Опозицијата не го критикуваше Коце Трајановски поради приходите на ЈПДП, туку поради кадровско решение

Фото: скриншот

Тврдењето на ВМРО ДПМНЕ дека критиките од опозициската СДСМ се поради тоа што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) остварило повисоки приходи во јули годинава, наспроти истиот месец минатата година е недоследно. Социјалдемократите конкретно го критикуваа поставувањето на Миланчо Митревски за шеф на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец и никаде не се спомнува работата на ЈПДП. Исто така, спорно е дали остварениот раст во приходите од патарините е исклучиво заради одлуките на новиот директор на претпријатието, Коце Трајановски

 

Тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека критиките од опозициската СДСМ се поради тоа што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) остварило повисоки приходи во јули годинава, наспроти истиот месец минатата година е недоследно. Социјалдемократите конкретно го критикуваа поставувањето на Миланчо Митревски за шеф на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец и никаде не се спомнува работата на ЈПДП. Исто така, спорно е дали остварениот раст во приходите од патарините е исклучиво заради одлуките на новиот директор на претпријатието, Коце Трајановски

 

 

Во соопштението на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ каде што реагираат на критиките од опозицијата за работата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), може да се детектираат неколку недоследни тврдења

Тоа што на СДС им пречи во ЈПДП е тоа што во месец јули оваа година во однос на месец јули минатата година наплатата од патарини е зголемена за 1.1 милион евра. СДС гледаат колку е подобрена работата на ЈПДП и затоа го напаѓаат Коце Трајановски

СДС гледаат како сега се работи во ЈПДП и со која брзина се реализираат работите, нешто што беше незамисливо во нивно време. Втора работа која СДС сака да ја сокрие и заради која го напаѓа Коце Трајановски е тоа што непосредно пред избори во ЈПДП бројот на вработени го зголемиле за 50%, т.е. вработиле нови 150 луѓе

СДС ја кријат партизацијата која ја направиле и мислат дека со неосновани напади ќе го измамат народот. Најголемиот страв пред се е заради одговорноста за милионските криминали кои ги правеле, за која знаат дека доаѓа.

[Извор: ВМРО ДПМНЕ веб-сајт – Соопштение; датум: 13.10.2024]

 

Oбразложение

Во обид да се одбранат од обвиненијата на опозицијата, од влдејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во соопштението изнесуваат неколку недоследности во врска со приходите на ЈПДП и причината зошто социјалдемократите го критикуваат директорот на претпријатието Коце Трајановски

Во две прес-конференции, од СДСМ го обвинија Трајановски заради тоа што го назначил Миланчо Митревски за шеф на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец. Според документот што го презентираа, на Митревски му било изречено решение за дисциплински казни од самото претпријатие за злоупотреба на службената положба, односно затоа што, според документот, наплаќал повеќе на патарините и парите си ги задржувал за себе.

Документ – „Решение за изрекување на дисциплинска мерка“, презентиран на прес-конференцијата на СДСМ

Потоа, на втората прес-конференција социјалдемократите обелоденија документи дека новоназначениот Митревски, всушност, не ги плаќал патарините низ кои поминувал. Во соопштението се споделуваат слики од алатката на порталот на ЈПДП за „Плаќање на билет за ненаплатена патарина со налог за плаќање“ каде може да се провери состојбата на неплатени билети според регистарските таблички на возило.

На овие две соопштенија, од ВМРО-ДПМНЕ реагирираа со тоа што упатија контраобвинувања дека СДСМ го напаѓа директорот Трајановски, бидејќи тој за само неколку месеци откако е на директорската позиција ја зголемил наплатата на патарини за јули за 1,1 милиони евра во споредба со истиот месец од минатата година. 

Спорниот момент со нивното соопштение е тоа што критиките на СДСМ воопшто не се во фокус приходите на претпријатието – тие никаде не ги спомнуваат истите.

Инаку, приходите од патарините имаат раст секоја година. Иако на страницата на ЈПДП не може да се најдат конкретни податоци по месец, но може да се најдат по тримесечје, како и годишни извештаи за остварените приходи на претпријатието. Според, годишните извештаи за 2023 (33 стр.), 2022 (33 стр.), 2021 (26 стр.), 2020 (22 стр.) и 2019 година (23 стр.) може да се најдат следните податоци за приходите остварени од патарините:

Фото: ЈПДП – приходи од патарини од 2019 од 2023, прикажано во илјади денари

Се забележува дека со исклучок на 2020 година кога, заради ковид пандемијата нужно се ограничи движењето низ македонските патишта, сите други години имаат стабилен раст на приходите од патарините. Дополнително, според извештајот на Министерството на финансии за вкупните приходи и расходи за 2023 година и планираните за 2024 година, може да се види дека оваа година било планирано вкупната добивка пред оданочување да се зголеми за 2,735 милиони денари – приходи кадешто се вклучуваат и приходите од патарините.

Фото: скриншот од извештајот на МФ

Да имаше значителна промена во приходите од патарините откако Трајановски е назначен директор во јули и таа да беше толку воочилва, од неговата пртија веројатно ќе ги цитираа податоците за сите месеци досега. Немаше да го споменат само јули, еден од двата месеца кога има најмногу движење низ државните патишта поради летните одмори. Во меѓувреме, ги побаравме точните податоци за приходите од патарини за секој месец  оваа и минатата година од ЈПДП, но до објавување на текстот сè уште немаме одговор. 

Во истото соопштение владејачката партија обвинува и дека минатата влада предводена од СДСМ вработила 150 нови луѓе во претпријатието. И за ова се обративме до ЈПДП, но сè уште немаме одговор за точната бројка на вработени.

Но, според списокот на вработени објавен на веб-страницата на ЈПДП, во ова јавно претпријатие има вработено 119 лица. Oд друга страна, според јавно достапните информации од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), бројот на вработени во ЈПДП се менувало низ годините. Во 2019 (149 стр.) претпријатието броело најмногу вработени со 462, а наредната година (62 стр.) претпријатието изгубило речиси четвртина од вработените и имало вкупно 364, а оваа бројка (плус – минус 10) се задржала и во наредните три години 2021 (60 стр.), 2022 (54 стр.) и 2023 (63 стр.).

Па, имајќи го превид сето ова, тврдењето на ВМРО ДПМНЕ дека критиките од опозициската СДСМ се заради тоа што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) остварило повисоки приходи во јули годинава, наспроти истиот месец минатата година е недоследно. Социјалдемократите конкретно го критикуваа поставувањето на Миланчо Митревски за шеф на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец и никаде не се спомнува работата на ЈПДП. Исто така, спорно е дали остварениот раст во приходите од патарините е исклучиво поради одлуките на новиот директор на претпријатието, Коце Трајановски

 

Извори:

  • (13.10.2024) ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – [Проверено: 15.10.2024]
  • (12.10.2021) СДСМ – Прес-конференција – [Проверено: 15.10.2024]
  • (13.10.2021) СДСМ – Прес-конференција – [Проверено: 15.10.2024]
  • (05.2024) Извештај за работењето на ЈПДП – 2023 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (05.2023) Извештај за работењето на ЈПДП – 2022 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (06.2022) Извештај за работењето на ЈПДП – 2021 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (06.2021) Извештај за работењето на ЈПДП – 2020 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (06.2020) Извештај за работењето на ЈПДП – 2019 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (14.05.2024) Министерство за финансии – извештај за приходи на ЈП – [Проверено: 15.10.2024]
  • (03.2024) МИОА – Годишен извештај за податоците од регистарот на вработените во јавниот сектор  – 2023 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (03.2023) МИОА – Годишен извештај за податоците од регистарот на вработените во јавниот сектор  – 2022 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (03.2022) МИОА – Годишен извештај за податоците од регистарот на вработените во јавниот сектор  – 2021 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (03.2021) МИОА – Годишен извештај за податоците од регистарот на вработените во јавниот сектор  – 2020 година – [Проверено: 15.10.2024]
  • (03.2020) МИОА – Годишен извештај за податоците од регистарот на вработените во јавниот сектор  – 2019 година – [Проверено: 15.10.2024]

 

Оценил: Матеј Тројачанец

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција