Општина Бутел не доби нова поликлиника

Фото: Фејсбук профил на Општина Бутел

Ветувањето на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, за изградба на поликлиника е неисполнето. Иако за ова имаше најави и од локалната самоуправа и од Министерството за здравство, сепак досега (28.09.2021) во оваа скопска општина не е изградена ваква здравствена установа (цврста градба).

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на нова поликлиника во Општина Бутел

[Извор: Изборна програма на Велимир Смилевски, градоначалник на Општина Бутел, стр.15: Рок: 2020 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, за изградба на поликлиника е неисполнето. Иако за ова имаше најави и од локалната самоуправа и од Министерството за здравство, сепак досега (28.09.2021) во оваа скопска општина не е изградена ваква здравствена установа (цврста градба).

Проектот е дел од предизборната програма на Смилевски „Живот во Бутел! За сите!“, објавена пред локалните избори во 2017 година. Во програмата е наведено дека во интерес на превенција и заштита на здравјето на граѓаните, на територијата на општината има само еден објект кој е изграден во 1963 година, а кој работи само со двајца матични доктори.

Имаме три рурални средини каде нема амбуланти, а постојат услови за нивно отворање. Согледувајќи го сево ова произлегува дека идната општинска власт ќе мора да иницира соработка со Министерството за здравство изградба на поликлиника на територија на општина Бутел. Изградбата на поликлиниката е од витално значење на граѓаните од општината. Со самата изградба на објектот граѓаните ќе заштедат на време и ресурси, а здравствените услуги ќе бидат подостапни за нив, се вели во предизборната програма на Смилевски.

Ветувањето за изградба на поликлиника, Смилевски го најави и во текот на предизборната кампања, на 27.10.2017 година.

Кандидатот за градоначалник на општина Бутел од СДСМ, Велимир Смилевски, вети изградба на поликлиника во општината ако ја добие довербата на граѓаните на изборите што ќе се одржат следната недела, пренесе Макфакс.

На 28.01.2020 година, Владата на седница донесе одлука за итна изградба на поликлиника во Општина Бутел.

На денешната седница Владата го разгледа и прифати барањето за итна изградба на поликлиника во општина Бутел врз основа на позитивното мислење на Министерството за здравство, со оглед дека во планираната фискална 2020 година за оваа намена се предвидени средства во буџетот на Република Северна Македонија, јави А1 он.

На седницата Владата донела заклучок да ѝ препорача на Општина Бутел да го донесе деталниот урбанистички план за изградба на поликлиниката.

На 04.02.2020 година, Смилевски во изјава за Слободна ТВ потврди дека изградбата на поликлиниката целосно ќе биде финансирана од Владата.

Рокот за изградба се надевам ќе биде многу брз бидејќи средствата ги имаме. Општината има еден горлив проблем бидејќи на цела територија на општина Бутел во изминатиот период се нема нацртано ниту амбуланта ниту поликлиника. Во моментот работиме на тоа и за брзо време ќе дадеме одобрение за градба, изјави Смилевски.

Во мај 2020 година „Вистиномер“  го праша градоначалникот Смилевски, до каде е донесувањето на деталниот урбанистички план за изградба на поликлиниката. Тој тогаш кажа дека поради вонредната состојба со коронакризата, сите активности на општинско ниво биле стопирани, но според новите насоки од Владата, набрзо ќе продолжат со вообичаените активности.

Од Владата добивме указ дека не можеме да работиме поради епидемијата од коронавирусот и досега имавме застој во работата. Но, завчера добивме нов указ, според кој може да продолжиме со активностите, така што во тек сме на подготовка на јавната анкета за поликлиниката. Ние во ДУП-от немаме исцртано амбуланта, но мислам дека нема да биде проблем неговото донесување, бидејќи не правиме ништо друго освен што блокот го делиме на два дела, ништо друго не чепкаме. Средставата за изградба се обезбедени, сега е само до нас да го донесеме ДУП-от и тоа брзо ќе биде – ни изјави тогаш Смилевски.

Во септември 2021 година, во Бутел почна да се гради нова амбуланта, но модуларна, а не цврст објект како што беа првичните најави и планови. Прашан зошто во случајот со амбулантата во Бутел се оди на монтажна варијанта, министерот за здравство Венко Филипче рече дека тој модел се покажал како добар и оти на тој принцип се изградени и ковид одделенијата во земјата.

Моделот е брз и ефикасен. Не постои друг модел за којшто 10 објекти ќе се направат за помалку од седум или осум месеци. Не може граѓаните веќе да чекаат и не е фер да чекаат нешто што навистина заслужуваат да го имаат. Градбите цврсти траат многу долго, многу се поскапи од ова, а ова се и енергетски ефикасни модели, рече Филипче.

Сепак, набрзо откако почна, изградбата на модуларната поликлиника во Бутел беше запрена, објави Сител, од каде побарале одговор за причината, но надлежните од Минисетсрвото за здравство не откриле конкретно за што се работи.

Замената на времените објекти од амбулантно-поликлиничка дејност, се одвиваат согласно планираните активности. По согледувањето од стручниот надзор, а во врска активностите на терен се работи на дообезбедување на инфраструктурни приклучоци и запазување на временски рамки поврзани со градежниот процес. Притоа сакаме да напоменеме дека рокот за реализација изнесува 60 дена, односно два месеца, се  наведува во од Министерството за здравство.

Од сето ова може да се констатира дека првично беше најавена изградба на нова поликлиника во Бутел (цврста градба) за која Владата одвои и пари, но се чекаше промена на ДУП-от. Досега (28.09.2021) ваква нова поликлиника во Бутел не е изградена. Подоцна планот се смени и стартуваше изградба на модуларна амбуланта. Меѓутоа и изградбата на модуларната амбуланта во Бутел е сопрена. Па, имајќи предвид дека  мандатот на градоначалникот на Бутел наскоро завршува,  ветувањето на Смилевски за изградба на нова поликлиника во Бутел го сметаме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција