Оставки поднесоа и министрите и замениците-министри од ДУИ

Димитар Мирчев Фото: Скриншот

 

Ненадејната одлука на ДУИ да ги повлече своите министри од Владата за „Телеграф“ ја анализираше професорот Димитар Мирчев.

Сите сигнали укажуваат дека ќе има избори, а тоа се гледа и од последната изјава на комесарот Јоханес Хан. Ова за ДУИ можеби е и дел од предизборната кампања, за да се ослободи од целиот товар во учеството во владејачката коалиција. Се работи само за министрите, што не значи дека ДУИ ќе се повлече од другите функции. Доколку се евидентираат оставките, нивните заменици ќе ги преземат обврските до формирањето нова влада – анализира Мирчев.

[Извор: Телеграф, Датум: 1.4.2016 ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на професорот Мирчев во најмала рака е недоследна.

Ноќта помеѓу 31 март и 1 април, Претседателството на Демократската унија за интеграции (ДУИ) одлучи да ги повлече своите актуелни претставници од извршната власт, пласирајќи само штуро соопштение.

Во соопштението се вели дека Претседателството, исто така, ги потврди статутарните права и ги делегира сите извршни права и овластувања за донесување одлуки на лидерот, Али Ахмети за да одлучи за следните чекори на Демократската унија за интеграција.

Демократската Унија за Интеграција, исто така, ја информира локалната и меѓународната јавност дека ќе ги преиспита своите политики во наредните денови, пишува во соопштението на ДУИ.

Во него не се наведуваат причините поради кои ДУИ ја донеле ваквата одлука.

Утредента (01.04.2016) министрите и замениците-министри од ДУИ ги депонираа своите оставки до техничкиот премиер за спроведување на избори, Емил Димитриевски.

Истиот ден (01.04.2016) Демократската унија за интеграција издаде подолго соопштение во кое ја дообјаснува одлуката за напуштање на Владата. Во соопштението акцентот е ставен на снимките од разговори на високи функционери на партијата кои протекоа во јавноста и на одговорноста за нивната дистрибуција.

Нашиот чекор е резулат на институционална парализа и пасивноста на надлежните служби со што се попречуваат нашите напори за заеднички систем на контрола на ваквите дејствија. Затоа овој чекор е продолжување на нашите напори за демократија и систем на социјални и политички реформи. ДУИ ги осудува овие снимки и тврди дека се целосно невистинити, монтирани. Со тоа ги покануваме граѓаните да не станат жртва на криминалци, стои во соопштението.

Преку соопштението ДУИ ги повика и специјалниот обвинител веднаш да се вклучат во истрагата на овој сериозен криминал, кој како што велат има за цел да се загрозат јавни личности и да влијае на работата на оваа институција, која има правна одговорност кон прислушуваните разговори, кои се веќе на пазарот и тие се обработуваат на црниот пазар насекаде во регионот.

ДУИ не е причината за кризата, но е гласот на разумот и промотор на државата и сега е жртва на девалвација и процесот на компромис. И затоа одлучи да ги повлече своите актуелни членови на извршната власт и нема да толерира процесот на дегенерација, повреда на суверена пресуда, инсталација во андерграунд сцена, а исто така ги повикува граѓаните да не им веруваат на монтираните снимки чија цел е да му се наштети на процесот на реформи, пишува во соопштението на ДУИ.

Министрите и замениците министри од ДУИ на 01.04.2016 година ги поднесоа оставките до Владата на Република Македонија, потврди и владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

 Можам да потврдам дека до Владата се пристигнати сите оставки на министрите и замениците-министри од редовите на ДУИ. Станува збор за оставките на министрите Муса Џафери, Фатмир Бесими, Беким Незири, Абдилаќим Адеми, Нурхан Изаири, Аднан Јашари и Лирим Шабани, како и на заменик-министрите Ардиан Џеладини, Неметула Халими, Земри Ќамили и Илми Селами, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

И во двете соопштенија се гледа дека според ДУИ се повлекуваат сите членови на извршата власт што значи и замниците-министри и други јавни функционери, а не само министрите како што тврди Мирчев. Исто така дека се повлекуваат и замениците-министри потврди и владиниот портпарол.

Од ова може да се заклучи дека  изјавата на професорот Мирчев, во која тврди дека се повлекуваат само министри  е недоследна.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција