Отчет: Битно „Остваруваме!“ Што и како не е важно!

Од многубројните употреби на лопатите. Фото: Влада на РМ

Груевски и без избори побрза да го даде Отчетот. Дали пребрза или пак побрза да ја отпее својата лебедова песна во залулканоста со своите „успеси“. Изборите се одложуваат, но илузијата за успешноста на оваа власт и натаму ќе се подгрева

 

 

Груевски и без избори побрза да го даде Отчетот. Дали пребрза или пак побрза да ја отпее својата лебедова песна во залулканоста со своите „успеси“. Изборите се одложуваат, но илузијата за успешноста на оваа власт и натаму ќе се подгрева

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

И таа илузија се негува со години. Тие имале програма, другите немаат. А нивната програма не е ништо друго туку една, мора да се признае, вешто осмислена измама, илузија, конструкција со која треба да се соберат што е можно повеќе пари од народот.

Ако програмата, реформите и преземените мерки се прават за да се унапреди, подобри, развие или стимулира некој сегмент од општествено економските состојби и дејности, програмата на ВМРО-ДПМНЕ тоа не го постигнала! Во суштина, нивната програма е збирштина од многу лоши, палијативни, дубиозни и неодржливи решенија на подолг или пократок рок, се со цел јавноста да се одржи во илузијата дека многу се работи, а дека партијата на власт е мошне загрижена и посветена за развојот и иднината на земјата. Нивната парола „Работиме 24/7“, „Остваруваме“ и другите, е само една од низата лажни флоскули познати од тоталитарниот вокабулар. Личната жртва како залог на властодршците е позната како врв на популистичката агресивност.

Партијата, во желбата за апсолутна доминација, се обидува да ги зафати сите сегменти на општественото живеење. Тие се поставуваат во главната улога кога се работи за инвестициите, енергетиката, вработувањето, капиталните вложувања, патната инфраструктура, здравјето, културата, урбаната естетика, науката, образованието, историјата, спортот, сѐ до аспектите на личниот живот – семејство, исхрана, рекреација… Сѐ тоа базирано на една невидена медумска манипулација преку силничкото запоседнување на доминантниот дел од медиумскиот простор.

 

ЛАГИТЕ , СО СИЛАТА НА ПОВТОРУВАЊЕТО, СТАНУВААТ ВИСТИНИ!

Но, само мал површен преглед на овие нивни активности и остварувања(!?) покажува дека сè тоа е на тенки нозе, не држи вода. И што е најважно скоро во ниеден клучен сектор не е постигната некоја позначајна промена или напредок, а она што не беше средено повторно е во неред. Некаде уште поголем.

Власта постојано нуди некои програми, проекти, во некои влегува по секоја цена, иако се просто „извадени од ракав“. Тоа и го стимулира постојаното зголемување на државниот буџет (кога треба и со исфрлање на опозицијата од Парламентот), несразмерен со растот на економијата. Токму затоа УЈП стана своевидна партиска, репресивна, селективна институција. Гони, казнува, затвора – само за да се собере што повеќе арач од рајата. Транспарентност за трошењето на народните пари – нема!

Рековме дека зголемувањето на буџетот е енормно и тоа нема оправдување во ниеден параметар. Добро се сеќавам, во деведесеттите, севкупниот буџет беше помал од една милијарда долари, годинава е проектиран на преку три милијарди евра. Основа за ова трикратно и повеќе зголемување нема во ниеден параметар. Немој некој да каже дека БДП се зголемил за три пати, зашто растот на БДП во овие години ако не паѓа тогаш е од неколку проценти, колку да се потврди стагнацијата која трае со десетлетија

 

САМО ВЕТУВАЊА И ПРЕНАГЛАСЕНИ УСПЕСИ  

Земете ја за пример изградбата на автопати, која е адутот на партијата во моментов. Малку-малку се објавува напредокот на работите на одредени делници, се ветуваат рокови. За цело време на владеењето на Груевски автопати и не се градеа, туку сѐ беше насочено кон локалните, кои, по нивна пресметка, носат повеќе гласови. Како што велеше Груевски – кој оди по автопати, граѓаните се возат по локалните? Кога ќе се изградат за две-три(?) години новите автопати Демир Капија-Смоквица, Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип (со мошне сомнителните аранжмани со Кинезите) и ако се собере километражата и вкупниот број изградени автопати и се поделат со годините на нивното владеење, ќе излезе дека оваа власт годишно едвај да ќе има биланс од по десеттина километри автопат годишно!

Кога сме веќе кај патната мрежа, во своите големи заслуги партијата ги вбројува оние фамозни „реконструкции“ за кои се сечат ленти, се фрлаат први лопати, а, всушност, се работи за мошне редовни обнови на горниот слој или за просто “фрлање” слој асфалт што е, инаку, пресметано во редовното, тековно одржување. Тоа е како си го вбројуваш во голем успех тоа што менуваш долен веш или одиш редовно на забар!

 

ЕНЕРГЕТСКО ЗАОСТАНУВАЊЕ

Ајде, сепак, тука нешто и започна да се движи, но што станува со енергетиката. Уште одамна помпезно се најавуваше дека следат интензивни вложувања во енергетиката, но нема фрлено ни „прва лопата“ за централите Чебрен, Галиште, Бошков мост, Луково поле, проектот Вардарска долина, нови рудници за јаглен, адутите на енергетската преобразба на Македонија. Нема ништо ни од најавената гасификација на ТЕЦ Неготино, со која требаше да се елиминира зависноста од увоз на струја. А, нема ништо и од гасификацијата, сончевата енергија, ветерот. Истовремено, увозот на струја продолжува, што е мошне, мошне профитабилно.

Зголемувањето на вработеноста е омилена тема за партиските пропагандисти. Се говори за зголемување на вработеноста од 150.000 нови работни места. На овој план се мами на повеќе начини. Првиот е промената на методологијата за евиденција на невработените со која се направи административно, вештачко намалување на невработените. Ова е игра која властите ја доведоа до перверзија, заборавајќи на неколку точки кои ги оспоруваат нивните тврдења. Да имаше стварни 150.000 ново отворени работни места во последниве години, тоа, според сите економски теории и практики, ќе резултираше со пораст на БДП во многу позначителен процент од оној минорен раст од два-три проценти кој ни се прикажува како „најуспешен во регионот“. Патем, тој раст не овозможува никаков пробив, туку тапкање во место, во сиромаштија.

Ако претпоставиме дека тие ново отворени работни места се во странските компании кои отвораат фабрики кај нас, од овој придонес во вработувањето треба веднаш да се одбијат по десетина илјади евра за секое ново работно место, субвенции кои Владата им ги дава на странците како стимуланс за отворањето на фабриката во вид на локација, инфраструктура, ослободување од давачки. Така и странските инвестиции стануваат мошне суспектна активност. Но, вистината за ефектите од нив, допрва ќе се осознава. На пример, нивната улога во движењето на цената на работната рака. Реалните нето плати (значи, оние со вклучена инфлација) бележеа пад од 2011 до 2013 година, за да прибележат многу мал раст во 2014, кој малку засилен продолжи и во 2015. Но, овие нагорни движења се многу мали и треба да се види како ќе се одвива движењето на платите во иднина.

 

ИМА СУБВЕНЦИИ – НЕМА ЗЕМЈОДЕЛИЕ

На ова може да се надоврзе и приказната наречена – субвенции во земјоделието. Со години се одвојуваат значителни буџетски средства за помагање на земјоделското производство на храната, особено основните прехранбени производи. Истовремено, пак, увозот на храна, главно на овие исти производи кои се субвенционираат – расте! Но, ова не е заради тоа што граѓаните се разјале повеќе, туку заради тоа што овие средства очигледно не одат таму каде што треба или не се делат на соодветен, регулиран и исправен начин. Одат во џеповите на оние кои како синекура од власта приграбија под концесија огромни пространства земјоделско земјиште, врз основа на што претендираат на добар дел од субвенциите, а да не мораат воопшто да го обработуваат земјиштето. Корист имаат оние кои ја увезуваат неопходната храна. Апсурдот е тотален, криминалот е јасен.

 

ДРПНИ ВАМУ, ДРПНИ ТАМУ – СУМАТА Е ОГРОМНА

Но, најевидентно, најбезобразно и безобѕирно е дрпањето од проектот Скопје 2014, на кој досега се потрошени преку 600 милиони евра, наши пари. Така и креиран, од леарници, до градежници, занаетчии, златни апликации и стиропор конструкции… ако е провизијата 20 проценти, како што е познато, сумата е огромна, заработката на фамилијата енормна. Се црпеше од сè: преку партиските скулптори и архитекти, па преку фамилијарни градежни претпријатија, до садењето на жалните врби во Вардар, потоа и до палми, плажи на суво, насукани галии.

Сега и јавните претпријатија ќе мораат да трошат за рајски градини и панорамски тркала. Ако на ова се приклучат сите оние проекти по општините во кои оваа власт апсолутно доминира, Македонецот е ограбен од сите страни.

Купуваме возови за пруги кои ги немаме. Во недостиг на некоја нова „замајавка“, повторно се актуализира стогодишниот проект за пругата до Бугарија. Ќе сме се возеле по неа во 2020!? Оваа пруга стана историска измама, ја користеа и бившите, еве сега и овие. А, пруга до Бугарија во тој рок сигурно нема да има!

 

КАЈ ДА ДУПНЕШ – ТЕЧЕ!

Нема сфера во која глупостите (или криминалната перфидност) на оваа власт не се покажала.

Појдете од онаа измама со компјутерите во училиштата. Од проект за иднината се претвори во проект од кој нема трага. Сега подготвуваат нов.

Преводите на класичните дела од светската литература и најзначајните дела од светската наука се трагични од аспект на нивното приредување, со катастрофални преводи (до неупотребливост), со сомнителен избор.

Одете понатаму – изградбата на тениски игралишта, на пример. Тие сега буквално пропаѓаат, се разнесуваат на составни делови. Тие се само пропаганден трошок – служеа само за моментите кога се фрлаше првата лопата и на крајот, кога се сечеше лентата. Потоа се препуштија на распад.

Сетете се на онаа разурнувачка реформа на високото образование. Кој сè од партиската листа не стана професор. Парите се дадени, дисперзијата е пропадната, но штетите се поголеми од износите во пари. Цела армија полуписмени високо образувани (!?) кадри ќе останат како спомен. И како товар. Реформите во другите нивоа на образование се неуспешни, од едноставна причина што се лошо осмислени и лошо спроведени.

Состојбата во здравството е една од најпатетичните. Надуената амбиција на ресорниот министер да прикаже дека таму се прават реформи – е неточна, зашто состојбите во јавното здравство (според кажувањата на вработените таму), никогаш не била полоша. И тоа гледано во последните четири-пет децении.

На отчетната конференција на ВМРО-ДПМНЕ во април бевме сведоци на една грда реплика од поминати времиња кога комунистите нѐ убедуваа во безмалку божествената, натчовечката моќ на идејата за совршено општество на иднината. На овој отчетен собир на партијата токму тоа беше обидот.

Ова се само фрагменти од коментари на огромниот „Отчет на ВМРО-ДПМНЕ“, направен токму за тоа никој да не го прочита! Посериозна анализа би била тотално поразителна.

Но, политичкото лудило продолжува. Груевски постојано ни сервира некој од неговите проекти. Дај што ќе дадеш, само да има нешто за денес. Тоа е паролата што испоставува проекти, кои се не само неможни, туку и неиздржани, неодржливи.

Со Потемкинови проекти се сака да се продолжи и одржи владеењето и власта. Но, верувам дека доаѓа време на освестување, време кога сите тие идеите на владетелот се разводнуваат, се топат, паѓаат како кули од карти.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција