројки официјално објавените резултати од Пописот спроведен во септември 2021 година, покажуват дека вкупното резидентно население на Република Северна Македонија изнесува 1.836.713 жители. Според  етничка припадност, 58,44 проценти од населението се изјасниле како Македонци, a 24,30  проценти како Албанци.

Понатаму во текстот се шпекулира дека се користат „извори од Статистика“, според кои наводно:

Од тие 7% неизјаснети граѓани, дури 70% од нив се Македонци, а само 17% Албанци.

Ова е сосема произволно тврдење. На  Пописот во 2021 година, доброволно не се попишале вкупно 132.260 граѓани или 7,2 отсто, но нивните податоци по административен пат сепак влегоа во статистичките пресметки. Меѓутоа за овие над 132 илјади граѓани државата нема податок на која етничка група и религија припаѓаат и кој јазик го зборуваат како мајчин.

Според податоците од пописот, станува збор за лица коишто живеат во земјата, а од некоја причина не се одзвале на повиците за попис – од нив 66.338 се мажи, а 65.922 се жени. Нивните податоци се добиени преку базите на податоци од 12 институции, но освен како бројка, за нив во пописот нема никакви други податоци.

Во ниедна база нема податок за етничката припадност. Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што за овие лица прашањето за етничката припадност, мајчин јазик, јазикот кој се говори во домаќинството и чувството за вероисповед ќе ги нема. Тие се празни, вели  за „Дојче Веле“, директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.

Потоа написот се тврди дека:

Поради Левица и Апасиев и сличните на него, т.н. патриоти, наместо денес Македонците да бидат 65-66%, а Албанците 22-23% во Македонија, сега Македонците ќе бидат за неколку проценти помалку, а Албанците за еден или два проценти повеќе“.

И ова тврдење е паушално. Повиците за бојкот на Пописот секако дека одиграа големо влијание за да има над 132 илјади граѓани кои одбиле доброволно да се попишат, но оваа голема бројка се должи и на други фактори. Исто така, бидејќи не се знае нивната етничка припадност, не може да се каже како оваа бројка влијае на вкуниот процент Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми…

Директорот на ДЗС, Симовски  вели дека бројката на овие граѓани е резултат на бојкотот и на црните кампањи, но додава дека има и други причини за оваа појава. Пописот, пред сè беше спроведен во исклучително специфичен период во време на пандемија, кога многумина сè уште користеа годишни одмори.

Многу луѓе не беа физички присутни тука. Имавме и ковид, многу луѓе не отвораа врати поради тоа што се плашеа од евентуално ширење на болеста и брони други причини, вели првиот човек на Заводот за статистика.

Претпоставките кои се користат во креирањето на насловот на написот што го рецензираме не се поткрепени во самиот текст. Објавените официјални инфомации за реализираниот Попис 2021, покажуваат дека и насловот и самиот текст се базираат на шпекулации.

Така што, гледано во целина овој манипулативен напис ја дезинформира јавноста и очигледно е дека неговата намера е да го привлече вниманието на читателите, посебно во еден сензитивен период кога се очекуваа резултатите на оваа обемна статистичка операција којашто во државата се реализира по 20 години.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција