Објавата шири измислици дека 5Г кулите активираат болести кај вакцинираните луѓе

Фото: pixabay.com

Наспроти изнесеното во оваа објава на Фејсбук, во ковид вакцините нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежата и да предизвика  болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините поради страв од идни пандемии

Наспроти изнесеното во оваа објава на Фејсбук, во ковид вакцините нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежата и да предизвика  болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините поради страв од идни пандемии

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Ужас!!!

Синдромот на бришење на генот 1P36 и претстојната „Марбушка епидемија“ (т.н.) и потенцијалот за емитување специфичен сигнал GHz од кулите 5G за справување со химерични патогени во липидните нано-честички (испорачувани преку вакцината за „ковид“) кај вакцинирани лица. Во клипот е наведено дека преносот од 18 GHz ќе се емитува од 5G кулите 1 минута (3 пати), како пулс, за да се отворат споменатите химерични патогени… 

Во видеото всушност се говори дека „во вакцините против ковид кои луѓето ги имаат веќе примено, постојат патогени коишто не се активирани, а тоа се марбург вирусот, ебола стафилокока и тие ќе бидат активирани од страна на 5Г мрежа на фреквенција од 18 гигахерци за да се отворат тие патогени во телото на примателите на вакцината и така да почне новата епидемија на Марбург”.

Ова е теорија на заговор. Како што пишуваат проверувачите на факти на Фулфект, не постојат докази дека Марбург вирусот се наоѓа во вакцините против ковид. 5Г мрежата не предизвикува вирусна болест! Болеста од вирусот Марбург е тешка инфекција која може да предизвика хеморагична треска слична на ебола. Стапката на смртност варира, во некои случаи помалку од 30 проценти од пациентите починале, но во други случаи стапката на смртност е исклучително висока. Двете најголеми епидемии во Ангола и Демократска Република Конго имаа смртност од 83 до 88 проценти.

Но, вирусот не е во ковид вакцините. Листата на состојки во ковид вакцините се јавно достапни. Ниедна не содржи Марбург вирус. Тврдењето дека во вакцините има состојки кои што откако ќе се активираат преку 5Г мрежа ќе предизвикаат Марбург епидемија е небулоза и теорија на заговор. Слични измислици беа пласирани и додека траеше ковид пандемијата.

Доктор Симон Кларке професор по клеточна микробиологија на Универзитетот Ридинг вели:

Електромагнетните бранови се една работа, вирусите се сосема друга работа и не може да добиете вирус од телефонски бран.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје. Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии и не може да шири болести.

Дополнителен доказ дека вирусот Марбург не се шири преку ковид вакцината односно преку имунизација, претставува фактот што последната епидемија на Марбург е забележана во 2017 година кога немаше ниту ковид, ниту вакцини против ковид! Тогаш, во 2017 година, во Уганда беа потврдени 4 случаи. Потоа имаше случаи во Гвинеја. Проверувачите на факти од Бразил на сервисот Лупа, пишуваат дека вирусот Марбург се шири од човек на човек преку контакт со телесни течности, па ризикот за пренос е поголем кога има меѓународни патувања.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, во ковид вакцините нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежа и да предизвика болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините поради страв од идни пандемии.

Синдромот на бришење на 1Р36 генот е нарушување кое типично предизвикува тешка интелектуална попреченост. Најголемиот број од афектираните индивидуи не зборуваат, или пак, само кажуваат неколку зборови. Може да манифестираат бихејвиорални проблеми. Имаат структурни абнормалности на мозокот и конвулзии кај половина од пациентите. Вообичаено овие пациенти имаат потешкотии со голтањето и слаба мускулна маса. Овој синдром е предизвикан од бришење на генетски материјал во хромозомот 1. Знаците и симптомите се резултат на загубата на повеќе гени. Но, наспроти изнесеното во објавата, вакцинацијата против ковид-19 не го предизвикува ова.

Поради сите горенаведени факти оваа објава на Фејсбук ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција