Објавата шири невистини дека Шолц и Фон дер Лајен биле понижени при посета на Кина

Фото: europarl.europa.eu - bundestag.de

Претседателката на ЕК Фон дер Лајен деновиве не ја посетила Кина, така што не ни можела да помине пасошка контрола заедно со регуларните патници зашто не ѝ бил признаен дипломатскиот статус, како што неточно тврди оваа објава. Германскиот канцелар Шолц навистина беше во  Кина минатиот месец, во посета првенствено фокусирана на затегнатата економска релација меѓу Кина и Германија. Најнапред беше во индустрискиот центар Чонгкин, а потоа и во финансискиот центар Шангај, но тој имаше и средби со кинескиот лидер Кси Џинпинг и премиерот Ли Кианг. За што има извештаи во медиумите, а самиот Шолц на социјалната мрежа Икс објави фотографија од средбата со  Џинпинг. Не е точно ниту дека „Шолц е поставен на функција без никој да го гласа и да го избере“. Toj стана нов канцелар на Германија откако обезбеди мнозинство од 395 од 736 делегатски ливчиња на парламентарното гласање

Претседателката на ЕК Фон дер Лајен деновиве не ја посетила Кина, така што не ни можела да помине пасошка контрола заедно со регуларните патници зашто не ѝ бил признаен дипломатскиот статус, како што неточно тврди оваа објава. Германскиот канцелар Шолц навистина беше во  Кина минатиот месец, во посета првенствено фокусирана на затегнатата економска релација меѓу Кина и Германија. Најнапред беше во индустрискиот центар Чонгкин, а потоа и во финансискиот центар Шангај, но тој имаше и средби со кинескиот лидер Кси Џинпинг и премиерот Ли Кианг. За што има извештаи во медиумитеа самиот Шолц на социјалната мрежа Икс објави фотографија од средбата со  Џинпинг. Не е точно ниту дека „Шолц е поставен на функција без никој да го гласа и да го избере“. Toj стана нов канцелар на Германија откако обезбеди мнозинство од 395 од 736 делегатски ливчиња на парламентарното гласање

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ЕУ и ГЕРМАНИЈА.
Деновиве Урсула Фон дер Лајен ја посети Кина.
Кинезите ја упатиле да чека во ред за пасошка контрола заедно со регуларните патници.
Понижување!
Одбиле да и признаат дипломатски статус.
Зошто?
Затоа што дипломатите доаѓаат од земји, а ЕУ не е земја и нејзините функционери не можат да уживаат дипломатски статус.
Некако во исто време, деновиве, и Олаф Шолц, канцеларот на Германија ја посети Кина.
Него на аеродром го дочека локалниот градоначалник.
Понижување! Зошто?
Затоа што Олаф Шолц, од градоначалник е поставен на функцијата канцелар, функција за која никој не го гласал и не го избрал.
Така мислат Кинезите и така мислат барем 2/3 од светот, кога се во прашање ЕУ и Германија.

Не е точно дека претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен деновиве ја посетила Кина. Деновиве (6 мај 2024 година) таа имаше трилатерална средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон и со претседателот на Кина, Kси Џинпинг, ама оваа средба не се одржа во Кина, туку во Париз Франција. Потоа Џинпинг се упати во посета на Србија, а планирана е и негова посета и на Унгарија.

Урсула фон дер Лајен ја посети Народна Република Кина на 7 декември 2023 година и тоа на самит во Пекинг, заедно со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. За оваа конкретна посета, никаде во ниеден медиум не е објавено дека „била упатена да чека на пасошка контрола со регуларните патници“, ниту пак, дека „не ѝ бил признаен дипломатскиот статус“, како што се тврди во објавата.

Претходно Урсула фон дер Лајен ја посетила Кина во април 2023 година со претседателот на Франција Макрон. Токму од оваа посета за која известуваше тогаш „Политико“, потекнува погрешната интерпретација во објавата дека наводно Урсула фон дер Лајен „чекала во ред на пасошка контрола заедно со регуларните патници“. Во текстот на „Политико“ се опишува како тогаш, во април 2023 година, постоела огромна разлика во начинот на кој кинеските власти се поставиле кон Урсула фон дер Лајен и кон Емануел Макрон кои биле во посета на Кина во исто време. Во дел од текстот на „Политико“ кој се однесува на настан постар од една година, се прави споредба на пречекот на Марон и на Фон дер Лајен, па се вели:

Претседателот на Франција Емануел Макрон доби третман со црвен тепих оваа недела во Пекинг, со државна прослава и поздрави од воена парада и пукање со топови на плоштадот Тиананмен. Кога авионот на Макрон ја допре пистата, лично беше пречекан од министерот за надворешни работи на Кина. Кога претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен пристигна, таа го „доби“ министерот за екологија и редовен патнички излез, пишува во текстот на „Политико“ од 6 април 2023.

Од фотографија објавена на Икс, евидентно е дека тогаш Урсула фон дер Лајен била дочекана од  министерот за екологија Хуанг Ранчу на платформа што наликува на обичен патнички излез. Меѓутоа, тоа не значи дека ја упатиле да чека ред за пасошка контрола заедно со другите патници, како што е наведено во објавата што ја рецензираме, ниту пак, дека „одбиле да ѝ го признаат дипломатскиот статус зашто ЕУ не е земја“.

Со дипломатските мисии на ЕУ раководи European External Actions Service или Европска служба за надворешно дејствување. Иако ЕУ и Европската комисија имаат дипломатски активности предводени од EEAS, тие немаат типичен дипломатски статус, како што би имале како државни претставници на една нација (на пример амбасадорска позиција), согласно Виенска конвенција за дипломатски односи. Без разлика на тоа, обично се договараат дипломатски протоколи за ослободување на високи претставници од стандардните процедури за имиграција. Овие посети обично однапред се координираат помеѓу земјата домаќин и делегацијата во посета за да се обезбеди непречена и сигурна посета. Во случајот на ЕУ делегати, тоа се спроведува со „EU laissez passer“ документот. 

Не постои ниедна информација дека ваквиот протокол бил прекршен или променет. Ако претседателката на Европската комисија поминала пасошка контрола со чекање заедно со регуларните патници тоа би било дипломатски скандал кој медиумите би го пренеле, што не се случи. Ниту пак, Урсула фон дер Лајен има споменато вакво нешто на прес-конференцијата пред крајот на посетата.

Германскиот канцелар Олаф Шолц пак, навистина беше во посета на Кина на 14 април, во посета фокусирана на затегнатата економска релација меѓу Кина и Германија. Првата дестинација на Шолц беше индустрискиот центар Чонгкинг каде тој и неговата делегација министри и бизнис лидери беа во посета на компанија делумно финансирана со германски капитал, како и други локации во градот кој претставува производствена база на кинеската автомобилска индустрија и другите индустрии.

Но, освен посетата на овој центар, Шолц, исто така, имаше посета на финансискиот центар Шангај, за време на тридневниот престој, каде во главниот град Пекинг имаше средби со кинескиот лидер Кси Џинпинг и премиерот Ли Кианг.

Следствено, не е точно дека Шолц бил дочекан во Кина само од политичари од понизок ешалон, туку неговата посета беше на високо политичко ниво.

Средбата меѓу Џинпинг и Шолц (16.04.2024) беше медиумски покриена и беше пренесено за што се разговарало на неа.

Се додека двете страни се согласуваат на заемна почит, бараат заеднички јазик и покрај разликите, комуницираат и учат една од друга и постигнуваат вин-вин соработка, дотогаш односите меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат стабилно, му рекол Џинпинг на Шолц, пренесува Еуроактив.

Самиот Шолц на социјалната мрежа Икс објави фотографија од средбата.

Мојот состанок со претседателот Си исто така ќе се фокусира на тоа како можеме повеќе да придонесеме за правда и мир во Украина. Добро е што имаше интензивна размена меѓу нашите влади од мојата последна посета на Кина. Имаме многу теми за разговор, напиша тој.

Не е точно дека „Олаф Шолц е поставен на функција без никој да го гласа и да го избере“. Toj ја наследи Ангела Меркел како нов канцелар на Германија откако обезбеди мнозинство од 395 од 736 делегатски ливчиња на парламентарното гласање.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција