Пандемијата и оставката на директори на корпорации немаат врска едно со друго
На ваков начин се прави обид да се доведе пандемијата во причинско последична врска со тоа дали некој е на раководна функција во приватна компанија. Не постојат никакви докази дека има било каква врска меѓу тоа што некој директор на компанија си дал оставка и самата пандемија
Рецензираме пост на Фејсбук кој е парцијално вистинит, а парцијално невистинит во однос на фактите. Најпрво, во постот се тврди дека ,,не лажат со пандемијата а додека тоа го прават, во позадина се случува давање оставки на директори на големи корпорации“. На ваков начин се прави обид да се доведе пандемијата во причинско последична врска со тоа дали некој е на раководна функција во приватна компанија. Не постојат никакви докази дека има било каква врска меѓу тоа што некој директор на компанија си дал оставка и самата пандемија.
Најпрво, утврдивме дека постот што го рецензираме е објавен на профилот со име Мајк Тајсон на 13 февруари 2021 година.
Во постот има листа на директори кои наводно си дале оставка за време на пандемијата. На списокот се директорите на Дизни, Мајкрософт, Хулу, ИБМ, Линкд ин, Убер, Сејлсфорс, Ебеј, МГМ, Нестле, Фоксваген, Мастеркард, Нисан, Викторијас Сикрет и Бет енд бади воркс, Т мобиле, Харли Дејвидсон, Уиворк, Јуул и Тиндер. Овие корпорации се од различни полиња, неповрзани едно со друго, од областа на автоиндустријата, софтверот, интернет продажбата, козметичката индустрија и финансиите.
Но, истиот пост со истата содржина на други профили на Фејсбук е споделен пред 10 месеци,односно на 23 март 2020 година. Во времето на првата објава, пред 10 месеци, само 10 од наведените директори на компаниите се повлекле од функцијата, како што објави веќе сервисот за проверка на факти на Ројтерс.
Тековно, во моментов, Сатја Надела, директор на Микрософт од февруари 2014, уште ја води компанијата, наспроти лажното тврдење во постот дека си дал оставка. Во мај 2020 година, во екот на коронавирусот, тој дава и изјави за американски медиуми за тоа што точно му недостасувало во пандемијата од аспект на бизнис организацијата во компанијата, на што одговара дека му недостигале средбите на состаноци кои се лични и морало да бидат заменети со онлајн алатки.
Значи, Сатја Надела уште е директор на Мајкрософт.
Исто така и Дара Хосровшахи е директор на Убер од 2017 година и продолжува да ја води компанијата заедно со платформата за интернет нарачка на храна за време на пандемијата. Дури и во 2021 година, речиси една година откако првично било објавено лажно на Фејсбук дека се повлекува од функцијата, тој е раководител на Убер и дава изјави за медиумите.
Невистинито е и дека генералниот директор на Ибеј, си дал оставка во текот на пандемијата. Девин Вениг си даде оставка три месеци пред официјалниот старт на пандемијата, кога светот не знаеше дека таа воопшто ќе следува.
Што се однесува на генералниот директор на Нестле, Марк Шнајдер, како што може да се види и од официјалната страница на компанијата, и од неговата биографија објавена таму, уште ја води компанијата и не се повлекол.
Фернандо Мерсе, се повлече од позицијата генерален директор на Нестле Вода Северна Америка од лични причини на 21 февруари 2020, меѓутоа тој не е генерален директор на Нестле, туку на само еден оддел.
Херберт Диес исто е извршен директор на Фолксваген од 2018 година. Истражувањето не доведе до податокот дека во средината на 2020 година, менаџментот решил да ги реорганизира одговорностите за менаџментот на брендот и Диес е генерален менаџер. Значи, воопшто не се откажал од никаква функција.
Неточно е дека генералниот менаџер на Нисан се откажал од функцијата. Три месеци пред да почне пандемијата, компанијата најави дека нејзиниот генерален менаџер Хирото Саикава се повлекува. Повторно, ова повлекување е пред да почне пандемијата.
Т Мобиле пак, најави уште на крајот на 2019 година, на 18 ноември дека нивниот генерален менаџер се повлекува. Панемијата во Вухан почна после повеќе од еден месец!
Откако инвеститорите на Ви Ворк изразија несогласување, нивниот генерален директор Адам Њуман си даде оставка, ама ова се случи во септември 2019 година, три месеци пред почетокот на пандемијата.
Поради фактот што сите горенаведени компании воопшто немаа смена на раководството во текот на пандемијата со коронавирусот, информацијата ја оценуваме како делумно невистинита. Точно е дека компаниите кои не ги наведовме имале смена во раководната структура, меѓутоа не постојат докази ниту никакви индиции дека смената е поврзана со пандемијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар