Очила на еднаквоста
Кога медиумите допираат проблематика што се однесува на дискриминацијата, многу лесно е да се измести фокусот на гледање од актот на дискриминација кон ставовите, перцепциите и вреднувањата (базирани на стереотипи и предрасуди) за одредена група луѓе
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Дискриминацијата е упорен и комплексен општествен феномен што упорно опстојува во односите меѓу луѓето. За дискриминација станува збор во ситуација кога некои луѓе не можат да ги практикуваат основните права и слободи на еднаков начин со другите заради некоја своја карактеристика.
Во современиот момент од животот на цивилизацијата луѓето се договориле дека сите имаат еднакви права и основни слободи едноставно и само заради тоа што се човечки суштества. Тоа значи дека правата не се даваат и не се заслужуваат, туку ги имаме. Тоа, исто така, значи и дека кога зборуваме за дискриминација не станува збор за тоа дали некој има права или не, дали има повеќе или помалку права, дали има права со ист квалитет и содржина или со некој друг квалитет и содржина.
За дискриминација станува збор тогаш кога некој не може да си ги оствари правата, кога му се ограничени, кога му се повредуваат правата кои ги има како човек. Дискриминацијата може да биде насилна и ненасилна, меѓутоа секогаш станува збор за различен третман (постапување или исклучување), кој доведува до ограничување на можноста некој човек да ги практикува правата што ги има заради некоја карактеристика која ја има (или која му ја припишуваат дека ја има) или заради своето потекло (или потеклото кое му го припишуваат).
Поради комплексноста и раширеноста на дискриминацијата борбата со овој феномен, исто така, подразбира потреба од широка и континуирана активност на многу субјекти.
Улогата на медиумите во однос на дискриминацијата започнува со идентификувањето/откривањето на истата и со јасно посочување на актите на дискриминација (што подразбира таков начин на информирање кој ќе ѝ овозможи и на јавноста да ја види дискриминацијата).
Во медиумите во Република Македонија многу малку се разоткриваат случаите на дискриминација и јавноста има многу малку можности да разбере зошто еден акт е дискриминирачки.
Зошто се одржува маршот на толеранцијата?
На пример, под насловот “ФОТО: Кој се ги бранеше правата на хомосексуалците“ е сместена фото-сторија за маршот на толеранцијата, одржан на 16.11.2013 година. Истата фото-сторија под ист или сличен наслов е репродуцирана и во неколку други медиуми (Азбука на градот, Press24). Фото-сторијата е оценета како спин во рецензија направена во рамките на Сервисот за проверка на факти од медиумите. Самиот настан е обработен и во други медиуми (најчесто под насловот: марш на толеранцијата), во кои е направен обид за објективно претставување на целите на организаторите на маршот (според чии изјави тоа претставува марш против насилството и посебно она насилство кое се базира на некој вид дискриминација). Овде е дадено најшироко објаснување на маршот и неговите цели преку опширно пренесување на изјавите на организаторите и учесниците.
Она што недостасува во медиумското претставување на овој настан (дури и кај медиумите што се обидуваат да ја промовираат идејата зад која стојат организаторите на настанот) е натамошна анализа со цел подигање на разбирањето на суштината на одбележувањето на овој датум (како ден кога е усвоена Декларацијата за принципите на толеранцијата од страна на државите членки на УНЕСКО) и разбирање на триаголникот: дискриминација/нетолеранција/насилство.
Зошто насилството базирано врз дискриминација е посебно опасно?
Секое насилство може и треба да биде осудено. Меѓутоа, она што го издвојува насилството базирано врз некој од основите за дискриминација, е токму изворот на нетрпението што довело до насилство. Најголем број граѓани во целост се согласуваат дека насилството е лошо и дека не треба да го има. Она што треба да биде објаснето е зошто баш насилството против одредени групи луѓе е толку важно за да биде предмет на посебен интерес на цивилното општество. Треба да се објасни дека токму одредени групи луѓе заради своите карактеристики можат полесно, почесто и со помали последици за насилникот да станат жртви на насилство.
На пример, тоа што некој е изложен на насилство заради тоа што е жена, припадник на одредена етничка заедница, или, пак, заради тоа што е човек со нехетеросексуална ориентација, претставува дискриминација која овие луѓе ги оневозможува да се движат, да работат, да комуницираат на еднаков начин како и другите луѓе. Постојаниот страв дека може да бидат изложени на насилство од кое не можат да се одбранат, или кое многу тешко може да го докажат, ги спречува луѓето со одредени карактеристики да го живеат животот на еднаков начин како другите.
Без соодветно објаснување на проблемот со насилството што се потпира на некој од основите на дискриминацијата, написите можат да се претворат во алатки за поттикнување на насилство базирано на дискриминација наместо намалување на истото.
Зошто сите имаат право на протест, без оглед кои се и какви се?
Низ оваа призма треба да се погледнат и известувањата, на пример, за можното одржување на геј-парада во Скопје што се појавија во медиумите пред неколку месеци и повторно се актуелизираа изминатата недела (Press24, MKnews, DW, Радио Слободна Европа).
Ако погледнеме низ очилата на еднаквоста, во целокупната расправа која се отвори околу оваа можност, воопшто не треба да се постави прашањето дали нѝ се допаѓа или не постоењето на луѓе со нехетеросексуална ориентација (за ова сигурно има многу различни ставови). Она што треба да се постави како проблем, она за што треба да се расправа е, всушност, дали луѓето со нехетеросексуална ориентација имаат можност да го практикуваат своето право на мирно собирање и демонстрирање (гарантирано со член 21 од Уставот на Република Македонија) и дали државата ја извршува својата обврска да овозможи остварување на ова право.
Најмногу до ваков вид анализа се приближува авторот на написот “И македонски хомосексуалци не се за геј парада“ објавен во Нова Македонија во 2012 година. Меѓутоа, и во оваа анализа не се спомнува правото на мирно собирање како основно човеково право, кое не може да се изгуби со тоа што некој се идентификува себеси како хомосексуалец или како лезбејка или бисексуалец. Медиумите треба да им помогнат на граѓаните да разберат дека постои одредена група луѓе, чие однесување веќе не е криминализирано и не е предмет на било кој вид санкционирање (Македонија во одреден момент го декриминализирала нивното однесување како дел од сопствениот развој и прифаќањето на концептот за човекови права). Меѓутоа, декриминализацијата не е проследена со морално прифаќање, заради што тие луѓе не можат слободно да практикуваат право кое спаѓа во редот на уставно гарантираните права.
Кога медиумите допираат проблематика што се однесува на дискриминацијата, многу лесно е да се измести фокусот на гледање од актот на дискриминација (што значи вид на нееднакво постапување кон одредени луѓе заради некоја нивна карактеристика и оневозможува тие луѓе да ги практикуваат гарантираните права и слободи) кон ставовите, перцепциите и вреднувањата (базирани на стереотипи и предрасуди) за одредена група луѓе.
Во вакви услови неретко медиумот може да падне во стапицата на структурната дискриминација, која се потпира на традицијата, на вообичаеното и општоприфатено однесување и на раширените ставови на мнозинството. Во тој момент веста/информацијата/анализата од алатка за борба со дискриминацијата станува орудие на дискриминацијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар